Прејди на содржината

Алексиј I Комнин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алексиј I Комнин
Ἀλέξιος Α' Κομνηνός
Цар на Источното Римско Царство
Слика на Алексиј I од книга сочувана во Ватиканската бибилотека
Византиски цар
На престол1 април 1081 – 15 август 1118
Крунисување4 април 1081
ПретходникНикифор III Вотанијат
НаследникЈован II Комнин
Роден(а)1048
Починал(а)15 август 1118
(возраст: 62)
СопружникИрина Дукина
ДецаАна Комнина
Марија Комнина
Јован II Комнин
Андроник Комнин
Евдокија Комнина
Теодора Комнина
Исак Комнин
Мануел Комнин
Зоја Комнина
ДинастијаКомнини
ТаткоЈован Комнин
МајкаАна Даласена

Алексиј I Комнин (грчки: Ἀλέξιος Α' Κομνηνός, 1048 - 15 август 1118), бил византиски цар кој владеел од 1081 до 1118 година и основач на династијата Комнини. Тој го преземал водството на царството во многу тешка ситуација. Империја во текот на неговото владеење се соочувала со постојани војни со Турците Селџуци во Мала Азија и со Норманите во западниот дел на Балканот. Алексиј I успеал да го запре опаѓањето на византиската моќ и го започнал военото, финансиското, и територијалното обновување на империјата. Неговите апели до Западна Европа за помош против туркиските народи биле катализатор кое подоцна иницирало да се започнат Крстоносните војни.

Претходен живот

[уреди | уреди извор]

Алексиј бил син на Јован Комнин и Ана Даласена, внукa на Исак I Комнин (цар во периодот од 1057 г. до 1059 г.). Tаткотo Алексиј го одбил престолот по абдикација на Исак кој, во периодот помеѓу 1059 г. и 1081 г. година, бил наследен од четири цареви од други семејства. За време на владеењето на Роман IV Диоген (1067 г.-1071 г.), тој служел во армијата против Селџуците. Тој исто така бил ангажиран и од Михаил VII Дука (1071 г.-1078 г.) и Никифор III Вотанијат (1078-1081). Заедно со неговиот постар брат Исак бил ангажиран против бунтовниците во Мала Азија, Тракија и Епир.

Воена служба

[уреди | уреди извор]

Во времето на владеењето на Михаил VII Дука бунтовите во војската биле особено чести. Карактеристично било за тогашните прилики што јунак на еден таков бунт бил заповедникот на норманските наемници, Урсел од Бајела. Тој како кандидат за царскиот престол го истакнал цезарот Јован Дука. Исто така било карактеристично тоа што византиската влада против него ги повикала Турците. Турците го совладале и го предале за добра откупнина на царскиот командант Алексиј Комнин. Меѓутоа, добри војсководци тогаш во Византија имало малку. Наскоро Урсел бил пуштен од затвор и се борел заедно со Алексиј Комнин во служба на Михаил VII против новите узурпации. Речиси истовремено се појавиле двајца претенденти на престолот од круговите на византиското воено благородништво. Во Мала Азија се кренал Никифор Вотанијат, на Балканскиот Полуостров Никифор Вриениј.[1]

Никифор Вотанијат успеал да се качи на престолот,[2] но стариот Вотанијат не бил во состојба Византиското царство да го извлече од хаосот. Неговото краткотрајно владеење со кое завршила оваа епоха на опаѓање, било исполнето со борби и востанија, бидејќи по разгромот на моќта на цивилното благородништво меѓу војсководците започнало огорчено разграбување на највисоката власт. Круната најодзади му припаднувала на најсилниот и најспособниот, на Алексиј Комнин. Алексиј најпрвин, во служба на новиот цар го совладал Никифор Вриениј, а потоа и новиот узурпатор, Никифор Василакиј, којшто го наследил на местото дукс на Драчката тема па и во улогата на претендент. Меѓутоа, кога во 1080 г. во Никеја бил прогласен за цар Никифор Мелисин, кој по примерот на Вотанијат го повикал на помош Сулејман, Алексиј не влегол во нова борба. Тој престанал да изигрува лојален слуга на царот Никифор Вотанијат и почнал да подготвува свое сопствено издигнување.[3]

Узузпација на престолот

[уреди | уреди извор]

Меѓу сите претставници на воената аристократија коишто се грабале околу царската круна, Алексиј Комнин бил не само најистакнатиот војсководец, туку и еден од вистинските политичари. Во тоа тој го надминал и својот стрико Исак I Комнин и несреќникот Роман IV Диоген. Со голема вештина тој си подготвувал почва во војската и во престолнината и умеел за цебе да ја придобие и противничката странка. Се оженил со Ирина Дука, внуката на цезарот Јован и ќерка на манцикертскиот предавник Андроник. Царицата Марија го посинила и во него видела заштитник на својот малечок син Константин Дука, не губејќи надеж дека тој еден ден ќе ја добие царската круна. Главен спомагател на Алексиј, покрај неговиот брат Исак Комнин, бил цезарот Јован Дука. Состанокот во Цурулон, којшто било решено неговото прогласување за цар, имал карактер на семеен совет на семејствата Комнини и Дука. Најпосле, Алексиј се спогодил и со претендентот Никифор Мелисин, својот зет. Мелисин нему му го понудил европскиот цел од државата, сакајќи за себе да ја задржи Мала Азија. Повторно кај еден византиски великодостојник се пројавила идејата за поделба на Царството. Алексиј Комнин, меѓутоа ја одбил предложената делба и го смирил својот зет ветувајќи му ја цезарската титула.[4]

Во Цариград, чијашто посада се состоела во поголем дел од странски наемници, Алексиј влегол благодарение на договорот со заповедникот на германскиот одред. Како и трупите коишто го бранеле Цариград, и војската на Алексиј претставувала шаренило војници од разни народности, желни за ограбување и плен. Три дена и три ноќи византиската престолнина била сцена на подивено ограбување и насилство. Откажувајќи се од безигледната борба, Никифор Вотанијат се откажал од престолот и се закалуѓерил. На првиот ден на Велигден, 4 април 1081 г., Алексиј Комнин бил крунисан за цар на Византија.[5]

Внатрешна политика

[уреди | уреди извор]

Државен апарат

[уреди | уреди извор]

Опаѓањето на византискиот управен апарат се одразувал и во симптоматичните промени кои Алексиј I ги повел во дворските титули, а кои, исто така, се надоврзувале на развитокот од претходниот период. Со масовното доделување на титулите во времето на владеењето на цивилното благородништво, старите титули го загубиле своето значење и се јавила потреба за создавање нови, повисоки титули. Титулите патрициј, протоспатариј и спатарокандидат, коишто во X век ги носеле мошне истакнати чиновници и воени команданти, веќе во средината на XI век го губеле својот углед и на преминот во XII век целосно исчезнале. Само три највисоки титули од средновизантискат епоха (цезар, нобилисим и куропалат) ја надживеале оваа интересна инфлација на титули, но дури и тие нешто изгубиле во своето значење. За својот брат Исак, царот Алексиј, со спојувањето на титулите севаст и автократор, создал нова титула севастократор којашто добила повисок ранг од цезарската титула. После тоа не му било тешко да го исполни своето ветување и на бившиот претендент Никифор Мелисин да му ја подари титулата цезар, која сега претставувала високо но не и највисоко одликување. Додека старите чиновнички титули исчезнувале, на повисоките византиски достоинственици им се доделувале титули кои порано биле сметани како царски епитети и давани само на членови на царското семејство. Со комбинирањето на одделни титули и епитети се добивала бесконечна скала од се позвучни и пообемни називи: севаст, протосеваст, паниперсеваст, севастоипертат, пансевастоипертат, протопансевастоипертат, ентимоипертат, панентимоипертат, протонобилисимоипертат итн. Овие промени во чиновничките титули биле надворешен одраз на длабоката деформација којашто во XI век ја доживеал византискиот државен апарат.[6]

Како резултат на истата инфлација, од трите називи кои кон крајот на X век ги носеле гувернерите на темите се задржал само највисокиот, така што во времето на Комнини сите тематски гувернери ја имале титулата дукс, додека катепани се нарекувале нивните помошници, а најстариот назив, некогашното славно звање стратег, во XI век веќе целосно исчезнал. Ова титуларно авансирање било дотолку покарактеристично бидејќи во исто време обемот и значењето на одделни теми значително се намалувало. Доместиците на Исток и Запад, во чии раце од втората половина на X век се наоѓало врховното заповедништво над војската, од своја страна веќе во средината на XI век добивале титули на големи доместици. Титулата голем дукс од времето на Алексиј сè до пропаста на Византиското царство ја носел врховниот заповедник на флотата. Како врховен надзорник на сите цивилни надлештва се јавил, кој од крајот на XII век добил име на голем логотег. Со тоа позицијата на прв министер се врзувала со одредена функција.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Слабеењето на парите коешто започнало во времето на Константин IX Мономах продолжило и добивало сè поголеми размери. Покрај стариот златник, во оптек биле пуштени и разни видови пари од пониска вредност. Тоа природно предизвикало голема забуна во стопанскиот живот, но донекаде и користело на државата којашто издавала лоши, а од обврзниците наплатувала квалитетни пари. Меѓутоа, ваквата состојба не можела долго да се одржи и наскоро и државата била принудена да прима пари со помала вредност. Во почетокот курсовите многу се колебале, даночниците ја утврдувале вредноста на одделни видови пари според свое наоѓање и се богателе на најбезобразен начин. Најпосле излегла наредбата на царот во новата номизма, наместо 12, да се пресметуваат само 4 сребрени милијарисии. Со тоа официјално било признато дека византискиот златник изгубил 2/3 од својата некогашна вредност.[8]

Византиската војска во ова време претставувала шаренило од наемници од најразлични народи: Варези, Руси, Печенези, Кумани, Турци, Французи, Германци, Англичани, Абазги и Алани. Покрај наемничките трупи поголемо значење одново добила домашната војска. Се разбира, таа веќе не се засновала врз малите земјишни поседи, бидејќи стратиотските имоти во поголем дел пропаѓале, и стратиотите од стариот тип, макаршто сè уште ги имало, играле само споредна улога. Одбранбената моќ на Византиското царство сега имало потполно феудален карактер. Нејзината основа ја сочинувал поседот на пронијарите. Ползувањето на системот на пронијата во воени цели била и главната причина за военото јакнење на Царството во времето на владеењето на воената аристократија под династијата Комнини. Во времето на епигоните на Македонската династија и на династијата Дука, прониите сè уште немале никаква воена функција. Меѓутоа, во времето на Алексиј I Комнин системот на пронијата добил воен карактер кој ќе го задржи сè до пропаѓањето на Византиското царство. Прониерот сега бил должен да врши воена служба и поради тоа просто се нарекувал војник. Всушност тоа бил византискиот витез, кого според големината на неговата пронија во воените походи го следел поголем или помал борј на луѓе. Поточно, и на другите земјишни поседи, дури и на црковните, се вршело регрутирање војници, но само лесно наоружани пешаци.[9]

Пронијата не претставувала сопственост на прониерот. Право на сопственост го задржувала врховната власт којашто ги давала и одземала прониите според сопствените одлуки. Но сè додека прониерот ја држел пронијата - а обично ја држел сè до својата смрт - тој бил целосен господар на сите свои поседи и на селаните. Во социјален поглед прониерите и стратиотите од стар тип претставуваат два спротивни света. Стратиотите биле селани кои сами ја обработувале земјата, додека прониерите биле велепоседници-феудалци на кои им работеле крепосни парици. Со доделувањето на пронијата на прониерот му се давало не само земјата туку и париците коишто ја обработувале и кои му плаќале давачки.[10]

Црковни прашања

[уреди | уреди извор]

Извесна промена доживеал во времето на владеењето на Алексиј I и системот на т.т. харистикија, т.е. обичајот на давање манастири и манастирски имоти на управување на световни лица. Овој обичај, кој особено зел замав во XI век, првобитно имал за цел економско подигнување на осиромашените манастири, но често доведувал до драстични злоупотреби и ја предизвикувал опозицијата во црковните кругови. И покрај тоа, системот на харистикијата се одржувал и наоѓал бранители дури и меѓу највисоките претставници на клерот, бидејќи одговарал на економските потреби на манастирите, стеснети од забраната за отуѓување на црковните поседи. Тоа бил начинот на отуѓување на стопански нерентабилните манастирски имоти. Но, додека порано харистикиите ги доделувале црковните власти, сега самиот царпочнал да ги дели манастирските имоти како одреден вид бенефиција. за разлика од прониерите, харистикарите немале никакви јавноправни функции, а давањето харистикии претставувало средство за наградување на заслужните луѓе. Не било исклучено дека царот се раководел од желбата да ги ограничи манастирските поседи коишто брзо растеле. Во секој случај, не било никакво чудо што давањето харистикии според волјата на царот и негова иницијатива го зголемувало огорчувањето коешто против тој систем постоело во извесни црковни кругови.[11]

Алексиј, исто така наишол на силна опозиција кај црковните кругови кога во времето на норманските војни бил принуден да стави рака на црковното благо. Под притисокот на оваа опозиција тој морал да вети дека ќе ги врати одземените црковни садови. Дури, во таа смисла, во август 1082 г. тој објавил едикт со кој се дезавуирал самиот себе забранувајќи во иднина какво било користење на црковните богатства во нецрковни цели. Тоа, впрочем не му пречело неколку години подоцна, соочен со нови тешкотии, одново да прибегне кон конфискација на црковните садови.[12]

И покрај таквите повремени нарушувања, меѓу световната и духовната власт, главно, владеела слога и соработка, заснована врз силните заеднички интереси. Така царот и црквата заеднички се бореле против еретичките движења коишто ја загрозувале и црковната и државната организација и во таа борба иницијативата му припаѓала на царот. Богомилското движење, никнато на Балканот, постепено добило таков замав и стекнало толку многу приврзаници во Византиското царство, па и во самата престолнина, што царот сметал дека било потребно против таа ерес да употреби најостри мерки. Водачот на богомилите, Василиј, и сите негови следбеници коишто му останале верни на богомилското учење биле спалени на клада.[13]

Како православен владетел и бранител на православието, Алексиј I мошне активно учествувал и во судењето на "конзулот на филозофите" Јован Итал. Како и неговиот голем учител и претходник Псел, и Јован Итал бил пламенен почитувач на Платон и неоплатонијанците, а ревносно го проучувал и Аристотел. Во Италовата личност античката филозофија, којашто господарела на највисоката филозофска установа, дошла во судир со христијанската вера. Немајќи ги вештините на Псел, Јован Итал не умеел да ги запази границите на пропишаните црковни догми и своето одушевување „за лажната и бесмислена мудрост на незнабожниците“ го платил со сменување од дотогашната позиција и со екскомуникација.[14]

Надворешна политика

[уреди | уреди извор]

Општа ситуација

[уреди | уреди извор]
Византија во периодот кога Алексиј I дошол на престолот (околу 1081 година)

На надворешно-политичко поле, последиците на жалното доба започнало со смртта на Василиј II, а завршило со доаѓањето на престолот на Алексиј Комнин, биле крахот на византиската власт во Мала Азија, губењето на византиските поседи во Италија и забележителното слабеење на византискиот авторитет на Балканот. На внатрешно-политичко поле овој период довел до дезинтеграција на дотогашниот економско-социјален поредок на Византиското царство. Работата за обнова на државата на државата Алексиј I Комнин морал да ја постави врз нови основи и нови чинители станале носители на системот којшто тој го создал. Неговите напори можеле да имаат само делумен и привремен успех. Навистина и во раниот Среден век, во VII и VIII век, повеќепати изгледало дека Византиското царство се наоѓа на работ од пропаста. Меѓутоа, тогаш Царството, се располагало со свежи, неистрошени сили коишто овозможиле подлабока и потрајна внатрешна обнова, и Мала Азија, јадрото на Царството, се одржала низ сите кризи и неволји. Затоа тоа можело не само да се воздигне туку и одново да стекне превласт на копно и на море во целото источно Средоземје. Сега, меѓутоа, внатрешните сили на царството биле исцрпени бидејќи порадокот врз кого се засновала неговата моќ во текот на претходните векови доживеал слом, после што и Мала Азија била напуштена речиси без отпор. Реокупацијата на Мала Азија во времето на Комнините останала на половина пат, а превласта поморска Византијците токму во времето конечно ја загубиле. Хегемонија по море извојувале, и во економски и во стратешки поглед, италијанските градски републики, и тоа историски била најзначајната пресвртница на овааа епоха, којашто не случајно се завршила со византиската катастрофа во 1204 г. На големата сила на Комнини и недостигала цврста внатрешна основа и поради тоа нивната политика не можела да вроди со трајни успеси, колку и да била вешта и колку и да биле импозантни нејзините достигнувања.[15]

Навистина политиката на Алексиј Комнин уште од првите негови чекори открива една извонредна вештина. Ситуацијата била повеќе од критична: војската упропастена, државната благајна празна, а од сите навалувале сите непријатели: Нормани, Печенези, Селџуци. Во почетокот Алексиј морал да се помири со тоа дека Мала Азија се наоѓа во рацете на Турците. Не можел да стори ништо друго освен да му ја препушти изгубената територија на Сулејман како земја за населување на неговоте војници. На тој начин барем привидно биле зачувани врховните права на Византија, бидејќи била одржана фикцијата дека Селџуците ја зазеле византиската територија со согласност на царот, како негови федерати, а не како суверена странска сила. Сите свои сили Алексиј морал да ги сосредочи на борбата со Норманите, бидејќи по освојувањето на византиските територии во јужна Италија, Роберт Гвискард се свртел кон источниот брег на Јадран. Крајната цел на големиот нормански војвода била, ни помалку ни повеќе, туку освојувањето на Византиското царство, а прва мета му бил Драч, од каде што се отворал патот за Цариград.[16]

Сојузот со Венеција против Норманите

[уреди | уреди извор]

Без доволно војска, без пари, Алексиј I морал веднаш по доаѓањето на престолот да стапи во борба и да го брани самиот опстанок на своето царство. Тој морал да ги прекова во пари црковните садови за да ја плати војската, којашто главно се состоела од странски наемници, во значителен дел од англиски Нормани. Но борбата не можела да се води само со овие сили и затоа царот на сите страни барал сојузници, водел преговори и со папата Григориј VII и со царот Хенрик IV, и најодзади успеал да обезбеди помош од Венецијанците. Венецијанската Република се согласила да ја помогне Византија во борбата против Норманите, почитувајќи го принципот врз кој се темелела нејзината целокупна политика. Како поморска сила Венецијанците пред сè барала да осигураат за себе слобода на движење во Јадранското Море и да спречат било која да се зацврсти на едниот или на другиот брег од Јадранот. А токму тоа се обидувал да го стори Робет Гвискард и поради тоа тој во моментот бил непријател на Венецијанците, а византискиот цар нивен природен сојузник. За Византија поддршката на венецијанските поморкски сили била дотолку подрагочена бидејќи нејзината флота била во уште полоша состојба одошто нејзината копнена војска, така што на море Византија била целосно немоќна.[17]

Венецијанската Република не ги изневерила надежите кои царот Алексиј во неа ги полагал. Таа на норманските кораби им задала тежок пораз којшто ги натерал да ја прекинат опсадата на Драч од море. На копно, меѓутоа, опсадата била продолжена и по побадата над царската војска во октомври на Драч. Портата на Византија му била отворена на Гвискард. Неговите трупи продреле длабоко во византиските земји, поминале низ Епир, Македонија и Тесалија и ја опседнале Лариса. Меѓутоа, во јужна Италија со дејствување на царските приврзаници било предизвикано востание, па уште во пролетта 1082 г. Роберт Гвискард морал да го напушти Балканот откако командувањето со норманската војска му го предал на својот син Боемунд. Со времето јакнел византискиот отпор и под притисок на царската војска почнало повлекување на Норманите. Меѓутоа, како сојузници на царот, Венецијанците го запоседнале Драч. Роберт Гвискард успеал да го совлада востанието и одново да стапи во акција, но во почетокот на 1085 г. умрел од чума. Немирите коишто по неговата смрт настанале во јужна Италија за подолго време ја ослободиле Византија од норманската опасност.[18]

Византија скапо ја платила венецијанската помош. Со договорот од мај 1082 г. венецијанскиот дужд добил, за себе и неговите наследници, титула протосеваст со соодветните годишни принадлежности, патријархот на Градот добил титула ипертим, а венецијанската црква годишна супсидија од 20 фунти злато. Главното било во тоа што Венецијанската Република добила мошне далекусежни трговски привилегии. Отсега венецијанските трговци имале право во сите делови на Византиското царство, па и во самиот Цариград, слободно да тргуваат со секква стока, не плаќајќи никаква царина. Според тоа тие биле ставени во значително поповолна од домашните византиски трговци. Освен тоа, Венецијанците добиле стоваришта во Цариград и пристаништа во Галата. Со овие концесии поставен бил темелот на економската моќ на Венецијанците на Исток, на голема и трајна штета на византиската трговија. Тоа не го променил ни фактот што Венецијанците и натаму формално го признавале суверенитетот на византискиот цар и што венецијанските дуждови се кителе со византиските дворски титули. Венецијанската Република од тогаш станала пресуден чинител во економските и политичкиот развиток на Византиското царство.[19]

Хрватска и Зета

[уреди | уреди извор]

Посебна улога во византиско-норманската војна одиграле блиските јужнословенски земји коишто борбата на големите сили за превласт на Јадранот непосредно ги погаѓала. Дубровник и другите далматински градови, а се чини и Хрватска, застанале на страната на Норманите. Зетскиот крал Константин Бодин, после долги колебања, му се придружил на византискиот цар. Меѓутоа, во одлучувачката битка за Драч тој не учествувал туку се повлекол со своите трупи и со тоа натамошните борби на Византија против Норманите, како и против Печенезите, Бодин ги исползувал за проширување на својата власт над Рашка и Босна. Потоа од Рашка започнале нападите врз византиската територија.[20]

Односот со турските народи

[уреди | уреди извор]

Само што се ослободил од Норманите, Алексиј Комнин морал да стапи во војна против Печенезите. Опасноста од Печенезите, којашто во текот на последните децении постојано лебдела над Царството, се заострила уште повеќе со поддршката којашто Печенезите ја имале од страна на богомилите. Кризата достигнала врв кога Печенезите, по жестоките пресметки со царските трупи, во 1090 г., допреле речиси до самите цариградски ѕидини. За да биде несреќата уште поголема Цариград истовремено бил нападнат и од море. Емирот на Смирна - Чаха, еден од селџучките емири коишто по смртта на Сулејман (1085 г.) го поделиле неговото наследство, склучил сојуз со Печенезите и со својата флота тргнал на византиската престолнина. Чаха, некогаш како заробеник, живеел на дворот на Никифор III Вотанијат и ги познавал методите на византиското војување. Тој знаел дека одлучувачкиот удар на Цариград може да му се зададе само од море. Опседнат од копно и од море, Цариград во 1090/91 г. зимата ја преживеал со тешки грижи и стравувања. И овојпат само помошта од надвор можела да донесе спас. Во својата безизлена положба Алексиј I им се обратил на Куманите и, испраќајќи богати дарови за нивните челници, побарал од нив помош против Печенезите.[21]

Куманите продреле во јужно-руската рамница зад Печенезите и Узите, и како и нив биле вистинско номадско племе. Ако не според етничкото потекло тогаш секако според јазикот биле туркијци. Од ова воинствено племе сега зависела судбината на Византиското царство. Желно очекувани, Куманите стигнале во пролетта 1091 г. и на 29 април во подножјето на Лебунион дошло до огорчена битка меѓу Печенезите од една и Куманите и Византијците од друга страна. Печенезите претрпеле страотен пораз. Силниот впечаток што го оставила оваа битка се согледува во зборовите на Ана Комнина: „Цел еден народ кој броеше милијарди е уништен за еден ден“. Цариград бил спасен. Со Битката кај Лебунион биле попречени и плановите на Чаха. Сега царската флота успеала да го порази, а наскоро тој целосно бил исфрлен од играта со вештата дипломатија на Алексиј. Како што против Печенезите ги употребил Куманите, така сега Алексиј против Чаха го искористил неговиот зет, никејскиот емир Абул Касим, склучувајќи сојуз со него, а потоа и со неговиот наследник, Сулејмановиот син Килиџ Арслан. Оставајќи ги селџучките емири меѓусебно да се пресметуваат, Алексиј се свртел кон други задачи.[22]

Рашка и нападот на Куманите

[уреди | уреди извор]

Ослободувањето на Цариград му овозможило да завојува против рашкиот жупан Вукан, којшто ги вознемирувал пограничните византиски области со постојните упаѓања. На ова војување царот Алексиј му посветил многу внимание и напори. Во три наврати (1091 г., 1093 г., 1094 г.) лично ги водел походите против немирните Срби. Вукан не се впуштал во отворена борба против царот, но штом царот се повлечел, тој ги обновувал своите напади. На крајот Алексиј морал да го прекине војувањето во Србија земајќи заложници и задоволувајќи се со привидното потчинување на Вукан, бидејќи на Царството му се заканувала нова опасност. Куманите, неговите бивши сојузници упаднале на византиска територија и допреле, ограбувајќи и палејќи до Едрене. Наездата на Куманите се чинела особено опасна затоа што на чело на ордите на Куманите стоел човек којшто се придржувал како Константин Диоген, син на царот Роман IV Диоген, и претендирал на византискиот престол. Всушност учеството на лажниот Диоген му ја олеснила работата на византискиот цар. Откако успеале со измама да го фатат претендентот, Византијците ги растерале Куманите коишто останале без водач.[22]

Првата крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Во крстоносната војна дошла до нов израз намерата на папството за проширување на своето влијание на христијанскиот Исток. Апелот на папата Урбан II на Клермонскиот собор наишол на уште поголем одек, бидејќи под влијанието на клиниското движење во западниот свет бил завладеан силен верски ентузијазам. Се пробудила желбата за ослободување на Светата земја од неверниците, уште повеќе што со зачестените поклоненија и неволјите на христијаните во Палестина, кои биле особено тешки по селџучкото освојување на Ерусалим во 1077 г., биле добро познати на Запад. Идејата за крстоносната војна во прв ред ги привлекувала феудалните барони, желни за нови земји и ритерски авантури. Посебно бил примамлив походот на Исток за младите синови на феудалните семејства коишто по принципот на првородство биле лишени од земјишни поседи. Во крстоносната војна тргнале и селските маси бегајќи од немаштијата и презадолженоста. Напротив, на Византијците идејата за крстоносната војна во западната смисла им била целосно туѓа. Борбата со неверниците за нив не претставувала новост. Тие одново ја воделе оваа борба којашто самата судбина им ја наметнала и ослободувањето на Светата земја, прастариот посед на Царството, не го сметале за заедничка христијанска работа, тука за задача на својата држава. Од Запад Византија очекувала наемнички помошни одреди, а не крстоносци.[23]

Во тешките години на наездата на Печенезите царот Алексиј навистина барал помошни воени одреди од западните владетели, како што тоа Византија често го чинела. Меѓу другите, тој му пишувал на грофот Роберт Фландриски, кого лично го познавал од времето на неговото поклонение во Палестина, барајќи наемничка војска за борба против навалувањето на воиствените турски племиња. Со иста цел тој му се обратил и на Рим и со папата Урбан II водел преговори за унијата. Доаѓањето на крстоносната војска Алексиј ниту го сакал, ниту го очекувал. Со голема загриженост изненадениот цар го посматрал доаѓањето на западните витези коишто почнале да пристигнуваат во мигот кога положбата на неговото Царство значително се поправила и кога самиот тој бил со намера да преземе поход во Азија. Крстоносците ги спречиле неговите намери и го втурнале Царството, коешто тој по цена на мошне долги и тешки борби најодзади го ослободил од опасноста, во нови недогледни тешкотии, узурпирајќи ја притоа неговата улога на бранител на христијаните на Исток. Иако сè уште, никој немал не можел да насети дека крстоносните походи на западните витези против неверниците ќе се претворат во освојувачка војна против христијанска Византија, сепак Византијците од самиот почеток на крстоносците гледале со голема недоверба. Дури честопари им се чинело дека дошло до непријателска наезда, и мора да се каже дека однесувањето на крстоносците го оправдало тој впечаток.[24]

Прв стигнал Петар Пустиник од Амјен, кого го следело мноштво сиромаси собрани од сите страни, и веќе на преминот низ Унгарија и балканските земји неговите недисциплирани и недоволно снабдени орди толку беспоштедно го ограбувале населението што локалните власти морале против нив да употребат оружје. Доаѓајќи во 1096 г. пред Цариград, крстоносците продолжиле со ограбувањето, па царот Алексиј побрзал веднаш да ги префрли преку Босфорот. Во Мала Азија, во првиот судар со Турците, тие претрпеле сожалителен пораз. Повеќето изгинале и само еден мал дел пребегнал во Цариград на бродовите коишто византискиот цар им ги ставил на располагање.[25]

Кон крајот на 1096 г. почнале да пристигнуваат својата придружба големите феудални барони. Во Цариград се собрал цветот на западното витештво. Тука, меѓу останатите, биле војводата на Лорен - Готфрид Бујонски, грофот Рајмонд Тулуски, братот на францускиот крал - Гиј од Вермандо, братот на англискиот крал и син на Вилијам Освојувачот - Роберт Нормандиски, грофот Роберт Фландриски, синот на познаникот на Алексиј, како и синот на Роберт Гвискард, норманскиот војвода Боемунд. Царот Алексиј се обидел од ситуацијата којашто настанала покрај неговата волја, да извлече што повеќе полза за себе и за својата држава. Побарал водачите на крстоносците како вазали да му положат заклетва за верност и да се обврзат дека ќе му ги предадат сите освоени земји коишто порано му припаѓале на Византиското царство. Од своја страна тој им ветил дека крстоносците ќе ги снабдува со животни намирници и со оружје и дека и самиот ќе им се придружи и ќе биде на нивно чело со својата војска. Освен Рајмонд Тулуски, сите водачи на крстоносците на крајот ги прифатиле условите на царот, дури, после мачни и долги преговори и Готфрид Бујонски. Договорите со одделни водачи на крстоносците врз оваа основа биле склучени на почетокот на 1097 г. Боемунд не само што без колебање ги дал сите барани ветувања, наговарајќи ги и другите витези на попуштање, туку и се нудел за царски доместик на Исток. Во меѓувреме пак норманските трупи веќе преминале во Мала Азија под водството на Боемундовиот внук Танкред, којшто се провлекол без давање заклетва. За Боемунд всушност крстоносната војна била само прилика да ги обнови освојувачките планови на татка си.[26]

Првиот позначаен успех на крстоносците било заземањето на Никеја во јуни 1097 г. Согласно со склучениот договор градот му предаден на царот и веднаш запоседнат од византиската војска. Алексиј побрзал да го използува овој успех. Неговите трупи ја зазеле Смирна, Ефес, Сард и други градови во стара Лидија, така што во поголемиот дел на западна Мала Азија била воспоставена византиската власт. Во меѓувреме крстоносците, откако по заземањето на Никеја, на состанокот во Пелеканон уште еднаш му положиле заклетва на царот, тргнале во придружба на византискиот одред, по стариот воен пат прек Доридеја, Цезареја и Германикеја во Антиохија. Сè уште владеела слога меѓу крстоносците и византискиот цар, иако Готфридовиот брат - Балдуин и Боемундовиот внук Танкред, одвојувајќи се од главнината на крстоносната војска, војувале на своја рака во Киликија и ги освојувале киликиските градови, а Балдуин продрел дури во горна Месопотамија и засновал свое кнежевство во Едеса. Заземањето на Антиохија (3 јуни 1098 г.), новиот голем успех на крстоносците, меѓутоа, го ставил крајот на спогодбата меѓу крстоносците и Византијците како и меѓу одделни водачи на крстоносците. Крстоносците не ни помислувале да му ја предадат Антиохија на византискиот цар. Околу освоениот град почнале да се грабаат Боемунд и Рајмонд Тулуски. Играта ја добил итриот нормански војвода и завладеал со сириската престолнина. Протестите на царот Алексиј останале залудни. Боемунд ја запоседнал Антиохија, а другите крстоносци тргнале на пат за Ерусалим, не дочекувајќи го доаѓањето на царот, макаршто тој им порачал деја, како што ветил, ќе земе учество во натамошната војна на крстоносците, доколку му ја предадат Антиохија. За предавањето на Антиохија на Византија сега се залагал и Рајмонд Тулуски. Меѓу заобиколениот гроф Рајмонд и византискиот цар дошло до извесно зближување, и додека крстоносците коишто на царот му положиле вазална заклетва основале свои сопствени кнежевства, Рајмонд којшто одбил да даде каква било заклетва, му предал на царот повеќе градови коишто ги освоил на сирискиот брег. Неговата соработка со царот Алексиј станала уште потесна по заземањето на Ерусалим (15 јули 1099 г.) кога Рајмонд, иако најистакнат меѓу водачите на крстоносците, останал одново со празни раце бидејќи како "вардач на господовиот гроб" и на чело на новото Ерусалимско Кралство дошол Готфрид Бујонски.[27]

Византија можела да се помири со основањето на Ерусалимското Кралство во оддалечената Палестина, но не и со Боемундовото кнежевство во Антиохија. Појавата на норманското кнежевство во Сирија непосредно ги погодувала нејзините интереси уште повеќе што Боемунд не ги криел своите намери, отворајќи наскоро непријателство. Меѓутоа, тој истовремено морал да војува против Турците на коишто кнежевството на крстоносците во Антиохија исто така им пречело така што оваа околност значително ја олеснила работата на византискиот цар. Веќе во 1100 г. Боемунд паднал во турско заробеништво, но крстоносците го откупиле и го вратиле во Антиохија. Меѓутоа , во 1104 г. кај Харон, Турците на крстоносците им нанеле страотен пораз. Алексиј I тоа веднаш го искористил. Царската војска ги запоседнала значајните тврдини Тарс, Адана и Мамистра, а византиската флота ја зазела Лаодикија и низа други градови на сирискиот брег, сè до Триполис.[28]

Новиот византиско-нормански судир

[уреди | уреди извор]

Боемунд морал да увиди дека истовремената борба против Турците и Византијците ги надминувала неговите сили. Оставајќи го Танкред во Антиохија, тој тргнал на Запад за да организира таму поголема акција против Византиското царство. На патот по Италија и Франција, Боемунд со својата антивизантиска пропаганда придонел повеќе од кој и да е друг во создавањето легенда за неверството на византискиот цар спрема крстоносците. Собирајќи силна војска, тој во октомври 1107 г. се истоварил кај Валона. Како пред 25 години и сега Норманите и Византијците се судриле на источниот брег на Јадранското Море. Меѓутоа, положбата целосно била променета и борбата завршила со одлучна победа на Византијците и со капитулација на норманскиот кнез. Во говорот од 1108 г. Боемунд го признал византискиот цар за свој сизерен и се обврзал дека нема да презема никакви непријателства против Византија туку, напротив, дека како верен вазал ќе го помага царот против неговите непријатели. Под тие услови Антиохиското кнежевство му било признато како царско лено. Меѓутоа, како што можело да се очекува, Танкред одбил да го признае овој договор, а кога Боемунд наскоро умрел (1111 г.), Танкред останал единствен господар на Антиохија.[29]

Унгарија

[уреди | уреди извор]

Во ова време се јавува нов чинител во политичкиот живот на Балканот - Унгарија, којашто во првите години на XII век ги потчинила Хрватска и Далмација. Значењето коешто таа со тоа го добила за Византија нашло израз во тоа што царот Алексиј го оженил својот престолонаследник Јован со унгарската принцеза. Сепак, меѓу Византија и Унгарија неизбежмо морало да дојде до вкрстување на интересите на Балканот и на Јадранот, така што во идните децении Унгарија станала еден од главните соперници и противници на Византиското царство.[29]

Прашањето околу престолонаследникот

[уреди | уреди извор]

Јакнењето на царскиот авторитет овозможило создавање нова династија. И покрај неслогата што владеела во царското семејство и жолчните спорови околу наследството на престолот кои му ги затруле последните денови на царот Алексиј, сепак го наследил неговиот најстар син Јован. Преземајќи ја врховната власт во спогодба со династијата Дука, Алексиј I во почетокот за престолонаследник го одредил младиот Константин Дука, синот на Михаил VII, и го свршил со својата најстара ќерка Ана. Но кога му се родил син царот на него го пренесол правото на наследство на престолот (1092 г.). Со тоа бил направен одличниот чекор кон создавањето на династијата Комнини, и кога наскоро потоа умрел младиот Константин Дука, се чинело дека сите тешкотии биле отстранети. Меѓутоа на таквото решение му се спротивставила амбициозната Ана. По прераната смрт на својот свршеник, Ана се омажила за цезарот Никифор Вриениј (1097 г.) и побарала за престолонаследник да биде одреден нејзиниот маж. Енергичниот политичар и славен војсководец Алексиј силно бил подложен на влијанијата на жените. Во почетокот тој бил под влијание на царицата-вдовица Марија, сопругата на неговите двајца претходници и мајка на престолонаследникот Константин Дука. Оваа убава и умна жена му била голема љубов на Алексиј и тој дури бил готов да и ја жртвува својата жена Ирина Дука, а со неа и сите политички предимства на овој брак. Дури по одлучното инсистирање на патријархот Козма и странката на династијата Дука, тој се согласил со крунисувањето на Ирина. Потоа одлучувачкото влијание имала мајката на царот, интелигентната и властољубива Ана Даласена, која во времето на отсуството на Алексиј при борбите против Роберт Гвискард дури вршела регентство во Цариград. Најодзади до големо влијание стигнала и во почетокот запоставената царица Ирина. По прашањето за наследството на престолот таа ја поддржувала својата омилена ќерка Ана и нејзиниот маж Никифор Вриениј. Мајката и ќерката не престанувале да го наговоруваат царот круната да му ја предаде на Вриениј, па дури ни на смртниот одар не му давала мир. Иако Алексиј не можел отворено да го одбие ова барање, сепак во одлучувачкиот миг тој му помогнал на синот да го оствари своето право. Но по сите тие заплети и интриги, доаѓањето на власт на легитимниот престолонаследник добило карактер на државен удар. Ана не се помирила веднаш со својата судбина. Подготвила дури и атентат врз својот брат и дури кога ниту ова крајно средство не успеало, таа се повлекла во манастир и ја напишала историјата на својот татко, „Алексијада“, којашто го овековечила нејзиното име.[30]

Семејство

[уреди | уреди извор]
  • Michael Angold, The Byzantine Empire, 1025–1204, Longman, 1997, 2nd ed., pp. 136–70. ISBN 0-582-29468-1
  • Jonathan Harris, Byzantium and the Crusades, Hambledon, 2003, pp. 33–71. ISBN 1-85285-298-4
  • Kazhdan, Alexander (Ed.) (1991). Oxford Dictionary of Byzantium. Oxford University Press. стр. 63. ISBN 978-0-19-504652-6.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  • Warren Treadgold, A History of the Byzantine State and Society, Stanford Universwity Press, 1997, pp. 612–29. ISBN 0-8047-2630-2
  • Norwich, John J. (1995). Byzantium: The Decline and Fall. Alfred A. Knopf, Inc. ISBN 0-679-41650-1.
  • Anna Comnena, The Alexiad, translated E.R.A. Sewter, Penguin Classics, 1969
  • Plate, William (1867). „Alexios I Komnenos“. Во William Smith (уред.). Dictionary of Greek and Roman Biography and Mythology. 1. Boston: Little, Brown and Company. стр. 129–130.
  • George Finlay, History of the Byzantine and Greek Empires from 1057 - 1453, Volume 2, William Blackwood & Sons, 1854
  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 417-418.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418-419.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 419-420.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 420.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 441-442.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 442-443.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 443-444.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 445-446.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 447.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 447-448.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 448-449.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 449.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 449-450.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 427-428.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 428-429.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 429-430.
  18. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 430.
  19. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 430-431.
  20. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 431.
  21. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 432.
  22. 22,0 22,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 432-433.
  23. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 434-435.
  24. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 435-436.
  25. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 436.
  26. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 436-437.
  27. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 437-438.
  28. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 438-439.
  29. 29,0 29,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 439-440.
  30. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 452-453.