Никола Боало
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Никола Боало бил француски класицист.
Светска слава стекнал како теоретичар, законодавец и водач на класицизмот. Боало својата писателска дејност ја почнал со пишување сатири, посланици и дидактични поеми. Тој немал поголема поетска дарба и затоа се формирал како литературен критичар и теоретичар. Како и сите поети и писатели од времето на класицизмот, кои своите дела ги пишувале исклучиво во стихови. Најпознато дело на Боало е расправата “Поетска уметност”, издадена во 1674 година. Книгата доживеала голем успех во редовите на образованата француска аристократија и Боaло бил прогласен за идеолог на францускиот класицизам. Во “Поетска уметност” се одредени основните насоки на класицистичката литература. Како награда и признание за ова дело Боало бил назначен за официјален дворски историограф на кралот Луј ХIV и бил примен за член на Француската академија на науките. Теоретската расправа “Поетска уметност” се состои од четири песни. Во првата песна Боало ги поставува општите правила за стихот, стилот и момпузицијата[1]. Паралелно со ова дава краток историски преглед на француската поезија. Од прегеледот е видливо дека Боало не ја сфатил суштината ни на средновековната , ни на ренесансната француска поезија. Во втората песна проучувајки ја лириката Боало се задржал на следните лирски видови: идила, елегија, ода, сонет, епиграм, сатира, ронда, балада и мадригал. Според него правилата за пишување на овие лирски видови произлегуват од нивната содржина а не од нивните формални белези. Во третата песна Боало се задржал на трагедијата, комедијата и епопејата. Толкувањето на епопејата го направил од респект кон Хомер и Вергилиј, бидејќи во француската литература немало напишано епопеја. Особеностите на трагедијата ги одредил, анализирајки ги трагедиите на Расин, вториот трагичар по Корнеј во францускиот класицизам. Во определувањето на својствата на комедијата, тој тргнал повеќе од комедиите на Теренциј, а не од комедиите на Молиер, кој го сметал за премногу народен писател. Според него Молиер знаел да згреши во правилата за светската пристојност. Во четвртата песна Боало дава морални поуки на писателите и ги предупредува да не бидат лакоми за материјални блага. Песната завршува со пофалби и славење на Луј XIV и неговите воени успеси. Основна доктрина во расправата “Поетска уметност” е вербата и одушевувањето од универзалниот разум, кој е сигурен раководител во поетското творештво.
“Сакајте го разумот. Вашите дела својот избор И својот сјај и вредност нек’ црпат од тој извор”
Зборувајки дека треба да се сака разумот, Боало во поезијата нему му давал предност пред чувствата и фантазијата. Вистината до која доаѓа разумот Боало ја изедначил со убавината, а двете се наоѓат во природата односно во објективната реалност. Поетските описи на природата треба да му дадат разумно задоволство на секој читател во иста мера, без оглед на тоа на кој општествена средина тој и припаѓа. Но, Боало, како што класите се делеле на повисоки и пониски и реалноста ја поделил на тој начин. Поетите треба да ја сликаат само повисоката реалност. Подражавањето односно имитирањето на природата треба да биде разумни и вистинито, а личното и поединечното во поезијата во себе треба да го носи тоа што е општо и типично. Подражавањето како принцип при создавањето книжевни дела, Боало особено го застапувал за трагедијата. И тој како ренесансните писатели се застапувал за подражавање на античката трагедија. За најголеми квалитети на античката трагедија ги сметал едноставноста, витинитоста и реалистичноста. Боало вели : “Тоа што е разбирливо треба да биде предмет на поезијата”. Основна задача на поезијата е да предизвикува восхит и да биде допадлива. Поетите треба да пишуваат песни според вкусот на светските луѓе, кои се единствено компетентни да судат за нивните квалитети. Боало не го признавал вкусот на обичниот човек од народот. Тој не ја признавал народната поезија и таа за него била вулгарна, панаѓурска и проста. Народните песни како и басните според Боало се пониски литературни видови. Боало им препорачал на поетите одблиску да ги запознаат кралскиот двор и кралот, а да ги избегнуваат ниските предмети. Ваквата рационалистичка поетика на Боало била доста ограничена бидејќи требало да ги задоволи вкусовите на француската аристократија. И покрај некои слабости на книгата “Поетска уметност” за која одредени рационалисти и романтичари сметале дека на литературата и наметнува мртва рутина, сува и гола форма и е убивствена за секоја вистинска поезија. “Поетска уметност” на Боало одиграла историска улога во развиотокот на литературата, бидејќи прокламирала и повеќе напредни начела, кои и до денес не изгубиле од своето значење. Тие се : уметничка вистинитост и едноставност на содржината на делата и јасност и чистота на поетскиот јазик. Тој на поетите им препорачува : “ Учете да мислите, а потоа пишувајте ”.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Слободан Витановић, Поетика Николе Боалоа и Француски класициѕам, Српска књижевна ѕадруга, Београд, 1971