Фанк
Фанк ― музички жанр кој настанал во средината на 1960-тите откако афроамериканските музичари споиле различни музички жанрови (соул, џез и ритам и блуз) кои биле популарни меѓу Афроамериканците во средината на 20 век. Фанкот ја намалува важноста на мелодијата и хармонијата, а за возврат им дава поголема тежина на ударалките и електричната бас-линија.
Како и многу други стилови на афроамериканска музика, фанкот често се заснова на комплексен грув создаден од ритам-инструменти како што се: електрична гитара, електричен бас, Хамондови оргули и тапани, кои произведуваат испреплетен ритам. Фанк-групите понекогаш имаат дувачки дел составен од неколку саксофони, труби, а понекогаш и тромбон.
Како пионери на фанк-музиката се сметаат: Џејмс Браун, Џорџ Клинтон и Слај Стоун.[1] Други познати фанк-музичари во 1970-тите и 1980-тите биле: Kool and the Gang,[2] Ohio Players, Fatback Band, Џими Кастор, Earth, Wind & Fire, BT Express, Shalamar, One Way, Lakeside, Dazz Band, The Gap Band, Slave, Aurra, Roger Troutman & Zapp, Con Funk Shun, Cameo, Bar-Kays и Chic.
Од фанкот подоцна настанале други музички правци меѓу кои се: аванфанк (авангарден вид на фанк), буги (хибрид на електронска музика и фанк), фанк-метал, Џи-фанк (мешавина на гангста-рап со психоделичен фанк), тимба (стил на кубанска фанк танцова музика) и фанк-џем. Семпловите и брејк-битовите од фанкот често се користат во хип-хоп и електронската денс-музика.
Карактеристики
[уреди | уреди извор]Како и соул-музиката, фанкот се заснова на денс-музика, па затоа има силна „ритмичка улога“. Основна карактеристика на фанк-музиката е нејзиниот силен и синкопиран ритам, кој се добива преку употреба на тапани и бас-гитари. Басот е важен елемент, а бас-линиите се користат како водечки мелодиски елемент, при што се добива грувот кој е уникатен за овој жанр. Иако има ритмички сличности помеѓу фанкот и диско-музиката, фанкот има „централен денс-ритам кој е побавен, посекси и посинкопиран од диско-музиката“.[3]
Фанк создава интензивен грув преку користење силни гитарски рифови и бас-линии свирени на електричен бас. На почетокот за фанк се сметал секој музички стил во кој бас-линијата е најистакната во песните.[4] Раните фанк бас-линии користеле синкопација (обично синкопирани осмини ноти), а подоцнежните фанк бас-линии користат синкопација на шеснаесетинка нота, скали на блуз и повторувачки обрасци и често со скокови од октава или поголем интервал.[5]
Во фанкот се користат низа клавијатурни инструменти. Акустичното пијано се користи во фанк, вклучително и во песните „September“ од Earth Wind & Fire и „Will It Go Round in Circles“ од Били Престон. Клавинетот се користи за неговиот ударен тон и може да се слушне во песните: „Superstition“ и „Higher Ground“ од Стиви Вондер и „Use Me“ од Бил Витерс. Хамондовите оргули биле користи во фанк-музиката, во песни како: „Cissy Strut“ од The Meters и „Love the One You're With“ (во која пее Арета Френклин, Били Престон свири на клавијатури). Во фанкот се користеле и синтисајзери за да го надополнат длабокиот звук на електричниот бас или дури и за целосно да го заменат во некои песни.
Историја
[уреди | уреди извор]Фанкот бил формиран преку мешавина на различни музички жанрови кои биле популарни меѓу Афроамериканците во средината на 20 век. Социологот Дарби Е. Саутгејт напишал дека фанкот е „амалгам од госпел, соул, џез-фузија, ритам и блуз и црн рок“.[6]
1960-ти
[уреди | уреди извор]Фанкот се појавил во доцните 1960-ти, кога музичари како Џејмс Браун, Sly & the Family Stone и Џорџ Клинтон од групите Parliament и Funkadelic експериментирале во музиката преку намалување на хармонијата и зголемување на ритамската комплексност. Џејмс Браун развил препознатлив грув кој го нагласувал ритамот - со силен акцент на првиот ритам од секој такт за да го долови неговиот специфичен звук.
1970-ти
[уреди | уреди извор]Во текот на 1970-тите години, фанкот продолжил да се развива и да се популаризира, особено преку музичари како: Earth, Wind & Fire, Kool & The Gang, Куртис Мејфилд, Стиви Вондер и Принс, кои додале електронски инструменти и подинамични аранжмани. Овој период е познат како златно време на фанкот, со што фанк-музиката достигнала меѓународна популарност.
Диско-музиката многу му должи на фанкот. Многу рани диско-песни и изведувачи дошле директно од фанк-ориентирани средини. Некои диско-музички хитови, како што се сите хитови од Бери Вајт, „Kung Fu Fighting“ од Биду и Карл Даглас, „Love To Love You Baby“ од Дона Самер, „Love Hangover“ од Дајана Рос, „I'm Every Woman“ од Чака Кан (позната и како Кралицата на Фанкот) и „Le Freak“ од Шик забележително вклучуваат рифови и ритми изведени од фанк-музиката.
Џез-фанк
[уреди | уреди извор]Џез-фанк е поджанр на џез-музиката што се карактеризира со силен ритам во позадина (грув), наелектризирани звуци[7] и употреба на аналогни синтисајзери. Со интеграцијата на фанк, соул и R&B музиката со џезот се создал жанр со прилично широк спектар и се движи од силна џез-импровизација до соул, фанк или диско со џез аранжмани, џез рифови и џез соло, и понекогаш соул вокал.[8] Џез-фанкот е првенствено американски жанр, каде што бил популарен во текот на 1970-тите и раните 1980-ти. Слични жанрови се: соул-џез и џез фузија, но тие не се преклопуваат целосно со џез-фанкот.
Синт-фанк од 1980-тите
[уреди | уреди извор]Во 1980-тите, главно како реакција против она што се сметало за прекумерно уживање во диско-музиката, многу основни елементи од фанкот почнале да се заменуваат со електронски инструменти, тапани-машини и синтисајзери. Дувачките секвенци од саксофони и труби биле заменети со синтетички клавијатури.
Под влијание на Крафтверк, афроамериканскиот рап-диџеј Африка Бамбаатаа, со неговиот сингл „Planet Rock“ во 1982 година развил електро-фанк, минималистички машински стил на фанк. Мајкл Џексон исто така бил под влијание на електро-фанкот.[9] Во 1980 година, техно-фанк музиката ја користела програмабилната машина за тапани TR-808, [10] а музиката на Крафтверк влијаела [11] на подоцнежните електро-фанк музичари како што е Mantronix.[12]
Принс ја основал групата Time, првично замислена како воведен изведувач за неговите концерти, а која свирела мешавина од фанк, R&B, рок, поп и новобранова музика.
Ну-фанкот во 1990-тите и 2000-тите
[уреди | уреди извор]Кон крајот на 1980-тите, фанкот се соочил со нови предизвици и промени. Додека во доцните 1980-ти доминирале диско и рап-музиката, фанкот полека почнал да се интегрира во новите музички стилови, какви што биле хип-хоп и електронска музика. Принс и Џорџ Клинтон продолжиле да комбинираат фанк со поп и рок-елементи. Во 1990-тите, фанкот доживеал ренесанса, особено во хип-хоп културата. Музичари како Red Hot Chili Peppers и Jamiroquai комбинирале фанк со рок и електронска музика, создавајќи нови музички стилови познати како фанк-рок или фанк-метал. Претставници на фанк-рокот, меѓу другите, биле: Faith No More, Rage Against the Machine, Infectious Grooves и Incubus. Во овој период исто така се појавиле и нови фанк-групи, кои го негувале класичниот фанк-звук: The Brand New Heavies и The Funky Meter.
Со доаѓањето на новиот милениум, фанкот продолжил да се развива. Музичари како OutKast и Ерика Баду комбинираle фанк со R&B и соул, создавајќи уникатен звук. Во овој период исто така се појавиле и нови поджанрови, како што се ну-фанк и електрофанк, кои комбинираат традиционални фанк елементи со современи електронски звуци.
Фанктроника од 2010-тите
[уреди | уреди извор]Во текот на 2000-тите и раните 2010-ти, некои панк-фанк бендови како што се Out Hud и Mongolian MonkFish настапувале на инди-рок сцената. Принс, со неговите подоцнежни албуми, го преродил фанк звукот со песни како „The Everlasting Now“, „Musicology“, „Ol' Skool Company“ и „Black Sweat“. Музичари како Бруно Марс и Марк Ронсон, преку комбинација на фанкот со поп и R&B-музика повторно го популаризирале жанрот. Оваа нова генерација на музичари ја враќа фанк-музиката во центарот на популарната култура, со хитови инспирирани од класичниот фанк-звук.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Slutsky, Allan, Chuck Silverman (1997). The Funkmasters-the Great James Brown Rhythm Sections. ISBN 1-57623-443-6
- ↑ „KOOL & THE GANG“. njhalloffame.org. New Jersey Hall of Fame. June 26, 2015.
- ↑ Himes, Geoffrey (1 August 1979). „On the Difference Between Funk and Disco“. The Washington Post. Посетено на 13 April 2019.
- ↑ Archard, Chuck (1998). Building Bass Lines. Alfred Music Publishing. ISBN 9780882849218.
- ↑ Boomer, Tim; Berry, Mick. The Bassist's Bible: How to Play Every Bass Style from Afro-Cuban to Zydeco. See Sharp Press, Jul. 1, 2009. p. 25
- ↑ Kernodle, Tammy L.; Maxile, Horace; Price, Emmett G. III (2010). Encyclopedia of African American Music. Greenwood. стр. 337.
- ↑ „Rhapsody :: Jazz-Funk“. Us.napster.com. Архивирано од изворникот на September 29, 2007. Посетено на February 25, 2021.
- ↑ „Jazz | Significant Albums, Artists and Songs“. AllMusic. 2013-11-24. Посетено на 2015-06-03.
- ↑ Dayal, Gheeta (July 7, 2006). „Yellow Magic Orchestra“. Groove. The Original Soundtrack. Архивирано од изворникот на October 2, 2011. Посетено на June 17, 2011.
- ↑ Anderson, Jason (November 28, 2008). „Slaves to the rhythm: Kanye West is the latest to pay tribute to a classic drum machine“. CBC News. Посетено на May 29, 2011.
- ↑ Toop, David (March 1996), „A-Z Of Electro“, The Wire (145), Посетено на May 29, 2011
- ↑ „Kurtis Mantronik Interview“, Hip Hop Storage, July 2002, Архивирано од изворникот на May 24, 2011, Посетено на May 25, 2011
|