Република Кина (1912-1949)
Република Кина 中華民國
|
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Химна: Различни
|
||||||
Државен печат: 中華民國之璽 "Печат на Република Кина" (1929–1949) |
||||||
Главен град | ||||||
Најголем град | Шангај | |||||
Службен јазик | Стандарден кинески | |||||
Официјално писмо |
|
|||||
Законодавство | Државно собрание | |||||
Валута |
|
|||||
Часовен појас | (UTC+5:30 to +8:30) | |||||
Се вози на | Десно (на лево до 1946) |
Република Кина (кинески: 中華民國), или само Кина (кинески: 中國) ― поранешна суверена држава во Источна Азија. Република Кина била основана на 1 јануари 1912 по соборување на манџуриската династија Ќинг и опстоила до 7 декември 1949 година, откако во Кинеската граѓанска војна владејачката партија Куоминтанг била поразена од Комунистичката партија. По поразот Централната влада на Република Кина се повлекла на Тајван и ја основала денешната Република Кина со главен град Тајпеј. Кинеската комунистичка партија на 1-ви октомври 1949 во Континентална Кина ја основала денешна Народна Република Кина со главен град во Пекинг. Политичкиот статус на Тајван останал спорен до денес.
Историја
[уреди | уреди извор]Преглед
[уреди | уреди извор]Република Кина формално била основана на 1 јануари 1912 година по Синхајската револуција, која пак започнала на 10 октомври 1911 година со Вуханшкото востание. Со револуцијата била соборена династијата Ќинг и завршила преку две илјади годишното царско владеење во Кина.[1] Централната власт јакнела и слабеела во текот на различни периоди како ерата на воени водачи (1915-1928), јапонската инвазија (1937-1945) и граѓанската војна (1927-1949); централната власт била најсилна за време на Нанѓиншката декада (1927-1937), кога скоро цела Кина била под контрола на авторитарната, еднопартиска воена диктатура на Куоминтанг.[2]
Во 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна, Јапонското Царство на сојузниците им ја отстапил контролата врз Тајван и неговите островски групи; а Тајван бил ставен под административна контрола на Република Кина. По Кинеската граѓанска војна, кинеските комунисти во 1949 година ја презеле власта во континентална Кина, а на дотогаш владејачката Куоминтанг му била оставена контрола само врз Тајван, Пенгу, Кинмен, Мацу и други помали острови. Откако го загубила копното, владата на Република Кина се повлекла на Тајван и Куоминтанг го прогласил Тајпеј за привремен главен град.[3] Во меѓувреме, ККП ја презела цела континентална Кина [4][5] и ја основала Народна Република Кина (НРК) во Пекинг.
1912–1916: Основање
[уреди | уреди извор]Во 1912 година, после преку две илјади годишно царско владеење, во Кина била основана република која ја заменила монархијата.[1] Последната кинеска царска династија, Династијата Ќинг во текот на 19 век била нестабилна поради тоа што била соочена со внатрешен бунт и со странски империјализам.[6] Програмата за институционални реформи се испоставила дека е задоцнета и дека не ги опфаќа сите сегменти на општеството. Монархијата опстоила до 1912 година единствено поради непостоењето на алтернативен режим.[7][8]
Кинеската Република била плод на Вуханшкото востание против владеењето на Ќинг и кое избувнало на 10 октомври 1911 година. 10 октомври денес се слави како Ден на државноста на Република Кина, исто така е познат како „Ден на две десетки“. Сун Јат-сен од своите бази во егзил активно ja промовирал револуција.[9] Toj се вратил во Кина, и на 29 декември, собранието во Нанѓинг,[10] кое се состоело од претставници од седумнаесет провинции го избрало за претседател. Сун Јат-сен бил официјално инаугуриран за претседател на 1 јануари 1912 година и ветил „соборување на деспотската влада предводена од Манџуријците, консолидирање на Република Кина и донесување на план за благосостојбата на народот“.[11] Новата влада на Сан немала воен капацитет. Затоа, тој преговарал со Јуан Шикаи, командант на Беијаншката војска, при што на Јуан му ја понудил функцијата Претседател на републиката ако насилно го отстрани царот од династијата Ќинг. Јуан го прифатил договорот.[12] На 12 февруари 1912 година, царицата Довагер Лонгју која владеела како регент во име на царот Ксуантонг го потпишала декретот за абдикација.[13] Сонг Џиаорен, претседател на партијата Куоминтанг, ја прилагодил програмата на партијата според потребите на благородниците, земјопоседниците и трговците и успеал да победи на изборите. Сонг бил убиен на 20 март 1913 година, по налог на Јуан Шикаи.[14]
Во 1913 година Јуан бил избран за претседател на Кина.[6][7] За време на владеењето се потпирал на својата воена моќ и ги игнорирал републиканските институции воспоставени од неговиот претходник. Тој се заканил се дека ќе ги погуби членовите на Сенатот кои не се согласуваат со неговите одлуки. Веднаш потоа, тој ја распуштил партијата на власт Куоминтанг (КМТ), ги забранил „тајните организации“ (кои имплицитно го вклучиле и КМТ) и го игнорирал привремениот устав. Обидот за демократски избори во 1912 година завршил со атентат на избраниот кандидат по налог на Јуан. Во 1915 година, Јуан се самопрогласил за цар на Кина.[7] Новиот кинески цар се обидел да воведе поцентрализирана држава преку укинување на системот на региони; но, ваквиот потег ги налутил благородниците и регионалните гувернери, кои најчесто биле воени лица.
1916-1927: Ера на воени господари
[уреди | уреди извор]Како резултат на промените во регионалниот систем што го наметнал Јуан, многу региони прогласиле независност и станале воени држави. Јуан, соочен со сè помала популарност и напуштен од неговите поддржувачи, абдицирал во 1916 година. Набрзо потоа умрел од природна смрт.[7][15] Кина влегла во период на владеење на воени водачи. Сан, кој претходно бил протеран од државата, со помош на воени водачи во 1917 се вратил во Гуангдунг, и основал соперничка влада на Беијаншката влада во Пекинг; во октомври 1919 година ја возобновил партијата КМТ. Сан сакал да ја обедини Кина преку воен поход против северот. Сепак, тој немал воена поддршка ниту финансии за реализација на овој план.[16]
Во меѓувреме, Беијаншката влада се борела да ја задржи власта и се развила отворена и широка дебата за тоа како Кина треба да се спротивстави на Западот. Во 1919 година, избувнал студентски протест против млакиот одговор на владата на одредбите од Версајскиот договор, кој кинеските интелектуалци го сметале за нефер. Од протестот изникнало движењето Четврти мај, чии членови демонстрирале против опасноста од ширење на западното влијание кое ќе ја замени кинеската култура. Ваквата политичка клима го проширила и го популарирала марксистичкото влијание, и во 1921 година била основана Кинеската комунистичка партија.[17]
По смртта на Сан во март 1925 година, Чанг Кај Шек застанал на чело на Куоминтанг. Во 1926 година, Чанг го започнал Северниот поход со намера да ги победи воените водачи од Беијанг и да ја обедини земјата. Чанг добил помош од Советскиот Сојуз и од ККП. Сепак, тој набрзо сватил дека советските советници сакаат да ја елиминираат КМТ и да преземат контрола врз земјата и ги отпуштил.[7] Чанг решил да ја исчисти земјата од комунисти, и убил илјадници негови приврзаници. Истовремено, низ цела Кина имало насилни конфликти: на југ, каде што доминирала ККП, биле масакрирани приврзаници на националистите. Овие настани довеле до кинеска граѓанска војна меѓу националистите и комунистите.
1927–1937: Нанѓиншка деценија
[уреди | уреди извор]Чанг Кај Шек ја потиснал ККП во внатрешноста на државата и во 1927 година основал влада, со Нанѓинг како главен град.[18] Во 1928 година, војската на Чанг ја соборила Беијаншката влада и ја обединила цела држава, со што започнувала таканаречената Нанѓиншка деценија.[19]
Сун Јат-сен предвидел три фази при обновата на KMT во Кина – воено владеење и насилно обединување; политичко туторство; и конечно уставна демократија.[20] Во 1930 година, по преземањето на власта и повторното насилно обединување на Кина, започнала фазата на „туторство“ со прогласување на привремен устав.[21] За да се дистанцираат од Советите, националистичката влада побарала помош од Германија. Чанг Кај Шек бил под влијание на европските фашистички движења и за га ги имитира ги основал Сините кошули и Движењето нов живот.[22][23] Во овој период биле основани неколку големи владини институции, меѓу кои и Кинеската академија и Централната банка на Кина. Во 1932 година, Кина за прв пат учествувала на Олимписки игри. Биле организирани кампањи и донесени закони за унапредување на правата на жените. Во Граѓанскиот законик од 1931 година, на жените им биле дадени еднакви права на наследство, биле забранети присилните бракови и жените добиле право да располагаат со свои пари и да иницираат развод.[24] Во Кина, пред доаѓањето на владата на Куоминтанг во Нанѓинг во 1928 година, не било можно основање на национално обединето женско движење; правото на глас на жените било вметнато во новиот Устав од 1936 година, иако уставот бил спроведен дури во 1947 година.[25] Решавањето на социјалните проблеми, особено во оддалечените села, било потпомогнато преку подобрени комуникации. Движењето за рурална обнова било едно од многуте кои ја искористија новата слобода за подигање на општествената свест. Националистичката влада на 5 мај 1936 година објавила нов нацрт-устав.[26]
Владата била оптоварена со постојани војни. Војни во западните погранични региони биле: Кумулската револуција, Кинеско-тибетската војна и советската инвазија на Синџијанг. Големи региони на Кина и понатаму биле под полуавтономна власт на месни воени водачи како Фенг Јусианг и Јан Сишан, регионални воени водачи или здружување на воени водачи.[19] Националистичкото владеење бил најсилно во источните региони околу главниот град Нанѓинг. Војната во Централните рамнини од 1930 година, јапонската агресија во 1931 година и Долгиот марш на Црвената армија од 1934 година придонеле за поголема сплотеност на Кинезите.
Реформаторите и критичарите се залагале за демократија и човекови права, но се чини дека пред себе имале тешка, ако не и невозможна задача. Државата била во војна и била поделена меѓу комунистите и националистите. Корупцијата и немањето насока ги попречиле реформите.
1937–1945: Втора кинеско-јапонска војна
[уреди | уреди извор]Кинезите биле свесни за јапонските аспирации кон Кина. На Јапонија, соочена со брз раст на населението и се поголема индустријализација, очајно ѝ биле потребни суровини. За таа цел, во септември 1931 година извршила инвазија на Манџурија, а како цар на марионетската држава Манџукуо во 1932 година го поставила последниот кинески цар Пу Ји. Кинеската економија силно ги почувствувала последиците од загубата на Манџурија со нејзиниот потенцијал за индустриски развој и веќе развиената воена индустрија. Друштвото на народите, основано на крајот од Првата светска војна, не било во можност да дејствува.
Јапонците почнале да притискаат од областите јужно од Кинескиот ѕид кон северна Кина и крајбрежните региони. Кинескиот гнев против Јапонија бил очекуван, но гневот бил насочен и против Чанг и неговата влада во Нанѓинг, која во тоа време бил повеќе зафатена со кампањи против комунистите а не со отпор кон јапонската агресија. Важноста на „внатрешното единство пред надворешната опасност“ Владата ја увидела откако во декември 1936 година, Џанг Суелианг го киднапирал Чанг Кај Шек (во настанот денес познат како инцидент од Сиан) и го принудил да се здружи со комунистите во заедничка борба против Јапонците.
Кинескиот отпор се зајакнал по 7 јули 1937 година, по судирот меѓу кинеските и јапонските трупи во близина на Пекинг (денес во Пекинг) во близина на мостот Марко Поло. Овој инцидент предизвикал отворена, иако необјавена, војна меѓу Кина и Јапонија. По тримесечна битка во која Јапонија претрпеле големи загуби во армијата и морнарицата паднал градот Шангај. Главниот град Нанѓинг паднал во декември 1937 година, по што имало масовни убиства и силувања (познато како Нанѓиншки масакр) . Главен град на Кина накратко бил во Вухан, а потоа владата се повлекла во Чонгкинг, кој бил нејзино седиште до 1945 година. Во 1940 година, Јапонците го воспоставиле колаборационистичкиот режим Ванг Џингвеи, со главен град во Нанѓинг, кој бил прогласен за легитимна „Република Кина“.
Обединетиот фронт на Куоминтанг и ККП пружал отпор и покрај постојаните територијални придобивки на Јапонија во Северна Кина, крајбрежните региони и богатата долина на реката Јангце во Централна Кина. Од 1940 година, имало зачестени конфликти меѓу Куоминтанг и комунистите во областите кои не биле под јапонска контрола. Комунистите, преку масовни организации, административни реформи и мерки за аграрна и даночна реформа кои ги фаворизирале селаните, го ширеле своето влијание. Куоминтанг, пак се обидувал да го неутрализира ширењето на комунистичкото влијание. Во меѓувреме, во Северна Кина се инфилтрирале од јапонски политичари од Манџукуо.
По вклучувањето на САД во Втората светска војна, тие сѐ повеќе биле инволвирани во кинеските работи. Како свој сојузник, САД кон крајот на 1941 година на притиснатата националистичка влада почнала да ѝ пружа голема воена и финансиска помош. Во јануари 1943 година, и Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство започнале да ги ревидираат своите нееднакви договори склучени со Кина во минатото.[27][28] За неколку месеци бил потпишан нов договор меѓу САД и Република Кина за стационирање на американски војници во Кина како дел од заедничката борба против Јапонија. САД не успеале во својот обид за помирување на соперничките партии во Кина, Куоминтанг и Комунистите, за да направат поефективен антијапонски фронт. Во декември 1943 година, Конгресот од САД ги укинал законите од 1880-тите со кои се ограничува исселувањето на Кинезите во САД. Ваквата воената политика на САД требало да ѝ помогне на Кина да стане силен сојузник и фактор на стабилност во повоена Источна Азија. За време на војната, Кина била еден од четирите големи сојузници во Втората светска војна, а подоцна и еден од четворицата полицајци, што подоцна ѝ овозможило на Кина да има постојано седиште во Советот за безбедност на Обединетите нации.[29]
Во август 1945 година, со американска помош, националистичката војска издејствувала предавање на Јапонците во Северна Кина. Советскиот Сојуз (според договореното на Конференцијата во Јалта во февруари 1945 година) за побрзо да заврши војната ја нападнал Манџурија и по нејзиното освојување демонтирале и отстраниле повеќе од половината од индустриската опрема што таму ја оставиле Јапонците. Иако Кинезите немале претставник на Јалта, тие биле известени и се согласиле Советите да влезат во војната, надевајќи се и дека Советскиот Сојуз ќе се пресмета и со владата на Куоминтанг. Сепак, советското присуство во североисточна Кина им овозможило на комунистите да се вооружат со опремата предадена од јапонската војска додека тие се повлекувале.
1945–1949: Пораз во Кинеската граѓанска војна
[уреди | уреди извор]Во 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна, националистичката влада се вратила во Нанѓинг. Република Кина по војната стекнала статус на голема воена сила, но всушност била економски нестабилна и на работ на сеопфатна граѓанска војна. За рехабилитација на областите кои претходно биле окупирани од Јапонија и за реконструкција на државата од пустошот што зад себе го оставила долготрајната војна биле потребни големи финансиски средства. Економската состојба се влошувала поради воените барања на странската војна и внатрешните судири. Економијата во Кина се нашла во состојба на инфлаторна спирала. Исто така, земјата се соочувала со профитерство на националистите, шпекулации и складирање на богатство од поединци. По војната настапил глад, а милиони луѓе останале без покрив над главата поради поплавите и условите во многу делови од земјата.
На 25 октомври 1945 година, по капитулацијата на Јапонија, Јапонија на Кина административно ѝ ги отстапила Тајван и островите Пенгу.[30] По завршувањето на војната, американските маринци го чувале Пекинг и Тијанџин од потенцијален советски упад, а армијата на Куоминтанг во северна и североисточна Кина добила логистичка поддршка. Затоа, на 30 септември 1945 година, во Кина пристигнала една дивизија маринци задолжена за одржување на безбедноста во областите на Полуостровот Шандунг и источен Хебеј.[31]
Во јануари 1946 година, со посредство на САД, било склучено воено примирје меѓу Куоминтанг и комунистите. Сепак, битките продолжиле набрзо. Јавното мислење во Кина за административната неспособност на националистичката влада било поттикнато од комунистите за време на студентскиот протест поради лошото постапување во еден случајот на силување во Шен Чонг на почетокот од 1947 година и подоцна истата година за време на уште еден државен протест против монетарните реформи. Соединетите Американски Држави (откако увиделе дека само со вооружена интервенција од големи размери можат да ја запрат неминовната војна) го повлекле генералот од Маршаловата американската мисија. По повлекувањето, Кинеската граѓанска војна земала сѐ поголеми размери; битки се воделе не само за територија туку и за верност на делови од населението. САД им помогале на националистите со огромни економски заеми и оружје, но не и со борбена поддршка.
Со задоцнување, владата на Република Кина преку внатрешни реформи се обидела да добие поддршка од народот. Сепак, трудот бил залуден поради неконтролираната владина корупција и политички и економски хаос кој таа го предизвикала. На крајот од 1948 година, Куоминтанг бил во многу лоша позиција. Деморализираната и недисциплинирана Национална револуционерна армија не можела да се спротивстави на мотивираната и дисциплинирана Народноослободителна армија на комунистите. Комунистите биле добро утврдени на север и североисток од земјата. Иако Куоминтанг имал бројчана предност во луѓе и оружје, контролирал многу поголема територија и население од своите противници и уживал голема меѓународна поддршка, тие биле исцрпени од долгата војна со Јапонија и од борбите меѓу своите генерали. Тие, исто така, почнале да ја губат пропагандната војна со комунистите и со населението кое било уморно од корупцијата во Куоминтанг и копнеело за мир.
Во јануари 1949 година, комунистите без борба го презеле Пекинг. По заземањето на Нанѓинг на 23 април, до ноември и други поголеми градови со многу мал отпор преминале под комунистичка контрола. Конечно, на 1 октомври 1949 година, комунистите предводени од Мао Це Тунг ја основале Народна Република Кина. Во мај 1949 година, Чанг Кај Шек прогласил воена состојба, а неколку стотици илјади националистички војници и два милиони бегалци, претежно приврзаници на владата и луѓе од бизнис заедницата, избегале од копнена Кина на Тајван. Во Кина останале само изолирани групи кои пружале отпор. На 7 декември 1949 година, Чанг го прогласил Тајпеј за привремен главен град на Република Кина.
За време на кинеската граѓанска војна, националистите и комунистите извршиле масовни злосторства, при што милиони цивили биле убиени од двете страни.[32] Бенџамин Валентино проценил дека од злосторствата направени во граѓанската војна (во периодот од 1927 до 1949 година) умреле од 1,8 милион до 3,5 милиони луѓе, вклучувајќи ги и смртните случаи предизвикани од присилна регрутација и масакрите.[33]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 China, Fiver thousand years of History and Civilization. City University Of Hong Kong Press. 2007. стр. 116. ISBN 9789629371401. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 9 September 2014. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „cuhk“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ Roy, Denny (2004). Taiwan: A Political History. Ithaca, New York: Cornell University Press. стр. 55, 56. ISBN 0-8014-8805-2.
- ↑ „Taiwan Timeline – Retreat to Taiwan“. BBC News. 2000. Архивирано од изворникот на 24 June 2009. Посетено на 21 June 2009.
- ↑ China: U.S. policy since 1945. Congressional Quarterly. 1980. ISBN 0-87187-188-2.
the city of Taipei became the temporary capital of the Republic of China
- ↑ (Report). Отсутно или празно
|title=
(help);|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ 6,0 6,1 „The Chinese Revolution of 1911“. US Department of State. Архивирано од изворникот на 19 October 2016. Посетено на 27 October 2016. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „depstate-chineserev“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Fenby 2009
- ↑ Fairbank; Goldman (1972). China. Crowell. стр. 235. ISBN 0-690-07612-6.
- ↑ Wang, Yi Chu. „Sun Yat-sen“. Encyclopædia Britannica. Encyclopædia Britannica, Inc. Архивирано од изворникот на 21 March 2022. Посетено на 7 September 2022.
- ↑ „Sun Yat Sen elected president of new Republic of China“. Shanghai: United Press International. 29 December 1911. Архивирано од изворникот на 1 December 2022. Посетено на 7 September 2022.
- ↑ Jonathan Fenby, The Penguin History of Modern China (2013) p. 123.
- ↑ Hsü 1970
- ↑ „The abdication decree of Emperor Puyi (1912)“. alphahistory.com (англиски). 4 June 2013. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 22 May 2021.
- ↑ Jonathan Fenby, "The silencing of Song."
- ↑ Meyer, Kathryn; James H Wittebols; Terry Parssinen (2002). Webs of Smoke. Rowman & Littlefield. стр. 54–56. ISBN 0-7425-2003-X. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 28 October 2020.
- ↑ Pak, Edwin; Wah Leung (2005). Essentials of Modern Chinese History. Research & Education Assoc. стр. 59–61. ISBN 978-0-87891-458-6. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 28 October 2020.
- ↑ Guillermaz, Jacques (1972). A History of the Chinese Communist Party 1921–1949. Taylor & Francis. стр. 22–23. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 28 October 2020.
- ↑ „民國十六年,國民政府宣言定為首都,今以臺北市為我國中央政府所在地。“ (кинески). Ministry of Education, ROC. Архивирано од изворникот на 17 May 2021. Посетено на 22 December 2012.
- ↑ 19,0 19,1 Kucha, Glenn; Llewellyn, Jennifer (12 September 2019). „The Nanjing Decade“. Alpha History. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 7 September 2022. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „ah-nanjing“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ Fung 2000
- ↑ Chen, Lifu; Ramon Hawley Myers (1994). Hsu-hsin Chang, Ramon Hawley Myers (уред.). The storm clouds clear over China: the memoir of Chʻen Li-fu, 1900–1993. Hoover Press. стр. 102. ISBN 0-8179-9272-3.
After the 1930 mutiny ended, Chiang accepted the suggestion of Wang Ching-wei, Yen Hsi-shan, and Feng Yü-hsiang that a provisional constitution for the political tutelage period be drafted.
- ↑ Eastman, Lloyd (2021). „Fascism in Kuomintang China: The Blue Shirts“. The China Quarterly. Cambridge University Press (49): 1–31. JSTOR 652110. Посетено на 2 February 2021.
- ↑ Payne, Stanley (2021). A History of Fascism 1914–1945. University of Wisconsin Press. стр. 337. ISBN 978-0299148744. Посетено на 2 February 2021.
- ↑ Hershatter, G. (2018).
- ↑ Nicola Spakowski, Cecilia Nathansen Milwertz:Women and Gender in Chinese Studies
- ↑ Jing Zhiren (荆知仁). 中华民国立宪史 (кинески). 联经出版公司.
- ↑ Sino-U.S. Treaty for Relinquishment of Extraterritorial Rights in China
- ↑ Sino-British Treaty for the Relinquishment of Extra-Territorial Rights in China
- ↑ Urquhart, Brian. Looking for the Sheriff. New York Review of Books, 16 July 1998.
- ↑ Brendan M. Howe (2016). Post-Conflict Development in East Asia. Routledge. стр. 71. ISBN 9781317077404. Архивирано од изворникот на 10 April 2023. Посетено на 6 December 2016.
- ↑ Jessup, John E. (1989). A Chronology of Conflict and Resolution, 1945–1985. New York: Greenwood Press. ISBN 0-313-24308-5.
- ↑ Rummel, Rudolph (1994), Death by Government.
- ↑ Valentino, Benjamin A. Final solutions: mass killing and genocide in the twentieth century Cornell University Press. 8 December 2005. p. 88
Извори
[уреди | уреди извор]- Boorman, Howard, et al., eds.,Biographical Dictionary of Republican China. (New York: Columbia University Press, 4 vols, 1967–1971). 600 articles. Available online at Internet Archive.
- Botjer, George F. (1979). A short history of Nationalist China, 1919–1949. Putnam. стр. 180. ISBN 9780399123825. Архивирано од изворникот 10 April 2023. Посетено на 2 January 2016.
- Fenby, Jonathan (2009). The Penguin History of Modern China: The Fall and Rise of a Great Power, 1850–2008. London: Penguin.
- Fung, Edmund S. K. (2000). In Search of Chinese Democracy: Civil Opposition in Nationalist China, 1929-1949. Cambridge; New York: Cambridge University Press. ISBN 0521771242. Архивирано од изворникот 10 April 2023. Посетено на 5 February 2022.
- Harrison, Henrietta (2001). China. London: Arnold; New York: Oxford University Press. ISBN 0340741333.. In the series "Inventing the Nation."
- Hsü, Immanuel C.Y. (1970). The Rise of Modern China (1995. изд.). Oxford University Press. ISBN 9780195087208.
- Jowett, Philip. (2013) China's Wars: Rousing the Dragon 1894–1949 (Bloomsbury Publishing, 2013).
- Leung, Edwin Pak-wah. Historical Dictionary of Revolutionary China, 1839–1976 (1992) online free to borrow
- Leung, Edwin Pak-wah. Political Leaders of Modern China: A Biographical Dictionary (2002)
- Li, Xiaobing. (2007) A History of the Modern Chinese Army excerpt Архивирано на 10 април 2023 г.
- Li, Xiaobing. (2012) China at War: An Encyclopedia excerpt
- Mitter, Rana (2004). A Bitter Revolution: China's Struggle with the Modern World. Oxford; New York: Oxford University Press. ISBN 0192803417.
- Sheridan, James E. (1975). China in Disintegration : The Republican Era in Chinese History, 1912–1949. New York: Free Press. ISBN 0029286107.
- Taylor, Jay (2009). The Generalissimo: Chiang Kai-Shek and the Struggle for Modern China. Cambridge, MA: Belknap Press of Harvard University Press. ISBN 9780674033382.
- van de Ven, Hans (2017). China at War: Triumph and Tragedy in the Emergence of the New China, 1937–1952. London: Profile Books Limited. ISBN 9781781251942. Архивирано од изворникот 2 April 2023. Посетено на 10 October 2019.
- Vogel, Ezra F. China and Japan: Facing History (2019) excerpt Архивирано на 9 март 2021 г.
- Westad, Odd Arne. Restless Empire: China and the World since 1750 (2012) Online free to borrow
- Wilbur, Clarence Martin. Sun Yat-sen, frustrated patriot (Columbia University Press, 1976), a major scholarly biography online
- Историографија
- Yu, George T. "The 1911 Revolution: Past, Present, and Future", Asian Survey, 31#10 (1991), pp. 895–904, online Архивирано на 2 февруари 2021 г. historiography
- Wright, Tim (2018). Chinese Studies. Oxford University Press. ISBN 9780199920082.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Република Кина (1912-1949) на Ризницата ?
|