Прејди на содржината

Предрасуда

Од Википедија — слободната енциклопедија

Предрасудата најчесто се однесува на претходно стекнатите, обично непожелни, судови насочени кон луѓе или личност поради полот, општествената класа, возраста, оневозможеноста, религијата, сексуалноста, расата/етничноста, јазикот, националноста или други лични одлики. Таа исто така може да се однесува и на неосновани верувања,[1] при што може да го вклучи „секое неразумно однесување кое е обично отпорно на влијанието на разумот“.[2]

Современи теории и емпириски наоди

[уреди | уреди извор]

Социјалниот психолог Хенри Таџфел и неговите колеги откриле дека фаворитизмот внатре во рамките на дадена група може да се појави дури и во групи кои претходно немале општествено значење. Во експериментите со минимални групи било откриено дека кога доброволците-учесници биле сместени во групи (изградени врз основа на нешто тривијално, на пример, фрлање паричка), овие учесници покажувале внатрегрупов фаворитизам, при што во меѓучовечките односи им давале предност на членовите на сопствената група (ингрупа).[3]

Ефектот на еднородност на аутгрупата е перцепцијата според која членовите на една аутгрупа се послични (еднородни, хомогени) за разлика од членовите на ингрупата. Социјалните психолози Кватрон и Џонс спровеле истражување кое го покажува ова тврдење, во кое зеле учество ученици од соперничките училишта Принстон и Ратгерс.[4] На учениците од секое училиште им биле прикажани видеа со други ученици од секое училиште како избираат вид на музика за слушање. Потоа на учесниците им била дадена задача да погодат колку проценти од соучениците на снимените ученици би ја избрале истата музика. Учесниците предвиделе многу поголема сличност меѓу членовите на аутгрупата (соперничкото училиште).

Моделот на оправдување-потиснување на предрасудата бил создаден од Кристијан Крендал и Ејми Ешлман.[5] Овој модел објаснува дека луѓето се соочуваат со конфликт меѓу желбата да ја изразат предрасудата и желбата да одржат позитивен јас-концепт. Овој конфликт ги предизвикува луѓето да бараат оправдување за тоа што не ја сакаат аутгрупата и да го искористат тоа оправдување за да избегнат негативни чувства (когнитивна дисонанца) за себеси кога ја изразуваат антипатијата за аутгрупата.

Теоријата на реалистичниот конфликт кажува дека натпреварот за ограничени ресурси доведува до зголемени негативни предрасуди и дискриминација. Ова може да се забележи дури и тогаш кога ресурсот е незначителен. Во експериментот на Робер Кејв[6] биле создадени предрасуди и непријателство меѓу двата летни кампови по одржувањето на спортските натпревари кои се играле за мали награди. Непријателството било намалено откако двата натпреварувачки кампови биле присилени да соработуваат на одредени задачи за да постигнат заедничка цел.

Друга современа теорија е теоријата на интегрирана закана, развиена од страна на Валтер Стивен.[7] Таа проникнува од неколку други психолошки објаснувања на предрасудите и односот ингрупа/аутгрупа, како на пример, од закана од конфликтот на реалистична група (Realistic Group Conflict Threat) и симболичкиот расизам.[8] Исто така ја користи перспективата на теоријата на општествен идентитет како основа за својата валидност, т.е., претпоставува дека единките дејствуваат во контекст основан на група, каде членовите на групата се дел од поединечниот идентитет. ITT вели дека предрасудите кон аутгрупата и дискриминацијата настануваат кога единките ја перцепираат аутгрупата како заканувачка на некој начин. ITT образложува четири закани:

Реалистичните закани се опипливи, како конкуренцијата за природен ресурс или закана за приходот. Симболичките закани настануваат од перцепираната разлика во културните вредности меѓу групите или од перцепираната нерамнотежа на моќта, на пример, кога дадена ингрупа ја перцепира религијата на аутгрупата како несовпадлива со нивната. Меѓугруповата анксиозност е чувство на тегоба кое се јавува во присуство на аутгрупата или член на аутгрупата, што сочинува закана бидејќи заемодејствата со други групи предизвикуваат негативни чувства (на пример, закана по комфорните интеракции). Негативните стереотипи се слични закани, каде единките го антиципираат негативното однесување од членовите на аутгрупата заедно со перцепираниот стереотип, на пример, дека аутгрупата е насилна. Често овие стереотипи се поврзани со емоции од типот на страв и бес. Теоријата на интегрирана закана се разликува од останатите теории на закани по тоа што ги вклучува меѓугруповата анксиозност и негативните стереотипи како типови на закана.

Дополнително, теоријата на општествената доминантност гласи дека на општеството може да се гледа како на хиерархии основани на групи. Во конкуренција за оскудни ресурси како дом или работа, доминантните групи создаваат „легитимирачки митови“ полни со предрасуди со цел да обезбедат морално и интелектуално оправдување за нивната доминантна позиција над останатите групи и да го валидизираат присвојувањето на ограничените ресурси.[9] Легитимирачките митови, како на пример дискриминаторските практики на вработување или пристрасните норми за заслуги, функционираат за да ги одржат овие хиерархии основани на предрасуди.

Предрасудите можат да бидат централен фактор за појавата на депресија.[10] Ова може да се случи кај некој кој е жртва на предрасуди, кој е мета на нечии предрасуди или кога луѓето имаат предрасуди за самите себе, што ја причинува нивната сопствена депресија.

Контраверзи и особени примери

[уреди | уреди извор]

Сексизам

[уреди | уреди извор]

Поимот сексизам обично се поврзува со негативните настроенија кон жената кои произлегуваат од верувањето дека жените се помалку вредни или помалку способни од мажите.[11] Дискусијата за овие настроенија и актуелните полови разлики и стереотипи продолжуваат да бидат контроверзни прашања. Низ историјата, за жените се сметало дека се потчинети на мажите, често игнорирајќи ги во областите како академија. Традиционално, за мажите се сметало дека се поспособни од жените, умствено и физички.[11] Во социјалната психологија, истражувањата на предрасудите како што е „Кој ги сака компетентните жени“, довеле до истражувања на предрасудите основани на полот.[11] Ова резултирало во две широки теми или фокуси во ова поле: првата се фокусира на ставовите кон еднаквоста на половите, а втората на верувањата на луѓето за мажите и жените.[11] Денешните истражувања основани на сексизам продолжуваат да се остваруваат во психологијата, со тоа што истражувачите се обидуваат да разберат како мислите, чувствата и однесувањата на луѓето влијаат и се повлијаени од другите.

Национализам

[уреди | уреди извор]

Национализам е настроение основано на заедничките културни одлики кои го поврзуваат населението и често произведува политика на национална независност или сепаратизам.[12] Национализмот сугерира „заеднички идентитет“ кај луѓето-припадници на нацијата кој ги минимизира разликите во групата и ги потенцира перцепираните граници меѓу групата и оние кои не се нејзини членови.[13] Ова доведува до претпоставката дека членовите на нацијата имаат многу повеќе заедничко отколку што всушност имаат, дека тие се „културно обединети“, дури и ако во рамките на нацијата постојат неправди основани на разликите во статусот и расата.[13] Национализмот во време кога има конфликт на една нација со друга е контроверзен, бидејќи може да функционира како забрзувач на критиката кога станува збор за сопствените проблеми на нацијата, поради што прави да изгледаат природни хиерархиите во нацијата и внатрешните конфликти.[13] Тој исто така може да служи како начин за собирање на луѓето од нацијата околу поддршка за одредена политичка цел.[13] Национализмот најчесто вклучува притисок за конформност, покорност и солидарност меѓу луѓето на нацијата и може да резултира не само во чувствата на јавна одговорност, туку и во поимање во потесна смисла на заедницата поради исклучувањето на оние кои се сметаат за аутсајдери.[13] Бидејќи идентитетот на националистите е поврзан со нивната поданост кон државата, присуството на туѓинци кои не ја споделуваат оваа поданост може да доведе до непријателство.[13]

Класизам

[уреди | уреди извор]

Во Светскиот англиски речник, класизмот се дефинира како „пристрасен или дискриминаторен став кон разликите создадени меѓу општествените или економските класи“.[14] Идејата за раздвојување на луѓето врз основа на класата е контроверзна сама по себе. Некои тврдат дека економската нееднаквост е неизбежен аспект на општеството, па затоа секогаш ќе постои владејачка класа.[15] Тие посочуваат дека дури и во најегалитарните (наједнакви) општества во историјата имало некакво рангирање според општествениот статус. Затоа, тие веруваат дека постоењето на општествените класи е природна одлика на општеството.[16] Други, пак, го тврдат спротивното. Според антрополошките докази, во најголем дел од времето луѓето живееле на начин според кој земјата и ресурсите не биле приватна сопственост.[16] Исто така, кога се појавило општественото рангирање, тоа не било антагонистичко или непријателско како сегашниот класен систем.[16] Овие докази се користат во полза на идејата дека постоењето на систем на општествени класи е непотребно. Како заклучок, општеството допрва треба да дојде до консензус за потребата од класен систем; тоа досега не покажало дека е способно да се справи со непријателството и предрасудите кои се случуваат поради класниот систем.

Сексуална дискриминација

[уреди | уреди извор]

Сексуалната ориентација на еден човек е „претпочитање на хомосексуалност, хетеросексуалност или бисексуалност“.[17] Како и повеќето малцински групи, хомосексуалците и бисексуалците не се имуни на предрасудите и стереотипите од мнозинската група. Тие може да бидат предмет на омраза од другите поради нивните сексуални претпочитања; еден поим за ваква интензивна омраза основана на сексуалната ориентација на дадена личност е хомофобија. Поради она што социјалните психолози го нарекуваат ефект на живост, што подразбира тенденција да се забележуваат само одредени поединечни одлики, мнозинското население претпочита да донесува заклучоци од типот гејовите се расфрлуваат со нивната сексуалност.[18] Ваквите слики можат лесно повторно да се јават во умот поради нивната живост, отежнувајќи ја проценката на целосната ситуација.[18] Мнозинското население не само што може да мисли дека хомосексуалците се расфрлаат со нивната сексуалност или се „премногу геј“, туку можат исто така погрешно да веруваат дека хомосексуалците се лесни за идентификување и етикетирање како геј или лезбијка кога се споредуваат со останатите кои не се хомосексуалци.[19] Се чини дека идејата за хетеросексуалната привилегија цвета во општеството. Истражувањата и прашалниците се формулирани за да се погодат на мнозинството - хетеросексуалците.[20] Оваа дискусија за тоа дали хетеросексуалците се привилегирана група и дали хомосексуалците се минимизирана група е контроверзна. Истражувањата покажуваат дека дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација е моќна одлика на многу пазари на трудот. На пример, се покажало дека геј мажите заработуваат 10% - 32% помалку за разлика од хетеросексуалните мажи во САД, како и тоа дека постои значителна дискриминација во вработувањето врз основа на сексуалната ориентација во многу пазари на трудот.[21]

Расизмот е дефиниран како „верувањето дека расите постојат, дека физичките одлики ги одредуваат културните одлики и дека расните одлики ги прават некои групи супериорни“.[22] Разделувањето на луѓето на хиерархии врз основа на нивната раса се потпира на тврдењата дека нееднаквиот третман меѓу различни групи на луѓе е праведен поради нивните генетски разлики.[22] Расизмот може да се појави меѓу било која група која може да се идентификува врз основа на физичките одлики, па дури и одликите на нивната култура.[22] Иако луѓето може да се групираат заедно и да се наречат специфична раса, не секој се вклопува во ваквите категории, што го отежнува точното дефинирање и опишување на расата.[22]

Научниот расизам започнал да цвета во осумнаесеттиот век и бил во голема мера повлијаен од еволутивните проучувања на Чарлс Дарвин, како и од идеите преземени од пишувањата на филозофите како Аристотел; на пример, Аристотел верувал во концептот на „природни робови“.[22] Овој концепт се фокусира на потребата од хиерархии и на тоа како некои луѓе се обележани да бидат на дното на пирамидата. И покрај тоа што за концептот на раса сè уште се расправа, ефектите од расизмот се очигледни. Расизмот и другите форми на предрасуди можат да влијаат врз однесувањето, мислите и чувствата на личноста, при што цел на социјалните психолози е да ги проучат овие влијанија.

Религиска дискриминација

[уреди | уреди извор]

И покрај тоа што различните религии ги учат своите членови да бидат толерантни кон тие кои се различни и да имаат сочувство, низ историјата постоеле инстанци каде религијата се користела за да промовира омраза.[23] Истражувачите направиле различни истражувања за врската меѓу религијата и предрасудите; досега се добиени мешани резултати. Едно истражување спроведено со ученици во САД открило дека тие кои објавиле дека религијата е многу влијателна во нивниот живот покажале повисок степен на предрасуди за разлика од оние кои не биле религиозни.[24] Други истражувања откриле дека религијата има позитивен ефект врз луѓето што се однесува до предрасудите. Оваа разлика во резултатите може да се припише на разликите во религиските практики или религиозните толкувања меѓу индивидуалците. Оние кои практикуваат „институционализирана религија“, која се фокусира повеќе на општествените и политички аспекти на религиозните настани, се посклони на зголемување на предрасудите.[25] Оние, пак, кои практикуваат „интериоризирана религија“, каде верниците се посветуваат себеси на нивните верувања, се посклони на намалување на предрасудите.[25]

Јазична дискриминација

[уреди | уреди извор]

Единките или групите може да се соочат со неферски однос само врз основа на нивната употреба на јазикот. Оваа употреба на јазикот може да го вклучи мајчиниот јазик на единката или други одлики во говорот на личноста, како акцент, големина на речникот (дали личноста користи сложени и различни зборови), и синтакса. Може исто така да ја вклучи и способноста или неспособноста на личноста да користи друг јазик. Во раните 1980-ти, јазичарот Тов Скутнаб-Кангас ја опишал оваа идеја на дискриминација врз основа на јазикот како концепт на лингвицизам. Кангас го дефинирал лингвицизмот како идологии и структури кои треба да „легитимираат, ефектуираат и репродуцираат нееднаква поделба на моќта и ресурсите (како материјални, така и нематеријални) меѓу групи кои се дефинирани врз основа на јазикот.“[26]

  1. Вилијам Џејмс напишал: „Многу голем број на луѓе мислат дека мислат, кога тие само ги прераспоредуваат нивните предрасуди.“Quotable Quotes – Courtesy of The Freeman Institute
  2. Rosnow, Ralph L. (1972). „Poultry and Prejudice“. Psychologist Today. 5 (10): 53–6.
  3. Tajfel, H. (1982). Social identity and intergroup relations. Cambridge: Cambridge University Press.[се бара страница]
  4. Quattrone, George A.; Jones, Edward E. (1980). „The perception of variability within in-groups and out-groups: Implications for the law of small numbers“. Journal of Personality and Social Psychology. 38: 141–52. doi:10.1037/0022-3514.38.1.141.
  5. Crandall, Christian S.; Eshleman, Amy (2003). „A justification-suppression model of the expression and experience of prejudice“. Psychological Bulletin. 129 (3): 414–46. doi:10.1037/0033-2909.129.3.414. PMID 12784937.
  6. Sherif, Muzafer; Harvey, O. J.; White, B. Jack; Hood, William R.; Sherif, Carolyn W. (1988). The Robbers Cave Experiment: Intergroup Conflict and Cooperation. Middletown, Connecticut: Wesleyan University Press. ISBN 978-0-8195-6194-7.[се бара страница]
  7. Stephan, Cookie White; Stephan, Walter C.; Demitrakis, Katherine M.; Yamada, Ann Marie; Clason, Dennis L. (2000). „Women's Attitudes Toward Men: an Integrated Threat Theory Approach“. Psychology of Women Quarterly. 24: 63–73. doi:10.1111/j.1471-6402.2000.tb01022.x.
  8. Riek, Blake M.; Mania, Eric W.; Gaertner, Samuel L. (2006). „Intergroup Threat and Outgroup Attitudes: A Meta-Analytic Review“. Personality and Social Psychology Review. 10 (4): 336–53. doi:10.1207/s15327957pspr1004_4. PMID 17201592.
  9. Sidanius, Jim; Pratto, Felicia; Bobo, Lawrence (1996). „Racism, conservatism, Affirmative Action, and intellectual sophistication: A matter of principled conservatism or group dominance?“. Journal of Personality and Social Psychology. 70 (3): 476–90. doi:10.1037/0022-3514.70.3.476.
  10. Cox, William T. L.; Abramson, Lyn Y.; Devine, Patricia G.; Hollon, Steven D. (2012). „Stereotypes, Prejudice, and Depression: The Integrated Perspective“. Perspectives on Psychological Science. 7 (5): 427–49. doi:10.1177/1745691612455204.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 Dovidio, John, Peter Glick, and Laurie Rudman. On the Nature of Prejudice. Malden: Blackwell Publishing, 2005. 108. Print.
  12. World English Dictionary
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 Blackwell, Judith; Smith, Murray; Sorenson, John (2003). Culture of Prejudice: Arguments in Critical Social Science. Toronto: Broadview Press. стр. 31–2.
  14. World English Dictionary, [1] “Classism”]
  15. Blackwell, Judith, Murray Smith, and John Sorenson. Culture of Prejudice: Arguments in Critical Social Science. Toronto: Broadview Press, 2003. 145. Print.
  16. 16,0 16,1 16,2 Blackwell, Judith, Murray Smith, and John Sorenson. Culture of Prejudice: Arguments in Critical Social Science. Toronto: Broadview Press, 2003. 146. Print.
  17. World English Dictionary, [2] “Sexual Orientation]
  18. 18,0 18,1 Anderson, Kristin. “Benign Bigotry: The Psychology of Subtle Prejudice.” Cambridge: Cambridge University Press, 2010. 198. Print.
  19. Anderson, Kristin. “Benign Bigotry: The Psychology of Subtle Prejudice.” Cambridge: Cambridge University Press, 2010. 200. Print.
  20. Anderson, Kristin. “Benign Bigotry: The Psychology of Subtle Prejudice.” Cambridge: Cambridge University Press, 2010. 204. Print.
  21. Tilcsik, A. (2011). "Pride and Prejudice: Employment Discrimination against Openly Gay Men in the United States." American Journal of Sociology, 117(2), 586-626. http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/22268247
  22. 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 Blackwell, Judith, Murray Smith, and John Sorenson. Culture of Prejudice: Arguments in Critical Social Science. Toronto: Broadview Press, 2003. 37-38. Print.
  23. On the Nature of Prejudice. Malden: Blackwell Publishing, 2005. 413. Print.
  24. Dovidio, John, Peter Glick, and Laurie Rudman. On the Nature of Prejudice. Malden: Blackwell Publishing, 2005. 413. Print.
  25. 25,0 25,1 Dovidio, John, Peter Glick, and Laurie Rudman. On the Nature of Prejudice. Malden: Blackwell Publishing, 2005. 414. Print.
  26. Quoted in Skutnabb-Kangas, Tove, and Phillipson, Robert, "'Mother Tongue': The Theoretical and Sociopolitical Construction of a Concept." In Ammon, Ulrich (ed.) (1989). Status and Function of Languages and Language Varieties, p. 455. Berlin, New York: Walter de Gruyter & Co. ISBN 3-11-011299-X.