Покајание
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Покајание е постапка која е неразделива од спасоносната вера, и е еден од доказите дека личноста е спасена, т.е. дека ѝ се простени гревовите.
„Покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите“ - Дела 3:19
Покајанието во Библијата
[уреди | уреди извор]Покајанието е Божја заповед:
„Бог...заповеда на сите луѓе, насекаде, да се покаат!“ - Дела 17:30
Во Стариот завет, за покајание, е употребен хебрејскиот збор „шуб - שׁוּב“, што значи „свртување назад (во спротивен правец)“[1], а, пак, во Новиот завет, за покајание, е употребен старогрчкиот збор „метаноео - μετανοέω“ (од кој се добива зборот „метаноиа - μετάνοια“[2]), што значи „промена на умот“[3]. (Во Библијата, умот се однесува на центарот на твоите мисли, емоции, волја - твојата срж, срце; внатрешниот човек[4]). Покајанието не претставува обична интелектуална промена на умот, или пак, обично жалење или грижа на совест, што не произведува промена (Лк. 3:8-14; Дела 26:20). Јован Крстител зборувал за покајанието како радикално свртување од гревот, што неизбежно произведува праведни плодови:
„Направете плод достоен за покајание...Секирата веќе лежи до коренот на дрвјата: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“ - Мат. 3:8,10
И Јуда Искариотски го променил својот начин на размислување, па имал грижа на совест (Мат. 27:3-5), но тој не се одвратил од гревот и не се фрлил врз Господовата милост за прошка. За човек да дојде до покајание тој најпрво мора да го препознае и признае гревот, да ја препознае и признае својата грешност, како Давид кој во својата покајничка молитва рекол: „престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене... пред Тебе зло извршив... грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.“ (Пс. 51:3,4,5). Потоа следи емоционалниот дел каде што има длабока тага. Библијата вели дека „жалоста што потекнува од Бога предизвикува неопходно покајување за спасение“ (2 Кор. 7:10). Таквото жалење не е резултат на срамот бидејќи луѓето дознале за направеното, или пак резултат на стравот од последиците, туку е жалење насочено кон Бога, бидејќи секој еден грев е и навреда и напад против самиот Бог. Давид тоа го препознал, па затоа рекол: „против Тебе, само против Тебе згрешив!“ (Пс. 51:4). На крај следи делот на волјата: Покајанието не вклучува само интелектуална промена во умот и жалење, туку и промена на срцето т.е. одвраќање од љубовта кон гревот и свртување кон Бога во послушност. Затоа кога Павле ќе згрешел, тој велел: „...не го правам она што го сакам, туку она што го мразам, тоа го правам... не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам... но, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји!“ (Рим. 7:15,19,22). Павле го мразел гревот што го правел, но го љубел Божјиот Закон - така е и со секој вистински верник. Покајанието е целосно духовно одвраќање и тоа влијае на целиот човек, врз неговите мисли, зборови и дела, во секое време и во сите ситуации. Исус, кој ја започнал својата јавна служба со заповед кон покајание (Мат. 4:17), користејќи графичка хипербола предупредил:
„И ако те наведува на грев раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган. И, ако те наведува на грев ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот. И, ако окото твое те наведува на грев, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во пеколот, каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.“ - Мк. 9:43,45,47,48.
Тој искористил ваква хипербола со цел да ја покаже сериозноста на гревот. Неговата поента била дека луѓето треба драстично да се справат со гревот, отстранувајќи го од својот живот, бидејќи вечните последици од него се страшни (Лк. 13:1-5; Рим. 6:23; 1 Кор. 6:9,10; Отк. 21:8).
Вистинското покајание е дар од Бога: „А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, способен да поучува и да поднесува зло; со кротост да ги превоспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината“ (2 Тим. 2:24,25; сп. Дела 11:18). Како и верата (Еф. 2:8,9), така и покајанието е дар од Бога, Кој преку нановораѓањето го оспособува човекот да реагира со вера и покајание, бидејќи самиот човек тоа не може да го направи: „Затоа ви зборувам дека никој не може да дојде кај Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец.“ - Исус Христос (Јвн. 6:65; сп. Јвн. 6:44; 1 Кор. 2:14; Еф. 2:1,4,5; Дела 16:14).
Вистинскиот христијанин ќе се покае и ќе покаже праведни плодови (1 Јвн. 2:4; Гал. 5:22,23), но тој нема да биде безгрешен (1 Јвн. 1:8,10), а кога ќе згреши ќе ги исповеда своите гревови пред Бога и ќе се тргне од нив, а Бог ќе му прости и ќе го очисти (Пс. 32:3,4,5; Изр. 28:13; 1 Јвн. 1:9).
Покајанието во православието
[уреди | уреди извор]Во оваа Света тајна, христијаните ги исповедуваат своите гревови направени по нивното крштевање пред свештеникот и преку него невидливо добиваат опростување на гревовите од Исус Христос. Секој христијанин, според канонските прописи е должен да ги исповеда своите гревови во дух на искрено покајание и цврсто ветување на Бог, дека ќе се труди со сета своја сила да ги избегнува гревовите и нема да ги повторува истите. По исповедта свештеникот дава благослов за опростување на гревовите, нагласувајќи дека тоа го прави во името на Исус Христос.
Оваа Света тајна ја установил Исус Христос по своето воскрсение, во своето прво јавување на апостолите, давајќи им власт да можат да ги опростуваат гревовите:
„ | На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се![5] | “ |
Видливата страна на оваа Света тајна се состои во усмено исповедање на гревовите, благословот од свештеникот и одредените молитви. Невидливата страна се изразува во невидливо опростување на гревовите под дејство на благодатта Божја. За оваа Света тајна верниците се подготвуваат преку пост, молитва и правење добри дела. Потоа, испитување и сознавање на своите гревови, зашто без сознание на гревовите не е можно да има вистински покајание, потполно исповедување на грвовите пред свештеникот, крстот и иконата, со ветување дека ќе продолжи да живее според Божјите закони, бегајќи од гревот, а сè со цел да добие спасение на душата.
Некои христијани сметаат дека овој стих не им дава овластување на христијаните да простуваат гревови, туку дека им дава авторитет смело да ѝ кажат на некоја личност дека ѝ се простени гревовите - ако таа личност поверувала во Евангелието и се покајала; а исто така ако личноста не поверувала во Евангелието и не се покајала, тогаш имаат власт да ѝ кажат дека не ѝ се простени гревовите: Авторитет за прогласување, а не одредување на прошка на гревови. Ова гледиште е поддржано од граматички аспект. Глаголите „простени им се - ἀφέωνται“ и „задржани им се - κεκράτηνται“ се во перфект пасив,[6] така што делегирањето на моќ на учениците да декларираат прошка на гревовите или не, зависи од претходното простување од Бога. Тоа глаголско време подразбира процес, но процес кој го достигнал своето завршување и постои во завршена состојба. Ова значи дека учениците имале овластување да им декларираат прошка на оние на кои Бог веќе им простил - го декларираат она што веќе се случило на небото. А пасивниот глас, имплицира дека Бог е Tој што дејствува, т.е. простува или непростува.[7] Ова гледиште е поддржано и со тоа што апостолите и останатите христијани, после оваа изјава на Исус, ниту еднаш не се дрзнале да простуваат гревови, туку и во Стариот и во Новиот завет, секогаш Бог бил единствениот Кој ги простувал гревовите (2 Мој. 34:6-7; 2 Лет. 7:14; Пс. 25:18; 32:5; 130:3-4; Иса. 43:25; Дан. 9:9; Мк. 11:25; Лк. 5:17-26; Дела 5:31; 8:22; Еф. 4:32; 1 Јвн. 1:8-10).
Покајанието во средновековната пракса во Западна Европа
[уреди | уреди извор]Во католичките цркви во периодот на средниот век, постапката на покајување на гревовите започнувала така што верникот најпрвин потврдно ќе одговорел на прашањето: Дали верува во Таткото, Синот и Светиот Дух и во нивното единство, а потоа свештеникот преминувал на прашањата за гревовите. Притоа, исповедувањето се сметало за „суд божји“, свештеникот ја вршел функцијата на судијата, а од верникот се очекувало да биде подготвен да ги анализира своите постапки, да ги проценува и да се кае во случај на кршење на христијанските заповеди.[8]
Почнувајќи од 6 век, во Западна Европа се појавиле т.н. „покајнички книги“ (пенитенцијалии) кои претставувале список на гревовите заедно со соодветните црковни казни. На пример, човекот кој убил некој роднина или го убил својот господар морал да пости долго време, а не смеел да јаде месо и да пие вино, да се капи, да користи оружје (освен во војните против паганите), како и да комуницира со другите христијани; ако таквиот покајник требало да патува некаде, морал да оди пеш, т.е. никако не смеел да јава коњ или да се вози со кочија. Инаку, казните за гревовите не биле ограничени само на пост, молитва и неспиење, туку биле предвидени и различни други казни, како: спиење во вода, на коприви или на лушпи од ореви, спиење во студена црква, па дури и во ковег заедно со мртовецот; потоа, стоење простум со раширени раце во форма на крст, пеејќи стихови од Библијата (palmatae); удирање со дланките по подот; камшикување или самокамшикување, итн. Уште повеќе, пенитенцијалите содржеле и некои необични казни: за рана нанесена на епископ или на кнез, ако таа е видлива три години, требало да се плати колку што изнесувала цената на една робинка; ако на епископот му била искорната косата, на виновникот требало да му се откорнат 12 влакна од косата за секое влакно на епископот.[9]
Пенитенцијалите поаѓале од претпоставката дека врз душата на грешникот може да се влијае преку телесните страдања, а оттука произлегува и нивната фразеологија во која преовладува сфаќањето на епитимијата како лек за душата. На тој начин, во овие дела постојано се среќаваат медицински аналогии, а книгата Corrector на Бурхард Вормски дури има и друг наслов - Medicus. Бидејќи гревот се сметал за еден вид болест на душата, основниот принцип на античката медицина „спротивноста се лечи со спротивност“ (contraria contrariis sanantur) доследно се применувал врз грешниците: гордоста се лечела со понизност, алчноста со милосрдие, мрзата со работа, зборливоста со молчење, лакомоста и пијанството со пост.[10]
Во средниот век била распространета една интересна појава во процесот на покајување - можноста грешникот да изнајми друг човек кој врз себе би ја примил препишаната црковна казна. Така, во едни пенитенцијали напишани околу 830 година стоела одредбата дека лицата кои не се во состојба да постат, можеле да се откупат при што била одредена и цената за таквата замена: богатите требало да платат 20 солиди за седумнеделно покајание, за помалку богатите цената била 10 солиди, а за сиромашните три солиди. Слично на тоа, во Англија постоел обичајот според кој човекот осуден на покајание во траење од седум години можел да се „исчисти“ од гревовите за три дена, ако наместо него постеле најпрвин 12 луѓе по три дена, а потоа седумпати по 120 луѓе, исто така, за три дена, под услов да постеле само со вода, леб и зеленчук; на тој начин, постот продолжувал онолку дена колку има во седум години.[11]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „7725. shub“.
- ↑ „3341. metanoia“.
- ↑ „3340. metanoeó“.
- ↑ „What is the mind, biblically speaking?“.
- ↑ Јован 20:23: https://www.bible.com/mk/bible/311/jhn.20.23
- ↑ „John 20:23 Interlinear“.
- ↑ „(Jn. 20:23) Does this passage support the forgiveness of sins through a priest?“.
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 134.
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 57-58.
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 58.
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 57.