Прејди на содржината

Лов (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Лов“ (дански: Jagten) е дански филм од 2012 година, во режија на Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg), кој е автор и на сценариото, заедно со Тобијас Линдхолм (Tobias Lindholm ).

Факти за филмот

[уреди | уреди извор]

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Мадс Микелсен (Mads Mikkelsen), Томас Бо Ларсен (Thomas Bo Larsen), Аника Ведеркоп (Annika Wedderkopp), Ласе Фогелстром (Lasse Fogelstrøm), Сусе Волд (Susse Wold), Александра Рапапорт (Alexandra Rapaport) итн. Филмот трае 115 минути и е снимен во колор техника, а неговата премиера се одржала на 10 јануари 2013 година.[1] На разни фестивали, филмот освоил вкупно 40 награди, а имал уште 51 номинација, меѓу кои и номинациите за „Оскар“, за „Златна палма“ и за „Златен глобус“ во категоријата „најдобар странски филм“. На Канскиот филмски фестивал, филмот освоил три награди: наградата за најдобар глумец (Мадс Микелсен), наградата на екуменското жири (Томас Виртерберг) и наградата за технички уметник (Шарлот Брус Кристенсен). На Европските филмски награди, филмот ја освоил наградата за најдобро сценарио.

Исто така, филмот бил прикажан и на Скопскиот филмски фестивал во 2013 година, на кој бил прогласен за најдобар филм. На прв поглед, тема на филмот е педофилијата, но сепак, вистинската тема која се обработува во него е стигматизацијата која го обременува човештвото дури и во најразвиените и најнапредните општества. Филмот е правен според правилата и начелата искажани во манифестот „Догма 95“, т.е. тој е брз, динамичен и глумечки ориентиран, крајно реалистичен и бескомпромисен.[2][3][4]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во мало гратче во Данска. Лукас (го игра Микелсен) е разведен човек, кој сака да се избори да поминува повеќе време со својот син, Маркус (го игра Фогелстром). Тој работи во детска градинка, каде е омилен кај децата, а особено е сакан од Клара (ја игра Ведеркоп), ќерката на неговиот најдобар пријател, Тео (го игра Бо Ларсен). Еден ден, без никаква причина, Клара му се налутува на Лукас и измислува приказна дека тој ѝ го покажал пенисот. Раководителката на градинката, Грете (ја игра Волд) ги известува родителите на Клара, како и родителите на сите други деца, а случајот го пријавува во полиција. Наеднаш, Лукас е омразен од сите, а тој треба да ја докажува својата невиност. Дури и неговата девојка не е сигурна во него, а единствено, неговиот син Маркус цврсто верува во него и постојано останува крај него.

Набрзо, се шират уште поневеројатни вести, бидејќи другите деца велат дека и тие биле сексуални жртви на Лукас. Поради тоа, сите жители во градот го мразат, некој го крши прозорецот на неговиот дом и му го убива кучето, а тој и Маркус не смеат да влезат во локалната продавница. Кога, сепак, Лукас ќе влезе во продавницата, продавачите го претепуваат. На Бадник, Лукас оди во црквата, каде пее хорот, составен од дечињата од градинката, меѓу кои е и Клара. Таму, тој го напаѓа таткото на Клара, Тео. Вечерта, Клара признава дека ја измислила целата приказна и татко ѝ оди на посета кај Лукас. Истовремено, полициската истрага покажува дека сите деца од градинката кажуваат дека Лукас ги злоставувал во подрумот на неговата куќа, иако таа воопшто нема подрум, со што се покажува дека тие ја измислиле приказната.

По една година, Лукас е повторно заедно со своите стари другари, на свеченоста на која му даваат ловечка дозвола на Маркус. Кога сите заминуваат на лов во шумата, некој од ловците пука со пушката во Лукас, обидувајќи се да го убие. Така, Лукас сфаќа дека околината сè уште го третира како педофил.[1][2][4]

  1. 1,0 1,1 IMDb, The Hunt (2012) (пристапено на 14.12.2014)
  2. 2,0 2,1 Игор Иванов, „Лов“, Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 73.
  3. The Hunt (2012), Awards (пристапено на 14.12.2014)
  4. 4,0 4,1 „Детската лага предизвикува мрачен кошмар“, Антена, број 859, 12.12.2014, стр. 3.