Ајдутство
Ајдутството претставува најстара и најдолготрајна форма на вооружен отпор против турското ропство, кој се појавил во 16 век.[1] Ајдути станувале најчесто смелите луѓе, најчесто селаните. Биле организирани во ајдутски дружини на чело со војвода, арамбаша кој самите го избирале. Своите акции ги почнувале на пролет (околу Ѓурѓовден), а на есен (околу Митровден) се засолнувале кај своите јатаци. Како засолниште доста често служеле и манастирите, каде што биле лекувани болните и ранетите ајдути. Ајдутите најчесто оформувале дружини од 20 до 30 луѓе, а во некои случаи броеле и до стотина. Ајдутите најчесто организирале заседи и напаѓале ненадејно. Тие ги напаѓале и ограбувале турските феудални имоти, ги кршеле алатките, ги палеле амбарите. Поголемите ајдутски дружини знаеле да нападнат и во градовите, па така се забележани ајдутски напади во Битола, Лерин, Охрид и Ресен. Битолскиот безистен бил дури двапати нападнат (еднаш во 1646 година, а втор пат во 1661 година).[2]
Против ајдутство биле организирани потери, а фатените ајдути и јатаци биле јавно казнувани. Познати се и многу поенергични мерки преземени против ајдутите, но и против нивните јатаци, при што Турските власти палеле и по цели села, како одмазда кон јатаците или нивните роднини. Еден вид на заштита било организирањето на дервенџии и мартолози, како и сеча на шумите кои се наоѓале крај патиштата. Некои од фатените ајдути биле обезглавени, набиени на колец или добивале долгогодишна робија на галии како оковани веслачи. Народните буни и востанијата, скоро секогаш биле потпомогнати од самите ајдути Ајдутството продолжило и се засилило и во наредните векови, кога ајдутите земале учество во многу востанија и народни буни, па затоа и било опеано во многу ајдутски народни песни. Кај нас меѓу најпознатите ајдути е Петар Карпош, предводник на големото народно востание од 1689 година на македонскиот народ против Османлиското Царство, познато во историјата како Карпошово востание.[3] Со појавата на организираното ослободително движење и особено со формирањето на МРО (ВМОРО) при крајот на 19 век, ајдуството го губи своето поранешно значење, па дури станува и еден вид пречка во развојот на ослободителната борба.[2]
Во своето дело „Српски рјечник“, Вук Караџиќ дал автентичен опис на ајдутството. Според него, ајдуците се појавиле како реакција на турската неправда и насилство. Затоа, меѓу ајдуците имало многу чесни луѓе, а на почетокот, веројатно, и некогашните благородници станувале ајдуци. Поретко, луѓето станувале ајдуци и заради одмазда, а некои ајдуци правеле злосторства и кон сопствениот народ. Притоа, ајдутството се засилувало во периодите кога турската власт била понасилна. На почетокот, ајдуците ги ограбувале турските даночници, но подоцна ги напаѓале трговците и патниците, па дури и ги ограбувале домовите на побогатите луѓе. Често, тие грабале луѓе од домовите, а потоа барале откуп од нивните роднини. На лето, ајдуците живееле во шумите, а ги посетувале своите јатаци во потрага по храна. Најчесто, ајдуците биле облечени во бечви од чоја, биле обуени во опинци, а носеле сини или зелени долами и гунчиња. Особено биле препознатливи нивните фесови или свилени капи со китка од едната страна, а на градите носеле сребрени токи или сребрени пари. Најчесто биле вооружени со долга пушка, две кратки пушки и нож.[4]
Ајдучки песни
[уреди | уреди извор]Ајдучките песни се далеку побројни во споредба со другите циклуси епски народни песни. Во најголем дел, тие биле забележани во XIX век, а некои и во XVIII век. Тие се многу распространети и популарни, но по уметничката вредност не заостануваат зад другите циклуси. Во ајдучките песни се прикажани непомирливото, енергично и смислено спротивставување на туѓата власт, борбеноста и вербата во конечната победа; тие се одликуваат со жива, здрава и оптимистичка атмосфера, а токму тоа придонело за нивното брзо распространување и за широката популарност. Циклусот ајдучки песни се состои од неколку помали циклуси кои се формирале околу одделни ајдучки дружини или поединечни личности. Најпознати се песните посветени на Старина Новак за кого е формиран најцелосниот циклус ајдучки песни, кој е тематски целосно разработен и вообличен. Во него се опишани бројни ликови од 16 век (Старина Новак, Дели Радивој, детето Груица, Малиот Радоица, Дели Татомир, Стариот Вујадин), кои формираат идеализирана дружина која дејствува во околината на Сараево и на планината Романија. Исто така, голем е циклусот посветен на Бајо Пивљанин и неговата дружина од 17 век, која дејствувала околу Бока Которска, а третиот голем циклус е поврзан на ајдукот Мијат Томиќ (кој дејствувал во Босна), но овој циклус не е целосно вообличен. Во ајдучките песни се опеани сите важни моменти на ајдутството: заминувањето во планината, борбите, заседите, грабежите и смртта на главните ликови. Најпознати српски ајдучки песни се: „Старина Новак и кнезот Богосав“, „Старина Новак и Дели-Радивој“, „Новак и Радивој го продаваат Груица“, „Груица и Арапот“, „Стариот Вујадин“, „Костреш Арамбаша“, „Малиот Радоица“, „Зошто Бајо замина во ајдуци“, „Човек-паша и овчарот Михат“, итн.[5]
Ајдуството како мотив во народната книжевност
[уреди | уреди извор]- „Ѓерзелез Алија“ (српскохрватски: Đerzelez Alija) — босанска епска песна.[6]
- „Старина Новак и дели-Радивој“ (српски: Старина Новак и дели-Радивоје) — српска епска (ајдучка) песна.[7] [8] [9]
- „Старина Новак и кнезот Богосав“ (српски: Старина Новак и кнез Богосав) — српска епска (ајдучка) песна.[10] [11] [12]
- „Новак и Радивој го продаваат Груица“ (српски: Новак и Радивоје продају Грујицу) — српска епска (ајдучка) песна.[13] [14]
- „Груица и Арапот“ (српски: Грујица и Арапин) — српска епска (ајдучка) песна.[15]
- „Груица и пашата од Загорје“ (српски: Грујица и паша са Загорја) — српска епска (ајдучка) песна.[16] [17]
- „Женидбата на Груица Новаковиќ“ (српски: Женидба Грујице Новаковића) - српска епска (ајдучка) песна.[18]
- „Миховил Томиќ и Тешњанин Алија“ (српскохрватски: Mihovil Tomić i Tešnjanin Alija) — босанска епска песна.[19]
Ајдутството како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Ајдучка песна“ — песна на Никола Јонков Вапцаров од 1929 година.[20]
- „Ајдукот Хризиќ“ — песна на Пушкин од 1834 година.[21]
Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ Историја на македонскиот народ, книга прва. НИП Нова Македонија, Скопје, 1969.
- ↑ 2,0 2,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 17. ISBN 9989-624-46-1. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ Кумановски Крал Карпош. Куманово: Просвета Куманово. 1982. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 141-143.
- ↑ „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 141-145.
- ↑ Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. 44-46.
- ↑ Junačke narodne pesme. Beograd: Rad, 1959, стр. 105-108.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 9-13.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 316-319.
- ↑ Junačke narodne pesme. Beograd: Rad, 1959, стр. 102-104.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 5-8.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 307-309.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 14-20.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 310-315.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 21-24.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 25-30.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 320-325.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 31-43.
- ↑ Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. 619-636.
- ↑ Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 42.
- ↑ A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 260-261.