Името на округот е изведено од истоимениот средновековен замок, од каде владееле војводите на Холштајн. Овој замок бил првпат споменат во 1307 година, а бил напуштен и урнат во 1630 година. Меѓутоа, името останало да важи за целата област, а негово ново средиште станал Гликштат пред постепено да биде преземен од Ицехо.
Кога Шлезвиг-Холштајн станала покраина на Прусија во 1867 година бил основан округот Штајнбург. Границите останале непроменети до 1970 година, кога новосоздадениот град Шенефелд (порано дел од округот Рендсбург) се приклучил на Штајнбург.
Округот се наоѓа на северниот брег на реката Елба, близу нејзиното устие. Внатрешноста на округот е многу рамна. Реката Штер, десна притока на Елба, тече низ округот. Денес, градовите во Штајнбург, постепено стануваат дел од растечката метрополитенска област Хамбург. Најниската точка во цела Германија со 3,54 метри под морето се наоѓа близу градот Вилстер во округот Штајнбург, додека највисока точка во Штајнбург е Ицешпице (83,4 м).
Грбот прикажува замок (претставувајќи го замокот Штајнбург) над брановита линија (реката Елба). Под кулите на замокот се наоѓаат три штита прикажувајќи го Исус, лист од коприва (од грбот на Холштајн) и лебед.