Прејди на содржината

Спиритизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од серијата
 
Теми
Паранормално
Духови · Спиритизам
Далечинско гледање
Вонсетилно восприемање
Прекогниција · Јасновидост
Психометрија · Психокинеза
Парапсихологија · Реинкарнација
Проколнати места
НЛО · Телепатија
Истерувачи на духови

Приказ на положбата на рацете за време на спиритистичка сеанса
Алан Кардек

Спиритизам[1][2]окултно учење кое се обидува да воспостави комуникација со починати лица. Се развил како движење во 19 век кога Алан Кардек (1804 – 1869) ги поставил неговите основи во „Книгата на духовите“ (Le Livre des esprits, 1858).

На спиритистичките сеанси, духот на покојникот се повикува преку психички осетлива личност, односно медиум. Има чести измами и злоупотреби на лековерни луѓе од страна на разни наводни медиуми и други шарлатани кои во својата изведба користат опсенарски трикови.

Спиритизмот или францускиот спиритизам се заснова врз спиритистичките книги напишани од Французинот Иполит Леон Денизар Риваил со псевдоним Алан Кардек во кои известува за сеанси на серија од феномени кои можат да се припишат само на бестелесна интелигенција (на духови). Неговиот интерес за комуникација со духови бил поддржан од многумина негови современици, меѓу кои и научници и филозофи, кои присуствувале на сеансите и го проучувале овој феномен. Неговите трудови подоцна го прошириле писателите како Леон Денис, Артур Конан Дојл, Чико Ксавиер, и други.

Како облик на религија, спиритизмот особено се проширил во земјите од Јужна Америка.

Историја

[уреди | уреди извор]
Сестрите Фокс

Повикувањето духови се практикувало уште кај древните племиња, каде племенскиот шаман бил врската помеѓу светот на живите и светот на мртвите, а исто така било познато и во античкиот свет (Египет, Месопотамија, Грција, Рим). Во минатото, повикувањето духови се нарекувало некромантија.[3]

Современата историја на спиритизмот започнала во 1848 година со првиот документиран настан за натприродни појави што се случил откако семејството Фокс се преселило во куќа во селото Хајдвил во американската сојузна држава Њујорк.[4] Случајот предизвикал сензација, а сестрите Фокс, кои наводно биле опседнати од духови, морале да се преселат со своите роднини во блискиот град Рочестер. Но, семејството и таму пријавило чудни настани кои предизвикале систематски интерес во јавноста за случајот.[5] Во текот на 1849 година, во куќата на семејството Фокс се одржале низа сеанси, каде беа забележани необјасниви појави, како движење на предмети во просторијата, левитација на масата и слично. Сестрите Маргарет, Кетрин и Леа Фокс го искористиле настанот за да се самопромовираат и јавно да практикуваат спиритизам, што ги поттикнало скептиците да веруваат дека тоа е измама.[6]

Зголемената популарност на спиритистичките сеанси ги натерало научниците да се обидат да најдат разумно објаснување за овие појави. Така д-р Џејмс Берд во 1853 година изнел теорија која имплицира дека масите се движат за време на сеансата под влијание на исчекувањето на оние што седат околу нив, додека англискиот физичар и хемичар Мајкл Фарадеј тврдел дека движењата на масата се предизвикани од рацете на присутните.[7]

Во 1898 година Светата Столица ги осудила спиритистичките практики со указ, но во исто време одобрила легитимни научни истражувања за оваа појава.

Од почетоците на спиритистичката практика до денес, не е пронајден доказ за постоење на задгробен живот, а можноста за повикување духови не е научно потврдена. Покрај тоа, многу од популарните спиритистички медиуми од 19 и почетокот на 20 век биле изложени како шарлатани и измамници и во многу случаи била докажана измама. Поповолно светло на феноменот на спиритизмот фрла феноменот на астралното патување, кој укажува на можноста за доброволно или несвесно одвојување на духот од телото, како и друг вид на вонтелесно искуство познато како искуство блиску до смртта. Сепак, иако овие појави се научно проучени и опишани, тие сè уште не се целосно објаснети или потврдени како автентични.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Фауст, Викторија, Парапсихологија, издавачка куќа Загреб, Загреб, 2002 г. ISBN 953-6234-99-8

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]