Прејди на содржината

Кедар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кедар
Хималајски кедар (Cedrus deodara)
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Четинари
Класа: Четинари
Ред: Боровидни
Семејство: Борови
Род: Кедар
Trew
Видови

во текстот

Кедарот (научCedrus) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Овие дрвја се автохтони во Средоземјето, на височина од 1.000–2.200 м и западниот дел на Хималаите, на височина од 1.500–3.200 м.[1]

Иглички на атлантски кедар (C. atlantica)

Овие дрвја растат до висина од 30–40 м (напати и до 60 м) и имаат мирисливо смолесто дрво, дебела испапчена или квадратно испукана кора и широки рамни гранки. Леторастите (изданоците) се од два типа: долгорасти, кои го кочинуваат костурот, и краткорасти на кои се наоѓа зеленилото. Листовите се зимзелени иглички со должина од 8–60 мм, распоредени во отворена спирала на долгорастите и збиени снопчиња од по 15–45 на краткорастите. По боја се движат од светлозелени до темнозелени и пепелави синозелени, зависно од дебелината на восочниот слој што ги штити од сушење. Шишарките имаат облик на буренца, долги се 6–12 см и широки по 3–8 см. Неузреаните се зелени, а зрелите имаат сивокафеава боја. При полна зрелост се распаѓаат и испуштаат семки со крилца. Семките се долги 10–15 мм, а крилцата по 20–30 мм. Секоја семка има по 2–3 „отока“ што содржат смола со непријатен вкус, како одбрана од верверички. Шишарката узрева за една година, а опрашувањето се врши на есен. Семките достигнуваат зрелост во истото време следната година. Поленовите шишарчиња излегуваат кон крајот на летото и го испуштаат поленот на есен. По облик се јајцевидни и долги 3–8 см.[1][2]

Кедарот во Македонија

[уреди | уреди извор]

Во Македонија растат и успешно се одгледуваат атлантскиот (C. atlantica), либанскиот (C. libani) и хималајскиот кедар (C. deodara).[3] Покрај стопанската употреба, дрвјата се застапени и по градовите како хортикултурно уредување.

Таксономија

[уреди | уреди извор]

Родот има пет таксона, од кои четири се видови и еден е подвид:[1][4][5][6][7][8][9][10][11][12][13]

  • хималајски кедар (C. deodara, syn. C. libani subsp. deodara) — западни Хималаи. Листовите се светлозелени до бледи синозеленкасти, долги 25–60 мм; шишарките имаат малку засртени лушпи.
  • либански кедар (C. libani) — шишарките имаат мазни лушпи; два до четири подвида:
    • либански кедар (C. libani subsp. libani) — планини во Либан, западна Сирија и јужно-централното подрачје на Турција. Листовите се темнозелени до синозелени, долги 10–25 мм. Автохтониот ареал на овие дрва е прочуената шума на „Божјите кедри“ од Библијата.
    • турски кедар (C. libani subsp. stenocoma) — планини во југозападна Турција. Листовите се пепелесто синкаво-зелени, долги 8–25 мм.
  • кипарски кедар (C. brevifolia, syn. C. libani subsp. brevifolia, C. libani var. brevifolia) — планини на Кипар. Листовите се синозелени, долги 8–20 мм.
  • атлантски кедар (C. atlantica, syn. C. libani subsp. atlantica) — венец Атлас во Мароко и Алжир. Листовите се темнозелени до синозелени, долги 10–25 мм.

Екологија

[уреди | уреди извор]

Кедрите се приспособени да живеат на планинска клима. Во Средоземјето зиме се во снег, а лете на суша, додека пак во западните Хималаи добиваат вода претежно преку летни монсунски врнежи.[1]

Зеленилото е храна за ларвите на некои пеперутки.

Употреба

[уреди | уреди извор]
Талпа од кедрово дрво

Кедарот ужива голема популарност како украсно дрво и е мошне застапен во хортикултурата краишта каде зимската температура не оди под −25 °C. Турскиот кедар е малку поотпорен, и издржува до −30 °C. При пониски температури дрвјата обично умираат.[14] Успешни и долготрајни одгледувачи на кедар се земјите од Средоземјето, западна Европа и на север до Британија, јужна Австралија и Нов Зеланд, како и југот и западот на Северна Америка.

Дрвото и маслото на кедарот се природна одбрана од молци,[15] и затоа се користат за обложување на внатрешноста на креденци и сандаци каде се чуваат волнени облеки. Оваа употреба на кедарот е спомената уште во ХомероватаИлијада“ (Книга 24), каде Пријам оди во одаја обложена со кедрово дрво за да земе скапоцености со кои би си ја откупил слободата. Од кедар се прават и калапи за чување чевли бидеќи дрвото ја впива влагата и непријатната миризба.

Кедарот како мотив во уметноста

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Farjon, A. (1990). Pinaceae. Drawings and Descriptions of the Genera. Koeltz Scientific Books ISBN 3-87429-298-3.
  2. Frankis, M. & Lauria, F. (1994). The maturation and dispersal of cedar cones and seeds. International Dendrology Society Yearbook 1993: 43–46.
  3. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Кедар“. Македонска енциклопедија. , книга . Скопје: МАНУ. Text "series " ignored (help)
  4. Кедар (Cedrus) — „База на голосеменици“ (англиски)
  5. NCBI Taxonomy Browser Cedrus.
  6. Flora of China vol. 4
  7. Qiao, C.-Y., Jin-Hua Ran, Yan Li and Xiao-Quan Wang (2007): Phylogeny and Biogeography of Cedrus (Pinaceae) Inferred from Sequences of Seven Paternal Chloroplast and Maternal Mitochondrial DNA Regions. Annals of Botany 100(3):573-580. Available online
  8. Farjon, A. (2008). A Natural History of Conifers. Timber Press ISBN 0-88192-869-0.
  9. Christou, K. A. (1991). The genetic and taxonomic status of Cyprus Cedar, Cedrus brevifolia (Hook.) Henry. Mediterranean Agronomic Institute of Chania, Greece.
  10. GRIN Taxonomy for Plants Cedrus.
  11. Güner, A., Özhatay, N., Ekim, T., & Başer, K. H. C. (ed.). 2000. Flora of Turkey and the East Aegean Islands 11 (Supplement 2): 5–6. Edinburgh University Press. ISBN 0-7486-1409-5
  12. Eckenwalder, J. E. (2009). Conifers of the World: The Complete Reference. Timber Press ISBN 0-88192-974-3.
  13. Sell, P. D. (1990). Some new combinations in the British Flora. Watsonia 18: 92.
  14. Ødum, S. (1985). Report on frost damage to trees in Denmark after the severe 1981/82 and 1984/85 winters. Hørsholm Arboretum, Denmark.
  15. Кедрови масла (англиски)
  16. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 73.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]