Прејди на содржината

Ел Греко

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ел Греко
Ел Греко
Познат(а) посликарство, вајарство, архитектура
Значајни делаПогребот на грофот од Оргаза“, „Поглед на Толедо
ПравецМаниризам; Доцна византиска уметност; Венецијанска уметност; Шпанска ренесансна уметност

Доменикос Теотокопулос, попознат како Ел Греко, (шпански: El Greco) (Ираклион, Кандија, 1541Толедо, 7 април 1614) бил сликар, вајар и архитект, претставник на Шпанската ренесансна уметност. Ел Греко се смета за голем мајстор на шпанското и европското сликарство, чиј поединечен, драматичен и експресионистички стил е познат во Европа во крајот на 16 и почетокот на 17 век. После релативниот заборав од 17 до 19 век, за неговите дела повторно се заинтересираат стручњаците и публиката во XX век.

Додека живееел на Крит бил ценет иконописец чии дела биле под влијание на доцниот византиски стил. После заминувањето во Венеција неговите дела се под влијание на венецијанскиот стил на Тицијан и Тинторето, а во Рим ги проучува најзначајните дела на Микеланџело и Ватиканската античка скулптура. Во 1577 година се сели во Шпанија каде живеел и творел сè до крајот на својот живот. Во Шпанија развил сопствен стил кој се одликува со издолжени фигури и сопствен маниристички одлики со впечатлив контраст на боите. Неговите дела ги сочинуваат платна со големи димензии, главно изработени по нарачка за олтарите во црквите, како и портрети за некои кралски личности и свештеници.

Бил голем ерудит и познавач на класичната грчка книжевност и книжевностите од својата ера.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Доменикос Теотокопулос е роден во 1541 година во Кандија (денешен Ираклион) на Крит, кој во тоа време припаѓал на Венецијанската Република. Има многу малку податоци за неговото детство и првите чекори во сликарството, но се верува дека учел да слика во местото каде што е роден. Исто така се верува дека првите дела му биле насликани во византиски стил, кој бил вообичаен за Крит во тоа време, иако нема докази за тоа. Во неговите подоцнежни дела се среќаваат траги на тој стил.

Венеција и Рим

[уреди | уреди извор]

Ел Греко никогаш не го заборавил своето грчко потекло и обично се потпишувал на своите дела со грчката алфабета и целосното име, Δομίνικος Θεοτοκόπουλος. Сепак, попознат е како Ел Греко (што значи „Грк“), прекар кој го добил додека живеел во Италија, каде постоел обичај да му се дава прекари на странците по земјата каде што живееле или пак по градот. За членот „Ел“ во неговиот прекар некои истражувачи тврдат дека потекнува од еден венецијански дијалект, а постои и можност дека му е додаден подоцна во Шпанија.

Бидејќи Крит, неговата родна земја била под Венецијанска власт и Ел Греко бил венецијански граѓанин, одлучил да се пресели во Венеција за да се доусоврши. Точниот датум на неговото заминување не е познат но историчарите претпоставуваат дека е измеѓу 1560, кога имал 19 години и 1566 година. Во Венеција, Ел Греко работел во Тицијановата работилница, кој бил најголемиот сликар на таа ера. Информациите за неговиот престој во Италија се многу скудни. Во писмо со датум 16 ноември 1570 година, напишано од Џулијо Кловијо, минијатурист и декоратер кој служел кај кардиналот Алесандро Фарнезе, бара престој во палатата Фарнезе за како што вели „младич од Кандија, Тицијанов ученик“. На 8 јули 1572 година се спомнува „грчки сликар“ во писмото на Фарнезе од Рим кое го пратил на некој кардинал. Набрзо после тоа на 18 септември 1572 година, „Доминико Греко“ платил во здружението св. Лука во Рим. Колку време престојувал во Рим не е познато, бидејќи се вратил во Венеција при крајот на 1577 година или во почетокот на 1576 година пред неговото заминување во Шпанија.

Некои од делата кои ги насликал Ел Греко во Италија се потполно во венецијанскиот ренесансен стил на 16 век. На нив не се видливи влијанијата на неговиот впечатлив византиски стил, освен на лицата на старите луѓе во неговите слики како на пример сликата „Христос лечи еден слепец“. Положбата на фигурите во просторот и акцентот на елементите на архитектурата на високоренесансниот стил особено се значајни во неговите рани дела. Првите знаци на неговиот исклучителен талент како портретист се забележуваат во Италија во портретите на Џулио Кловио и Винченцо Анастаџи.

Во Венеција бил под влијание на големите италијански ренесансни сликари, Тицијан и Тинторето. Неговите дела од тој период како што е „Исцелување на слепи“. (1566-1567, Gemäldegalerie, Дрезден), покажуваат дека многу брзо го асимилирал Тицијановиот колорит, како и композицијата на фигурите и користењето на некои специфични работи кои ги карактеризираат делата на Тинторето.

За време на својот престој во Рим, од 1570 до 1576 година, Ел Греко продолжил да се надоградува и да бара инспирација во делата на италијанските уметници. Влијанијата на Микеланџело се очигледни во неговата скулптура „Петел“ (1567-1577 година). Благовештение од италијанската ера“ (1567-1577 во музејот Прадо, Мадрид), најверојатно ја насликал во Рим, но се забележуваат и траги од венецијанското сликарство, во колоритот и во изгледот на просторот. Студиите на римската архитектура го зајакнуваат билансот на неговите композиции, кои често се во стилот на ренесансните згради.

Средна етапа

[уреди | уреди извор]

Ел Греко првпат се појавува во Шпанија во пролетта 1577 година, прво во Мадрид, а потоа и во Толедо. Една од главните причини за неговата преселба во Шпанија најверојатно е сознанието за изградбата на манстирот Сан Лоренцо дел Ескоријал, голем проект на шпанскиот крал Филип II, оддалечен околу 42 км северозападно од Мадрид. Освен тоа, најверојатно е дека во Рим запознал некои шпански свештеници, преку Флувиј Орсиниј, хуманист од Толедо кој во Рим работел на реформите на грегоријанскиот календар и бил библиотекар во палатата Фарнезе. Познато е дека најмалку еден шпански свештеник кој бил некое време во Рим во тој период, Луис од Кастиља, станал многу близок пријател со Ел Греко и се претпоставува дека бил и еден од извршителите на неговиот тестамент. Братот на Луис, Диего од Кастиља бил прв во Шпанија кој на Ел Греко му порачал слика, најверојатно ветена пред да ја напушти Италија. Двајцата биле во тесна врска со катедралата во Толедо и можно е тие да го убедиле да отпатува во Шпанија. Крајот на 1576 година Ел Греко ја напушта Италија и после една кратка пауза во Малта, пристигнува во Толедо,пролетта 1577 година.

Имал желба да работи на фреските за новиот манастир кој се градел во Сан Лоренцо од Ескоријал, дела кои беа завршени во 1582 година. За да добие работа со нивната изработка, тој испратил неколку од неговите слики на кралот Филип II, но не успеал да го убеди кралот за да му ги довери. Во една од сликите кои ги испратил „Алегорија на Светата Лига“, очигледна е неговата способност за комбинирање комплексни политички иконографии со средновековни мотиви. За Ескоријал единствено ја насликал сликата „Сан Маурицио и тебанска легија“ која и денес се наоѓа таму.

Негови најпознати дела се „Ставовите на Толедо“ и „Погребот на грофот Оргаз“.

Ел Грекова библиотека

[уреди | уреди извор]

Инвентарот на книги и дела кои се ставени после неговата смрт потврдува дека тој бил човек со висока култура и вистински ренесансен хуманист. Неговата библиотека ни дава некоја идеја за широчината и опсегот на неговите интереси. Ја сочинувале дела од сите големи грчки автори на грчки јазик,голем број книги на латински и други на италијански и шпански: биографии на Плутарх, поезија на Петрарка, Ариосто, Библијата на грчки, Советот на Трент и архитектонски трактати на Витрувиј, Вињола, Албертија, Паладио и Серлио. Ел Греко сам има подготвено едно издание на Витрувиј,придружувано од цртежи, но ракописот е изгубен.

Хронолошка галерија на делата

[уреди | уреди извор]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • José Gudiol, Domenikos Theotokopoulos, El Greco, 1541–1614 Barcelona: Ediciones Polígrafa, 1982. ISBN 84-343-0031-1.
  • Jacques Lassaigne, El Greco, 1973.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]