Безрбетници
Безрбетници (латински: Invertebrata) — голема група на еукариоти во која припаѓаат животните без ‘рбетен столб. Тука се вклучени најголемиот број од сите видови на животни - според некои автори, на безрбетниците им припаѓаат 96,3% од целото животинско царство, наспроти 4% кои им припаѓаат на животните со ‘рбетен столб (Vertebrata). Безрбетниците се побројни и од сите останати царства (Archaea, Monera, Protista, Fungi и Plantae) заедно.
Терминот безрбетници не е валиден од таксономски аспект, додека терминот ‘рбетници е таксон (поттип) во типот на хордовите животни (Chordata). Хордата е еволутивен претходник на ‘рбетниот столб и се јавува само во ларвениот стадиум кај примитивните поттипови од типот Chordata (Tunicata и Acrania), како и во ембрионалниот развиток на ‘рбетниците (вклучувајќи го и човекот). Поради ова, животните од овие два поттипа (Tunicata и Acrania) некаде се сметаат за безрбетници. Поделбата на животните на безрбетници и ‘рбетници во зоологијата е направена од практични причини - за полесно изучување.
Еволуција и поделба на безрбетните животни
[уреди | уреди извор]Според традиционалната поделба на царството Animalia, праживотните (Protozoa) се сметаат за безрбетни животни. Но, во современите класификациски системи праживотните се дел од царството Protista. Ваквата прераспределба е направена, пред се, врз основа на структурата на јадрата кај животните и праживотните. Кај првите, јадрото е од везикуларен тип, додека кај вторите тоа е составено од големо јадро (макронуклеус) и мало јадро (микронуклеус), кои имаат сосема поинакви биохемиски одлики. Како безрбетни животни порано се сметаа и некои видови на алги, како еуглената, волвоксот и некои претставници од групата на огнени алги (Dinophyta). Денес и тие се вбројуваат како дел од Protista, бидејќи градбата на нивните клетки е многу поблиска до онаа на растенијата отколку на животните.
Сепак, животните еволуирале од праживотните (одредени динофлагелати), и затоа името на овој таксон е соодветно. Првите животни се оние од безрбетните типови Porifera и Cnidaria. Кај сунѓерите сè уште се огледува консолидацијата на едноклеточните динофлагелати во многуклеточен организам (клеточен степен на телесна организација) и затоа се означени како Parazoa, односно бесткивни животни, додека кај жаркарите веќе почнува потесното поврзување на клетките во ткива (Eumetazoa или ткивни животни).
Типови на безрбетни животни
[уреди | уреди извор]Постојат околу 35-40 видови на животински типови во зависност од авторот на систематиката. Некои најпознати безрбетни типови на животни се:
- Сунѓери - Porifera
- Жаркари - Cnidaria
- Сплескани црви - Platyhelminthes
- Цевчести црви - Nematoda
- Мекотели - Mollusca
- Прстенести црви - Annelida
- Членконоги - Arthropoda
- Иглокожи - Echinodermata
|