Клинт Иствуд
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Клинт Иствуд | |
---|---|
Иствуд на меѓународниот филмски фестивал во Торонто, 2010 | |
Роден(а) | Клинтон Иствуд Џуниор 31 мај 1930 Сан Франциско, Калифорнија, САД |
Националност | Американец |
Занимање | Глумец, режисер, продуцент и композитор |
Активен период | 1955–денес |
Сопружник | Меги Џонсон (1953–84; две деца) Дина Иствуд (1996–денес; едно дете) |
Деца | Кимбер Тунис Кајли Иствуд Алисон Иствуд Скот Иствуд Кетрин Ривс Франческа Фишер-Иствуд Морган Иствуд |
Клинтон „Клинт“ Иствуд Џуниор (роден на 31 мај, 1930 година) е американски филмски глумец, режисер, продуцент, композитор и политичар. За првпат меѓу глумците се пробил со споредната улога во ТВ серијата Rawhide (1959–1965). Станал славен играјќи ја улогата на Безимениот човек (Man with No Name) во шпагети вестерн трилогијата на Серџо Леоне, Dollars (A Fistful of Dollars, For a Few Dollars More, и The Good, the Bad and the Ugly), при крајот на шеесеттите, и како Хери Калахан во филмовите Dirty Harry (Dirty Harry, Magnum Force, The Enforcer, Sudden Impact, и The Dead Pool) во седумдесеттите и осумдесеттите од минатиот век. Овие мачо-улоги, заедно со уште неколку други, направиле од Иствуд истраен општествен пример за мажественост.
За неговиот придонес во филмовите Unforgiven (1992) и Million Dollar Baby (2004), Иствуд освоил оскари за најдобар режисер и продуцент на најдобриот филм, а бил номиниран и за најдобар глумец. Покрај овие филмови, и Play Misty for Me (1971), Thunderbolt and Lightfoot (1974), The Outlaw Josey Wales (1976), Escape from Alcatraz (1979), Tightrope (1984), Pale Rider (1985), Heartbreak Ridge (1986), In the Line of Fire (1993), The Bridges of Madison County (1995), и Gran Torino (2008) постигнале комерцијален успех и критичко одобрување. Единствените негови комедии се Every Which Way but Loose (1978) и продолжението Any Which Way You Can (1980), кои во кариерата биле неговите најпопуларни филмови кај публиката (по прилагодувањето поради инфлацијата).
Покрај режирањето на голем број сопствени познати филмови, Иствуд режирал и филмови во кои не глумел, како Mystic River (2003) и Letters from Iwo Jima (2006) (кои му донеле номинации за оскари) и Changeling (2008). Неговата слава посебно доаѓа до израз во Франција, дури и за неколку филмови што не биле добро прифатени во САД, и добил две од највисоките француски одликувања, меѓу кои и Легијата на честа, во 2007. година. Во 2000. година, бил награден со златниот лав за доживотно достигнување на филмскиот фестивал во Венеција.
Во 1967. година основал свое филмско студио, Malpaso, од кое потекнуваат сите негови американски филмови, освен четири. Во периодот 1986-1988, бил и независен градоначалник на Кармел-бај-д-Си, Калифорнија. Иако стапил во брак само двапати, Иствуд има седум деца од пет жени.
Рани години
[уреди | уреди извор]Иствуд е роден во Сан Франциско. Негови родители биле Клинтон Иствуд сениор (1906–70), металски работник кој често патувал, и Маргарет Рут (1909–2006), работничка во фабрика. Сестрите во болницата го нарекле „Самсон“ бидејќи се родил со тежина од 5.2 кг. По смртта на татко му, мајка му се венчала со Џон Белден Вуд (1913–2004) во 1972. година, со кого останала во брак до неговата смрт, 32 години подоцна. Иствуд има англиско, ирско, шкотско и холандско семејно потекло, и растел во дом од средна класа, заедно со помладата сестра Џин (родена 1934. година). Неговото семејство често се селело бидејќи татко му ги менувал работните места долж Западниот Брег. Семејството се стабилизирало во Пидмонт, Калифорнија, каде Иствуд учел во основно и средно училиште, притоа занимавајќи се со спортски активности како кошарка, фудбал, гимнастика и пливање. Подоцна се префрлил во техничкото средно училиште во Оукленд, каде професорите по драма го поддржувале да учествува во училишните претстави, но тој не бил заинтересиран. Бидејќи семејството се преселувало во различни места, работел повеќе професии, како спасител, доставувач на весници, продавач, шумски пожарникар и носач на опрема за голф.
Во 1950. година, Иствуд работел една година како спасител во американската армија, за време на Корејската војна, и бил назначен на тврдината Орд во Калифорнија. Во 1951. бил патник во бомбардерот Даглас АД, што останал без гориво и се срушил во океанот близу Точка Рејес. Заедно со пилотот го избегнал тонењето на леталото и двајцата пливале 5 км за да се спасат.
Кариера
[уреди | уреди извор]Почетоци
[уреди | уреди извор]Според прес-извештајот за Rawhide на CBS, студиото Universal Studios (тогаш познато како Universal-International) снимало на тврдината Орд, кога еден од помошниците го забележал Иствуд и му закажал состанок со режисерот на серијата. Според официјалната биографија на Иствуд, човек со име Чак Хил одиграл клучна улога при неговото вработување во Universal. Хил, кој имал контакти во Холивуд, го „протнал“ Иствуд во едно од студијата на Universal, и го претставил пред камерманот Ирвин Гласберг. Гласберг му закажал аудиција на Иствуд кај Артур Лубин, кој иако бил импресиониран од неговата градба и височина (1.93 м), првично се сомневал во неговите глумечки способности, забележувајќи дека Иствуд постапувал прилично аматерски, не знаејќи ни каде да оди, ни каде да се сврти, ни ништо. Лубин предложил Иствуд да оди на часови по драма, и му го составил првиот договор во април, 1954. година, за 100 долари неделно (денешни 865 долари). Откако го потпишал договорот, Иствуд бил критикуван за неговиот крут став, кос поглед и пелтечење на речениците низ заби, нешто што ќе се утврди како негова доживотна одлика.
Првата незначителна глумечка улога на Иствуд била во филмот Revenge of the Creature (1955), како лабораториски помошник. Потоа се појавил во уште неколку слични улоги, во филмовите Lady Godiva of Coventry и Never Say Goodbye (1956), а како улога имал и краток говор во филмот Francis in the Navy. Во 1959. се појавил како гостин во Maverick, покрај Џејмс Гарнер, и глумел кукавички негативец решен да се венча за богата девојка заради парите. Иствуд одиграл мала улога и како воздухопловец во францускиот филм Lafayette Escadrille, но и како поранешен одметник од Конфедерацијата во Ambush at Cimarron Pass (филм кој лично тој го прогласил за катастрофален и најниска точка во неговата кариера).
По подолга заслужена пауза, Иствуд во летото, 1958. година, ја добил споредната улога на Рауди Јетс во едночасовната вестерн серија на CBS, Rawhide, иако самиот не бил многу задоволен од добиеното. Со своите 28 години, сметал дека ликот на Рауди бил премлад и незрел за него. Премиерата на Rawhide била во јануари следната година, и за само три недели серијата се искачила на списокот на 20 најгледани ТВ програми. Иако никогаш не освоила Еми награда, Rawhide неколку години уживала огромна популарност, достигнувајќи го највисокото, шесто место, во периодот помеѓу октомври 1960. и април 1961. година. Сепак, серијата спаѓа во еден од најтешките периоди во кариерата на Иствуд. Често снимал шест дена во неделата, со просек 12 часа дневно, а сепак режисерите го критикувале дека не се трудел доволно. При крајот на 1963. година, популарноста на серијата веќе опаѓала. Поради недостаток на свежина во сценаријата, снимањето прекинало во средината од сезоната 1965–66. Иствуд за првпат се обидел да режира со снимањето неколку најавни шпици за серијата, иако не успеал да ги убеди продуцентите да му дозволат да режира цела епизода. Во првата сезона заработувал 750 долари (денешни 6042 долари) од епизода. По прекинот на снимањето, добил и 119,000 долари компензација (денешни 877,609 долари).
1960-тите
[уреди | уреди извор]При крајот на 1963. година, колегата на Иствуд во Rawhide, Ерик Фелминг, одбил да глуми во италијанскиот вестерн A Fistful of Dollars, што требало да се снима во некој далечен шпански регион од страна на тогаш релативно непознатиот Серџо Леоне. И други глумци, меѓу кои Чарлс Бронсон, Стив Ривс, Ричард Херисон, Хенри Фонда, Џејмс Кобрн и Тај Хардин биле земени предвид за улогата. Херисон, знаејќи ги способностите на Иствуд да глуми каубој, го предложил него, а овој во филмот гледал можност да „избега“ од Rawhide. Потпишал договор вреден 15,000 долари (денешни 112,403 долари) за 11 недели снимање, со бонус од Мерцедес автомобил по завршување со снимањето. Иствуд подоцна се изјаснил за транзицијата од вестерн серија во A Fistful of Dollars: „Во Rawhide ми доаѓаше преку глава од тоа да бидам типичниот добар дечко, херојот кој бакнуваше стари дами и кучиња, и беше љубезен со сите. Сфатив дека дојде време да станам анти-херој.“ Иствуд одиграл клучна улога во создавањето на уникатниот визуелен стил на Безимениот човек, и иако самиот глумец не пушел, Леоне инсистирал дека пушењето цигари е една од главните одлики на маската што сакал да ја создаде, а зад која се криел осамен карактер.
A Fistful of Dollars се покажал како „патоказ“ за понатамошните шпагети вестерн филмови, а Леоне успеал да прикаже подив и поопустошен свет од традиционалните вестерни, предизвикувајќи ги стереотипните американски замисли за вестерн херој, и вметнувајќи морално двосмислен анти-херој во приказните. Успехот на филмот го издигнал Иствуд меѓу големите ѕвезди во Италија, па затоа Леоне повторно го повикал да глуми во For a Few Dollars More (1965), вториот дел од трилогијата. Со помош на сценаристот Лучано Винченцони, правата за For a Few Dollars More и последниот дел, (The Good, the Bad and the Ugly) им биле продадени на САД за приближно 900,000 долари (денешни 6.64 милиони долари).
Во јануари, 1966. година, Иствуд се сретнал со продуцентот Дино Де Лаурентис во Њујорк, и се согласил да глуми во антологиската продукција од пет дела, Le streghe (The Witches), покрај сопругата на Де Лаурентис, глумицата Силвана Мангано. И покрај тоа што деветнаесетминутната улога на Иствуд се снимала само неколку дена, неговата изведба не поминала добро кај критичарите, од кои еден дури и напишал дека во улогата немало ништо што наликувало на Клинт. Два месеци подоцна, Иствуд започнал да го снима третиот дел од филмовите Dollars, The Good, the Bad and the Ugly,во кој повторно го играл мистериозниот Безимен човек. Ли Ван Клиф ја репризирал улогата на безмилосен алчник за пари, додека Илај Волак го претставил вештиот мексикански бандит Туко Рамирес. Приказната била насочена кон потрагата на конфедерациско злато, закопано во гробница. За време на снимањето на сцена во која требало да биде срушен мост со динамити, Иствуд го убедувал Волај да се скрие зад рид, велејќи, "Познати ми се ситуацииве. Држете се што е можно понастрана од специјални ефекти и експлозиви.“ Само неколку минути подоцна, во тимот настанала права мешаница околу зборот „Vaya!“, што резултирало со предвремена експлозија и за малку избегната смрт на Волај.
Трилогијата Dollars не се прикажувала во САД се’ до 1967. година, кога A Fistful of Dollars бил првпат прикажан во јануари, For a Few Dollars More во мај, и The Good, the Bad and the Ugly во декември. Сите филмови постигнале комерцијален успех, посебно The Good, the Bad and the Ugly, кој донел заработка од 8 милиони долари (денешни 55,8 милиони долари) само од изнајмувања, и му го донел на Иствуд статусот на голема филмска ѕвезда. Сите три филмови добиле претежно негативни критики, со што започнала битката на Иствуд да ја стекне почитта од американските филмски критичари. Џудит Крист го опишала A Fistful of Dollars како „евтин“, а весникот Њузвик за For a Few Dollars More напишал дека е „болно идиотски“. Рената Адлер од Њујорк Тајмс го опишала The Good, the Bad and the Ugly (филм кој денес се смета за еден од најдобрите во историјата) како "најскапиот, побожен и одбивен филм во историјата на тој жанр“. Магазинот Тајм ја посочил „здрвената“ глума, особено на Иствуд, иако на некои критичари како Винсент Кенби и Босли Краутер од Њујорк Тајмс им се допаднала неговата ладнокрвност во претставувањето на високиот и осамен странец. Сепак, уникатниот кинематографски стил на Леоне бил наголемо поздравен, дури и од критичарите кои го омаловажувале глумењето во филмот.
Славата значела и нови мачо-улоги за Иствуд. Потпишал да глуми во американскиот ревизионистички вестерн Hang 'Em High (1968), покрај Ингер Стивенс, Пет Хингл, Денис Хопер, Ед Бегли, Брус Дерн и Џејмс Мекартур, како човек кој бара одмазда за речиси смртното линчување. За овој филм, кој бил нешто помеѓу Rawhide и вестерните на Леоне, Иствуд заработил 400,000 долари (денешни 2.67 милиони долари) и уште дополнителни 25% од бокс-офис заработката. Со парите заработени од трилогијата Dollars, сметководителот и советник на Иствуд, Ирвин Леонард, помогнал во основањето на студиото Malpaso, наречено според заливот Малпасо на имотот на Иствуд во Монтереј, Калифорнија. Всушност, филмот Hang ‘Em High бил резултат на соработка помеѓу студијата Malpaso и United Artists, a по премиерата во јануари, 1968. година, на второто студио му донел рекордна заработка, повеќе од сите дотогашни филмови со Џејмс Бонд. Hang ‘Em High бил насекаде поздравен од критичарите, меѓу нив и Арчер Винстен од Њујорк Пост, која го опишала како „квалитетен, храбар, опасен и возбудлив вестерн“.
Уште пред премиерата на Hang ‘Em High, Иствуд започнал со работа на филмот Coogan’s Bluff, во кој еден заменик шериф на Аризона е во потрага по баран психотичен криминалец, низ улиците на Њујорк. Во овој период дошло до повторна соработка со Universal Studios, при што Иствуд добил понуда од милион долари (денешни 6.97милиони долари) – над двојно поголема од последната. Џенингс Ленг закажал средба помеѓу Иствуд и Дон Сигел, шефот за договори во Universal, а овие двајца се зближиле до тој степен, што нивното партнерство траело повеќе од 10 години и резултирало со пет филмови. Снимањето започнало во ноември, 1967. година, уште пред сценариото да се доврши. Филмот бил контроверзен поради приказот на насилство, а улогата на Иствуд го создала прототипот за понатамошниот мачо-полицаец во филмовите Dirty Harry. Coogan's Bluff ја означил и првата соработка со аргентинскиот композитор Лало Шифрин, кој подоцна ја напишал џез музиката за повеќе филмови на Иствуд, во 70-тите и 80-тите години, меѓу кои и филмовите Dirty Harry.
Во 1968. година, на Иствуд му биле исплатени $850,000 долари (денешни 5.68 милиони долари) за воениот филмски спектакл Where Eagles Dare, во кој една единица во Втората светска војна со падобрани паѓа во Гестапо-тврдина на Алпите. Ричард Бартон го глумел командантот на единицата, а Иствуд бил неговата десна рака. Иствуд требало да глуми и во телевизиското шоу Batman, но снимањето воопшто не започнало.
Следела единствената улога на Иствуд во мјузикл, Paint Your Wagon (1969). Во него, тој и колегата Ли Марвин глумеле копачи на злато со иста сопруга (ја глумела Жан Себерг). Лошите временски услови и одложувањата го попречувале снимањето, а буџетот за филмот надминал и 20 милиони долари (денешни 127 милиони долари), што за тоа време било прескапо. И покрај номинацијата за Најдобар филм – мјузикл или комедија, филмот не достигнал критички, ни комерцијален успех.
1970-тите
[уреди | уреди извор]Во 1970. година, Иствуд глумел во вестернот Two Mules for Sister Sara со Ширли Меклејн, режиран од Дон Сигел. Филмот раскажува за американски платеник кој завршува со проститутка, преправена во калуѓерка, и кој помага на група бунтовници за време на владеењето на императорот Максимилијан I од Мексико. Иствуд повторно глумел мистериозен странец – небричен, пушејќи цигари и облечен во пончо. Иако филмот добил просечни критики, Њујорк Тајмс го вбројуваат во списокот на 1000 најдобри филмови на сите времиња. Подоцна во истата година, Иствуд глумел покрај Доналд Сатерленд и Тели Савалас, како член на група Американци кои крадат многу злато од Нацистите во Втората светска војна, во филмот Kelly's Heroes. Овој филм е последниот во кој глумел Иствуд, а не бил под палката на неговото студио Malpaso. Снимањето започнало во јули, 1969. година, во локација во Југославија и Лондон. Следеле претежно позитивни критики, а биле поздравени и анти-воените пораки во самиот филм. Во зимата 1969-1970. година, Иствуд и Сигел почнале со планови за следниот филм, The Beguiled, приказна за ранет војник на Унијата, држен под заробеништво во женско училиште. По премиерата, филмот стекнал огромна популарност во Франција, каде и до денешен ден се смета за еден од неговите најдобри филмови. Но, заработката не достигнала ни милион долари (денешни 5.98 милиони долари), а според Иствуд и Ланг, вината лежела во слабиот публицитет и „осакатената“ улога на Иствуд.
Пресвртот во кариерата на Иствуд се случил во 1971. година. Пред смртта на Ирвинг Леонард, двајцата разговарале за можноста Malpaso да го снима филмот Play Misty for Me, каде Иствуд требало да ја добие посакуваната уметничка слобода и дебито како режисер. Сценариото говори за Дејв (Иствуд), џез диџеј кој е во афера со Евелин (Џесика Волтер), слушателка која постојано се јавува во неговото радио навечер, барајќи да и’ се пушти омилената песна – Misty од Ерол Гарнер. Откако Дејв ќе стави крај на врската, обожавателката станува насилна и со убиствени намери. Снимањето започнало во Монтереј во септември, 1970. година, и вклучувало и снимки од тогашниот џез фестивал. Филмот се соочил со одлични критики и признанија, и тоа од критичари како Џеј Кокс, Ендру Сарис и Арчер Винстен, кои истовремено ги фалеле и режисерските способности на Иствуд, и неговата глума. Исто така, Волтер била номинирана за Златен глобус - најдобра глумица во драма.
Dirty Harry (1971), филмот напишан од Хери Џулијан Финк и Рита М. Финк, говори за строгиот полициски инспектор од Њујорк (подоцна заменето со Сан Франциско), Хери Калахан, кој е решен по секоја цена да запре еден психотичен убиец. Многумина ја сметале оваа улога на Иствуд за негова најдобра, а филмот и денес се смета за прв во таканаречениот жанр на „непредвидливиот/дивиот полицаец“. Авторот Ерик Лихтенфелд тврди дека Dirty Harry го утврдил првиот вистински архетип во акциските филмови. Изреките на Хери се едни од најнезаборавните во филмската историја, а помогнале и во издигнувањето на популарноста на пиштолите .44 Магнум во САД на едно сосема ново ниво, посебно за моделот Smith & Wesson Model 29, употребуван од Хери Калахан. Dirty Harry доживеал огромен успех по премиерата во декември, 1971. година, заработувајќи 22 милиони долари (денешни 126 милиони долари) само во САД и Канада. Филмот воедно бил и најисплатлив за Сигел од сите во кои приказната се врти околу Хери Калаган. Иако некои критичари го пофалиле Иствуд во улогата на Dirty Harry, како Џеј Кокс кој го опишал како најдобар дотогаш, во една напната, сурова и јака улога, филмот бил и наголемо критикуван за фашистички ставови.
По откажувањето на Шон Конери да глуми во Џејмс Бонд филмови, Иствуд одбил понуда да се појави како негова замена, сметајќи дека улогата треба да ја преземе англиски глумец. Потоа глумел во вестернот Joe Kidd (1972), заснован на лик инспириран од Рејес Лопес Тихерина, кој упаднал во судница во Тиера Амариља, Ново Мексико, во јуни, 1967. година. За време на снимањето, кај Иствуд биле забележани симптоми на бронхијална инфекција и неколку напади на паника. Критиките за Joe Kidd биле поделени, и Роџер Гринспун од Њујорк Тајмс забележал дека филмот не е ништо посебно, и има будалеста симболика и „мрзелива“ обработка, иако ја пофалил глумата на Иствуд.
Во 1973. година, Иствуд го режирал својот прв вестерн, High Plains Drifter, во кој глумел покрај Верна Блум, Маријана Хил, Били Куртис, Пол Бринегар од Rawhide и Џефри Луис. Филмот имал морална и натприродна тема, подоцна емулирана во Pale Rider. Иствуд глумел мистериозен странец кој пристигнува во мрачен вестерн-град, каде луѓето го најмуваат како лична заштита од тројца злосторници кои набргу ќе излезат на слобода. Во текот на филмот владее збунетост околу тоа дали странецот е брат на заменик шерифот, кого злосторниците го линчувале и убиле, или негов дух. Дупките во приказната се покриени со црн хумор и алегорија, инспирирани од Леоне.
Ревизионистичкиот филм доживеал поделени критики, но постигнал голем комерцијален успех. Повеќе критичари сметале дека режирањето на Иствуд било „неоригинално колку што е експресивно“, а Артур Најт од Сатрдеј Ривју забележал дека Иствуд ги „впил пристапите на Сигел и Леоне и ги споил со сопствените параноидни погледи за општеството“. Џон Вејн, кој одбил да глуми во филмот, му испратил писмо на Иствуд набргу по премиерата, жалејќи се дека „жителите на градот не даваат верна слика за вистинскиот дух на американските доселеници, духот кој Америка ја направил величествена ".
Следниот филм на Иствуд бил Breezy (1973), приказна за љубовта помеѓу средновечен маж и тинејџерка. Во текот на снимањето, Иствуд ја запознал Сондра Лок, глумица која одиграла бројни важни улоги во следните 10 години и имала важно влијание во неговиот живот. Улогата на Бризи и’ била доделена на Кеј Ленц, бидејќи Лок, која тогаш имала 28 години, била престара. Филмот бил снимен многу бргу (три дена порано од планираното) и ефикасно од страна на Иствуд и Френк Стенли, со што се заштедиле милион долари од буџетот (денешни 5.24 милиони долари). Не доживеал голем критички или комерцијален успех, па затоа се појавил на видео касети дури во 1998. година.
Откако снимањето на Breezy завршило, Warner Brothers објавиле дека Иствуд се согласил да ја повтори улогата на детективот Хери Калаган во филмот Magnum Force (1973), продолжение на Dirty Harry, со приказна за група диви млади полицајци (меѓу кои Дејвид Сол, Роберт Урик и Тим Матиесон) во полициската единица Сан Франциско, кои систематски ги отстрануваат најлошите криминалци во градот. Иако филмот достигнал голем успех по премиерата, собирајќи 58,1 милиони долари (денешни 304 милиони долари) во САД (рекорд за Иствуд), не поминал добро кај критичарите. Нора Сајре од Њујорк Тајмс ги критикувала честите контрадикторни морални теми во филмот, а Френк Рик го опишал како „ништо ново“.
Во 1974. година, Иствуд се здружил со Џеф Бриџис и Џорџ Кенеди за филмот Thunderbolt and Lightfoot, акциски филм за искусен ограбувач на банки Тандерболт (Иствуд) и млад измамник Лајтфут (Бриџис). По премиерата во пролетта, 1974. година, филмот бил фален за необичниот хумор, измешан со голема неизвесност и трагедија, но комерцијално минал скромно, заработувајќи 32,4 милиони долари (денешни 154 милиони долари).Иако глумењето на Иствуд било потенцирано од страна на критичарите, Бриџис ги собрал сите пофалби и бил номиниран за оскар за најдобра споредна улога. Недостатокот на лична номинација наводно предизвикал силен гнев кај Иствуд, кој се заколнал дека веќе нема никогаш да работи за United Artists.
Следниот негов филм, The Eiger Sanction (1975), бил заснован на успешниот шпионски роман со исто име од Треваниан. Иствуд го глумел Џонатан Хемлок (иако улогата првично требало да ја добие Пол Њуман), професионален убиец кој работи и како професор по уметност на колеџ, принуден за последен пат да се врати на својата стара професија и да ја одмазди смртта на стар пријател. За таа цел, тој мора и да се искачи на северната страна на планината Ајгер во Швајцарија, при опасни услови. И овојпат, Иствуд и Кенеди глумеле заедно. Иствуд научил како да се качува со помош на Мајк Хувер, за време на неколкунеделните летни подготовки (1974) во паркот Јосемити, а снимањето започнало во Гринделвалд на 12 август, 1974. година. И покрај претходните предупредувања за опасностите што демнеле на планината Ајгер, тимот на Иствуд доживеал неколку несреќи, меѓу кои и една смртна. И покрај тоа, Иствуд одлучил сам да ги одглуми сите планинарски потфати. По премиерата во мај, 1975. година, филмот доживеал комерцијален неуспех, заработувајќи само 23,8 милиони долари (денешни 103 милиони долари) во бокс-офисот, а добил и претежно негативни критики. Џој Гоулд Бојум од Вол Стрит Џрнал го опишал филмот како „брутална фантазија“. Според Иствуд, Universal Studios биле главни виновници за слабата промоција, па затоа решил да се откаже од нив и да склучи договор со Warner Brothers, преку Френк Велс, кој трае и до денес.
Во The Outlaw Josey Wales (1976), вестерн инспириран од истоимениот роман (1972) на Аса Картер, главниот лик Џоуси Вејлс (Иствуд), кој е про-конфедерациски герилец, одбива да се предаде по американската граѓанска војна и е прогонуван низ стариот југозападен дел. Иствуд ги вклучил за првпат и син му Кајл Вествуд, и Сондра Лок, и покрај противењето на режисерот Филип Кауфман. Кауфман бил отпуштен од продуцентот Боб Дели по желба на Иствуд, што резултирало со парична казна од страна на здружението на режисери на Америка од 60,000 долари (денешни 245,053 долари)—што поттикнало ново правило, односно дозвола за голема парична казна во случај на отпуштање и смена на режисер. Филмот бил снимен во Ајдахо, во центарот за уметност и хумани релации, за време на шестдневна конференција со наслов „Вестерн филмови: Митови и слики“. На снимањето биле поканети неколку почитувани критичари, како Џеј Кокс и Артур Најт; режисери како Кинг Видор, Вилијам Вајлер и Хауард Хокс; и неколку академици. По премиерата во август, 1976. година, филмот бил насекаде одобрен, и многу критичари и гледачи улогата на Иствуд ја поврзале со американското пра-минато и судбината на нацијата по граѓанската војна. Роџер Еберт ја споредил природата и ранливоста на иствудовиот приказ на Џоуси Вејлс со Безимениот човек од вестерните Dollars и ја пофалил атмосферата во филмот. Подоцна филмот се појавил и во списокот на најдобри 10 филмови во годината според Тајм.
Следела понуда до Иствуд да ја игра улогата на Бенџамин Вилард во филмот на Францис Форд Копола, Apocalypse Now, но тој ја одбил со оправдание дека не сака да помине неколку недели на Филипините. Исто така одбил понуда и за виетнамскиот воен филм на Тед Поуст, Go Tell the Spartans и решил да го направи третиот филм од серијалот Dirty Harry, The Enforcer. Во филмот Хери за партнер добива женски полицаец (Тајн Дели) и треба да се соочи со група противници во Сан Франциско кои потсеќаат на Симбионистичката ослободителна армија. Филмот, чија кулминација е престрелка на островот Алкатраз, бил значително пократок од претходните филмови во серијалот (времетраење: 95 минути), но постигнал огромен комерцијален успех, заработувајќи 100 милиони долари (денешни 408 милиони долари во светски рамки, со што станал најисплатливиот филм на Иствуд и до денес.
Во 1977. година, го режирал и глумел во филмот The Gauntlet покрај Лок, Пет Хингл, Вилијам Принц, Бил Мекини и Мара Кордеј. Иствуд е пропаднат полицаец кој се заљубува во проститутка која мора да ја придружува од Лас Вегас до Феникс, за да сведочи против мафијата. Иако филмот станал скромен хит кај публиката, критиките на критичарите биле поделени, и голем дел сметале дека има претерано насилство. Долгогодишниот непријател на Иствуд, Полин Каел го опишала филмот како „приказна извалкана со лош јазик и насилство“. Од друга страна, Роџер Еберт го оценил со три ѕвезди и рекол дека се работи за „Класичниот Клинт Иствуд: брз, фуриозен и смешен.“ Во 1978. година, Иствуд глумел во Every Which Way but Loose, покрај Лок, Џефри Луис, Рут Гордон и Џон Квејд. Во нетипична комична улога, Иствуд го глумел Фило Бедоу, камионџија и кавгаџија кој ита низ американскиот запад и е во потрага по загубената љубов, во друштво на братот и орангутан со име Клајд. Филмот постигнал изненадувачки успех по премиерата и станал комерцијално најуспешниот филм на Иствуд во тоа време. Критичарите не го сакале, но поминал одлично во бокс-офисот и бил втор по заработка во таа година.
Следната година, Иствуд глумел во трилерот Escape from Alcatraz, последниот негов филм режиран од Дон Сигел. Филмот се засновал на вистинска приказна, односно на Френк Ли Мортис, кој заедно со Џон и Кларенс Енглин побегнале од озлогласениот затвор Алкатраз во 1962. година. Филмот постигнал огромен успех; Стенли Кауфман од Њу Репаблик го опишал како „кристален филм“, а Френк Рик од Тајм рекол дека зрачи од „кул, филмска привлечност“. Филмот го означил почетокот на еден исклучително позитивен период за Иствуд меѓу критичарите.
1980-тите
[уреди | уреди извор]Во 1980. година, Иствуд ја режирал и ја играл главната улога во комедијата Bronco Billy, покрај Лок, Скетмен Кротерс и Сем Ботомс. Неговите деца Кајл и Алисон играле ситни улоги на сирачиња. Иствуд изјавил дека овој филм имал едно од најопуштените снимања во неговата кариера, а биографот Ричард Шикел тврдел дека ликот на Бронко Били најмногу потсеќал од сите ликови на самиот Иствуд. Иако поминал добро кај критичарите, филмот бил комерцијален неуспех. Жанет Маслин од Њујорк Тајмс напишала дека филмот е „најдобар и најсмешен филм со Клинт Иствуд последниве неколку години“, и го пофалила режирањето на Иствуд, и начинот на кој ги вплеткал стариот Запад со новиот. Подоцна истата година, Иствуд глумел во Any Which Way You Can, продолжението на Every Which Way but Loose. Неколку критичари негативно го оцениле, но Маслин го опишала како „посмешен и подобар од претходникот“. Овој филм бил уште еден во низата што постигнале успех во бокс-офисот, и бил еден од петте најисплатливи филмови во годината.
Во 1982. година, Иствуд го режирал и глумел во филмот Honkytonk Man, заедно со синот Кајл, филм инспириран од истоимениот роман на Кленси Чарли, напишан во депресивниот период. Во него, жилавиот вестерн пејач Ред Стовал (Иствуд) боледува од туберкулоза, но конечно добива шанса да се пробие во Гранд Ол Опри. На патот до Нешвил, Тенеси, каде треба да сними песна, е придружуван од своето внуче (Кајл). Во САД, филмот добил позитивна критика само од Тајн, додека останатите ја критикувале мешавината од хумор и трагедија. Сепак, филмот бил критички одобрен во Франција, каде бил спореден со The Grapes of Wrath на Џон Форд, и до денес одржува висок рејтинг од 94% на порталот Rotten Tomatoes. Истата година Иствуд го режирал, продуцирал и глумел во филмот „Огнена лисица“ (Firefox), со тема од студената војна, покрај Фреди Џонс, Дејвид Хафмен, Ворен Кларк и Роналд Лејси. Заснован на истоимениот роман (1977) од Крег Томас, филмот бил снимен пред Honkeytonk Man, но премиерата му била по него. Поради студената војна, тимот не можел да снима на руски локации, па со цел да се симулираат евроазиските локации во приказната, Иствуд се одлучил за Виена и други места во Австрија. Трошоците за филмот достигнале 20 милиони долари (денешни 48,2 милиони долари), што и до денешен ден е ненадминато за Иствуд. Магазинот Пипл ја споредил изведбата на Иствуд со Лук Скајвокер, заробен во „духот“ на полицаецот Хери.
Иствуд го режирал и глумел во четвртиот филм Dirty Harry, Sudden Impact, кој се снимал во пролетта и летото 1983. година, и кој и до денес се смета за најмрачен и најагресивен од сите филмови во серијалот. Во тоа време, Иствуд веќе заработувал 60% од вкупниот профит на филмовите што ги режирал и во кои глумел, а останатата заработка била наменета за студиото. Sudden Impact е последниот филм во кој глумел со Лок. Таа глумела жена, која заедно со својата сестра била силувана од страна на безмилосна банда, на саемски простор, и која сака да ја одмазди вегетативната состојба на нејзината сестра преку систематско убивање на силувачите. Изреката "Go ahead, make my day" (изговорена од Иствуд во една од почетните сцени во кафетерија) често се цитирала како една од бесмртните филмски изреки. Ја изговорил и претседателот Роналд Реган при еден конгрес, а се користела и за време на претседателската кампања во 1984. година. Филмот не бил најуспешниот во серијалот и заработил 70 милиони долари (денешни 163 милиони долари). Добил многу позитивни критики, и многу критичари ги фалеле феминистичките аспекти во приказната, преку откривањето на физичките и психичките последици од силувањето.
Во Tightrope (1984) Иствуд глумел со ќерката Алисон, Женевјев Бижо и Џејми Роуз, во провокативен трилер, инспириран од написите во весници за некој неуловлив силувач во една заливска област. Дејствието било сместено во Њу Орлеанс за да се избегне мешање со филмовите Dirty Harry, и Иствуд глумел разведен татко-полицаец, привлечен од напатената психологија и фасцинантност од садомазохизам на неговата мета. Потоа следела улога во периодичната комедија City Heat (1984), покрај Бурт Рејнолдс, во приказна за еден приватен детектив кој заедно со неговиот партнер се вплеткува со ганстерска група во периодот на прохибицијата во САД, во 30-тите години. Филмот заработил околу 50 милиони долари (денешни 112 милиони долари) на домашно ниво, но паднал во сенка на Еди Марфи и неговиот Beverly Hills Cop.
Иствуд имал само еден излет во сериските филмови, режирајќи ја епизодата "Vanessa In The Garden" (1985) од серијата Amazing Stories, во која глумеле Харви Кејтел и Сондра Лок. Тоа било негова прва соработка со Стивен Спилберг, кој подоцна помогнал и за филмовите Flags of Our Fathers и Letters from Iwo Jima. Следело повторно враќање на Иствуд во вестерн жанрот, и тоа со филмот Pale Rider (1985), што го режирал и во кој глумел, покрај Мајкл Мориарти и Кери Снодгрес. Филмот бил заснован на вестерн-класиката од 1953. година, Shane, и се фокусирал на проповедник кој се здружува со рударите за време на калифорниската златна треска во 1850. година. Насловот укажувал на четворицата јавачи на Апокалипсата, а јавачот на бледиот коњ е Смртта. Сето ова потсеќало по темите за моралот и правдата, како и по истражувањето на натприродното, на вестернот на Иствуд од 1973. година, High Plains Drifter. Pale Rider станал еден од најуспешните филмови на Иствуд до денес. Бил прогласен за еден од најдобрите филмови за таа година, но и за најдобар вестерн во последните неколку години, па Јуџин Сискел од Чикаго Трибјун забележал дека „Оваа година (1985) ќе биде запомнета во филмската историја како моментот кога Клинт Иствуд конечно ја заслужи почитта како уметник".
Наредната година, Иствуд глумел со Марша Мејсон во воената драма Heartbreak Ridge, за инвазијата на САД во 1983. година над Гранада. Тој глумел постар американски морнарски и артилериски наредник и ветеран во војната со Кореја. Продукцијата и снимањето биле попречени поради внатрешните несогласувања помеѓу Иствуд и долгогодишниот пријател и продуцент Фриц Меинс, и помеѓу Иствуд и министерството за одбрана на САД, кое не го одобрувало филмот. Во тоа време филмот постигнал само комерцијален, но не и критички успех, а позитивните критики првпат дошле до израз дури во поново време. Заработил 70 милиони долари (денешни 148 милиони долари) во САД.
Иствуд глумел и во The Dead Pool (1988), петтиот и последен филм од филмовите Dirty Harry. Во него глумеле и Лијам Нисон, Патриша Кларксон, како и тогаш младиот Џим Кери кој го глумел Џони Скверс, рок ѕвезда зависна од дрога, и првата од славните жртви на смртниот список на режисерот на хорор филмови, Питер Свон (Нисон); оттаму и самото име на филмот. Списокот е украден од страна на опседнат обожавател кој, сакајќи да го имитира својот омилен режисер, го следи списокот и ги убива ѕвездите, меѓу кои се наоѓа и Хери. The Dead Pool заработил околу 38 милиони долари (денешни 74,7 милиони долари), што за филм од серијалот Dirty Harry било незадоволително, а и до денес се смета за најлош од сите пет филма, иако Роџер мислел дека е добар колку првиот дел.
Следело затишје во кариерата на Иствуд, во периодот 1988-1992, во кој работел на помали и поприватни проекти. Поради трајниот интерес за џез музиката, го режирал Bird (1988), биографски филм во кој глумецот Форест Витакер го глумел џез музичарот Чарли „Брд“ Паркер. Алт саксофонистот Џеки Меклин и Спајк Ли, синот на џез басистот Бил Ли и долгогодишен критичар на Иствуд, го критикувале ликот на Чарли Паркер бидејќи не го доловувал потребното ниво и смислата за хумор. Иствуд добил два златни глобуси за филмот, наградата Сесил Б. Демиље за доживотен придонес, и наградата за најдобар режисер. И покрај тоа, Bird бил комерцијален неуспех, заработувајќи само милион долари, а Иствуд тоа го оправдал со намалениот интерес за џез помеѓу црномурестите луѓе.
Кери повторно глумел со Иствуд во непопуларната комедија Pink Cadillac (1989), во која бил и Бернадет Питерс. Во неа, ловец на награди и група бели расисти бркаат невина жена, која бега во скапиот розов Кадилак на нејзиниот сопруг. Филмот не доживеал ни критички, ни комерцијален успех, и заработил некој долар повеќе од Bird, со што и дефинитивно била означена ниска точка во кариерата на Иствуд
1990-тите
[уреди | уреди извор]Иствуд го режирал и глумел во филмот White Hunter Black Heart (1990), адаптација на роман од Пиер Виртел, за Џон Хастон и снимањето на класичниот филм The African Queen. Се снимал низ Зимбабве во летото 1989. година, и добил извесно критичко признание, но ограниченото издание значело и заработка од само 8,4 милиони долари (денешни 14,9 милиони долари). Наредната година, Иствуд го режирал и глумел во филмот The Rookie со Чарли Шин, акциски филм за двајца полицајци-партнери. Иако на критичарите заплетот и карактеризацијата не им се допаднале, акциските сцени добиле големи пофалби. Поради судскиот процес низ кој минувал Иствуд, за наводното пробивање на нечија кола, ниеден негов филм не се прикажувал во кината во 1991. година. Иствуд го добил спорот и се согласил на обвинителот да му ги исплати правните трошоци доколку не се жали повторно.
Во 1992. година, Иствуд се навратил на вестерните и го режирал филмот Unforgiven, во кој глумел поранешен пиштолџија во поодминати години. За филмот постоеле разни сценарија со наслови The Cut-Whore Killings и The William Munny Killings уште од 1976. година, но Иствуд го одложувал проектот затоа што сакал да биде доволно стар за да го глуми главниот лик и да го овековечи како неговиот последен вестерн филм. Unforgiven бил огромен комерцијален и критички успех; Џек Метјуз од Лос Анџелес Тајмс го опишал како „најдобриот класичен вестерн филм кој се појавил уште од The Searchers (1956) на Џон Форд“. Филмот бил номиниран за девет оскари (меѓу кои и оскарите за најдобар глумец за Иствуд и најдобро оригинално сценарио на Дејвид Веб Пиплс) и освоил четири, меѓу кои оскарот за најдобар филм и најдобар режисер за Иствуд. Во јуни 2008. година, Unforgiven бил рангиран како четвртиот најдобар американски вестерн на списокот на американскиот филмски институт, позади Shane, High Noon, и The Searchers.
Иствуд го глумел Френк Хориган во трилерот на тајната служба, In the Line of Fire (1993), филм кој бил режиран од Волфганг Питерсен и во кој глумел и Џон Малкович и Рене Русо. Хориган е агент на тајната служба кој се обвинува и јадосува поради неможноста да го спаси животот на Џон Ф. Кенеди. Со заработени 200 милиони долари само во САД (денешни 322 милиони долари), филмот бил еден од десетте најисплатливи филмови во бокс-офисот. Овој филм се покажал како последниот што не бил режиран од Иствуд во понатамошниот период. Подоцна во истата година, тој го режирал и глумел во филмот A Perfect World, покрај Кевин Костнер. Сместен во 60-тите, Иствуд глумел тексашки чувар во потрага по избеган осуденик (Костнер), кој бега заедно со младо момче (Т. Џ. Лоутер). Џенет Маслин од Њујорк Тајмс напишала дека филмот е врвната точка во кариерата на Иствуд како режисер, а оттогаш во повеќе наврати бил спомнат и како еден од најпотценетите режисерски достигнувања.
Во мај 1994. година, на канскиот филмски фестивал, Иствуд го добил Орденот за уметност и литература од Франција, а на 27 март следната година ја добил наградата Ирвин Г. Талберг на 67. доделување на оскарите. Следело кратко појавување во детскиот филм Casper (1995). Истата година се појавил и покрај Мерил Стрип во романтичниот филм The Bridges of Madison County. Заснован на роман од Роберт Џејмс Волер, филмот ја раскажал приказната за Роберт Кинкеид (Иствуд), фотограф кој работи за National Geographic, и има афера со средовечна италијанска фармерка, Франческа (Стрип). Иако романот не поминал најдобро и темата се сметала за несоодветна за филм, The Bridges of Madison County бил комерцијален и критички успех. Роџер Еберт напишал, "Стрип и Иствуд исткајуваат магија заснована баш на таа свест за љубовта и себеси што доаѓа со средовечноста." Филмот бил номиниран за златен глобус за најдобар филм, а ја добил наградата Цезар во Франција за најдобар странски филм. Стрип исто така била номинирана за оскар и златен глобус.
Во 1997. година, Иствуд го режирал и глумел во политичкиот трилер Absolute Power, заедно со Џин Хекман (со кој глумел и во Unforgiven). Иствуд глумел ветеран крадец кој е сведок на тоа како тајната служба забошотува убиство. Филмот предизвикал поделени мислења од критичарите. По неколку месеци, Иствуд го режирал Midnight in the Garden of Good and Evil, заснован на романот од Џон Берент и во кој глумеле Џон Кусак, Кевин Спејси и Џуд Ло. И овој филм предизвикал поделени мислења.
Иствуд го режирал и глумел во True Crime (1999), во кој се појавила и неговата млада ќерка Франческа Фишер-Иствуд. Тој го глумел Стив Еверет, новинар и поранешен алкохоличар, кој мора да го покрие погубувањето на убиецот Френк Бихум (го глумел Исаија Вашингтон). Филмот предизвикал поделени мислења, и Џенет Маслин од Њујорк Тајмс напишала „Правецот е воден од извесно чувство за поправни шанси и трагични недоразбирања, и преку контрастирањето на едно посилно чувство за правда со ситниот криминал. Но, подоцна можеби малку повеќе се скршнува во вториот правец" Филмот не се пробил во бокс-офисот, каде заработил помалку од половина од буџетот што изнесувал 55 милиони долари (денешни 76,7 милиони долари), и се сметал за најпромашениот филм на Иствуд во деведесеттите, заедно со ограниченото издание на White Hunter Black Heart.
2000-тите
[уреди | уреди извор]Во 2000. година, Иствуд го режирал и глумел во филмот Space Cowboys со Томи Ли Џонс, Доналд Сатерленд и Џејмс Гарнер. Иствуд глумел еден од групата поранешни ветерани пилоти, испратени во вселената да поправат стар советски сателит. Музиката за филмот ја напишал Иствуд и Лени Нихаус. Филмот поминал добро кај критичарите и има рејтинг од 70% на порталот Rotten Tomatoes, иако според Роџер Еберт, "премногу се држи до сигурната традиционална структура на приказната за нешто да изгледа ризично." Заработката надминала 90 милиони долари во САД, што е повеќе од двата претходни филмови на Иствуд заедно. Следната година, тој глумел поранешен агент на ФБИ кој брка садистички убиец (Џеф Даниелс) во трилерот Blood Work, лабаво заснован на истоимениот роман (1998) од Мајкл Конели. Комерцијалниот неуспех и поделените мислења донеле заработка од само 26,2 милиони долари (денешни 33,9 милиони долари), додека буџетот изнесувал 50 милиони долари (денешни 64,6 милиони долари), а според Rotten Tomatoes, филмот бил "добро изработен, но изгрубен од летаргичното темпо“. И покрај тоа, Иствуд освоил награда за филмот на филмскиот фестивал во Венеција.
Иствуд ја режирал и напишал музиката за криминалната драма Mystic River (2003), филм со теми на убиство, одмаздништво и сексуално злоставување, во кој глумеле Шон Пен, Кевин Бејкон, и Тим Робинс. Mystic River поминал одлично кај критичарите и освоил два оскари – најдобар глумец за Шон Пен и најдобра споредна улога за Робинс – додека Иствуд бил номиниран за најдобар режисер и најдобар филм. Заработката достигнала 90 милиони долари во САД (денешни 114 милиони долари), а буџетот бил 30 милиони долари (денешни 37,9 милиони долари). Истата година, Иствуд бил наречен најдобар режисер на годината од страна на лондонските филмски критичари и Националното општество на филмски критичари.
Следната година, Иствуд доживеал нов критички и комерцијален успех со режирањето, продуцирањето, композирањето и глумењето во боксерската драма Million Dollar Baby, каде глумел див тренер кој се зближува со боксерка (Хилари Свонк), која ја тренира по убедување на долгогодишниот пријател (Морган Фримен). Филмот освоил четири оскари, за најдобар филм, најдобар режисер, најдобра глумица (Свонк) и најдобра споредна улога (Фримен). Со своите 74 години, Иствуд станал најстариот од 18 режисери кои режирале два или повеќе добитници на оскари за најдобар филм. Исто така бил номиниран за најдобар глумец, а следела и номинацијата Греми за музиката. А. О. Скот од Њујорк Тајмс го нарекол филмот „ремек дело“, и најдобар филм ва годината.
Во 2006. година, Иствуд режирал два филмови за Битката за Иво Џима во Втората светска војна. Првиот, Flags of Our Fathers, се фокусирал на луѓето што го издигнале американското знаме на врвот на планината Сурибачи. Следел Letters from Iwo Jima, кој ги опишал тактиките на јапонските војници на островот и писмата што им ги испраќале на своите семејства. Letters from Iwo Jima бил првиот американски филм што опишувал војна од гледна точка на американски непријатели. Двата филмови биле пофалени од критичарите и неколкупати номинирани на 79. доделување на оскари, меѓу кои номинациите за најдобар режисер, најдобар филм, и најдобро оригинално сценарио за Letters from Iwo Jima. На 64. доделување на наградите Златен глобус, Иствуд бил номиниран за најдобар режисер во двата филмови. Letters from Iwo Jima освоил награда за најдобар филм на странски јазик.
Следело режирањето на филмот Changeling (2008), заснован на вистинска приказна од дваесеттите години во минатиот век. Анџелина Џоли глумела жена која конечно го наоѓа својот изгубен син, само за подоцна да сфати дека е измамник. По прикажувањето на неколку филмски фестивали, филмот собрал над 110 милиони долари (денешни 119 милиони долари), и тоа повеќето од странските пазари. Критиките биле многу позитивни, и Демон Вајз од Емпајр го опишал Changeling како „беспрекорен“. Тод Мекарти од Варајети рекол дека филмот е „емоционално моќен и стилистички убедлив“ и дека неговите ликови и општествените коментари биле внесени во приказната со „речиси спектакуларна промисленост“. За филмот, Иствуд бил номиниран за најдобра музика на 66. доделување на златните глобуси, за режирање на 62. доделување на британските филмски оскари и за режисер на годината од страна на лондонските филмски критичари.
Иствуд ставил крај на четиригодишниот само-назначен прекин на глума со појавувањето во Gran Torino, филм во кој бил и режисер, и продуцент, и за кој делумно ја напишал музиката со синот Кајл и Џејми Кулум. Биографот Марк Елиот ја нарекол улогата на Иствуд "мешавина од Безимениот човек, Хери Калахан и Вилијам Мани, навлезена во години и цинична, но подготвена да се бори доколку дојде до таква потреба." Иствуд изјавил дека улогата е веројатно негова последна. Gran Torino заработил околу 30 милиони долари (денешни 32,4 милиони долари) во првиот викенд од прикажувањето, во јануари, 2009. година, што за Иствуд како глумец и режисер било рекорд. Понатаму, Gran Torino достигнал светска заработка од над 268 милиони долари (денешни 289 милиони долари), со што станал најисплатливиот филм во кариерата на Иствуд (без прилагодување поради инфлацијата).
Invictus бил 30. филм на Иствуд како режисер, заснован на приказната за јужноафриканскиот рагби тим на светското првенство во 1995. година. Морган Фримен го глумел Нелсон Мандела, Мет Дејмон капитенот на тимот Франсоа Пиенар и Грент Л. Робертс Рубен Кругер. Филмот доживеал претежно позитивни критики; Роџер Еберт го оценил со 3.5 ѕвезди и го опишал како „многу добар филм... со моменти што предизвикуваат силни емоции“, додека Тод Мекарти од Варајети напишал, "Навидум инспиративен, филмот на Клинт Иствуд има предвидлива траекторија, но во секоја сцена се кријат изненадувачки детали што придонесуваат за богатата историја, културните впечатоци и емоции." За филмот Иствуд бил номиниран во категоријата за најдобар режисер, на 67. издание на наградите Златен глобус.
2010-тите
[уреди | уреди извор]Во 2010. година, Иствуд ја режирал драмата Hereafter, и повторно соработувал со Мет Дејмон, кој глумел видовит човек. Премиерата била на 12 септември, 2010. година на меѓународниот филмски фестивал во Торонто, а еден месец подоцна имал ограничено издание. Филмот забележал поделени мислења кај критичарите, а според порталот Rotten Tomatoes, "И покрај тоа што поттикнува на размислување, и покрај типичниот талент на Иствуд како режисер, Hereafter не успева во намерата да биде привлечна драма, и постојано чекори на конецот помеѓу острата сентименталност и лигавата монотонија." Истата година, Иствуд се појавил и како извршен продуцент за документарен филм на Turner Classic Movies (TCM) за џез пијанистот Дејв Брубек, насловен Dave Brubeck: In His Own Sweet Way, со цел да се одбележи 90. роденден на Брубек.
Во 2011. година, Иствуд го режирал J. Edgar, биографскиот филм за шефот на ФБИ, Џ. Едгар Хувер, а главната улога му припаднала на Леондардо ди Каприо. Филмот предизвикал поделени мислења, иако глумата на ди Каприо наишла на општо поздравување. Според консензусот на Rotten Tomatoes, "Леонардо ди Каприо има очекувано моќна изведба, но филмот разочарува во сите други сфери". Роџер Еберт напишал дека филмот е „фасцинантен“, „мајсторски“ и ја величел глумата на ди Каприо. Давид Еделстајн од магазинот Њујорк исто така ја величел глумата на ди Каприо, но напишал, "Штета што J. Edgar е толку безличен, извештачен и трапав, истовремено и богат со лоши реченици и уште полоши изреки ". Во јануари, 2011. година, било објавено дека Иствуд преговара за режирање на третиот римејк на филмот од 1937. година, A Star Is Born, во кој требало да глуми Бијонсе. Сепак, проектот бил одложен поради нејзината бременост. Во октомври истата година, Ентертеинмент Викли објавил дека Иствуд преговара за глумење во бејзбол драмата Trouble with the Curve, каде ветеран бејзбол извидник патува со неговата ќерка во една последна извидничка мисија. Како режисер на филмот требало да се појави Роберт Лоренц, кој работел со Иствуд како помошник режисер во повеќе филмови.
За време на полувремето од финалето во американскиот фудбал Super Bowl XLVI, Иствуд се појавил во реклама за Крајслер со наслов "Half Time in America". Рекламата била критикувана од неколку видни американски конзервативци, кои тврделе дека укажува на тоа дека претседателот Барак Обама заслужува втор мандат. Иствуд одговорил на критиките, посочувајќи дека дефинитивно не соработува политички со Обама, и дека пораката била за работниот пораст и духот на Америка. Притоа, тој ја повторил својата поддршка за Републиканците.
Режисерски стил
[уреди | уреди извор]Почнувајќи со трилерот Play Misty for Me, Иствуд режирал повеќе од 30 филмови во кариерата, меѓу кои имало вестерни, акциски филмови и драми. Уште од почетокот на кариерата, го нервирало инсистирањето на режисерите секоја сцена да се снима повеќепати и да се усовршува, па затоа кога станал режисер во 1971. година, одлучил да ги избегнува режисерските навики што не ги сакал како глумец. Како резултат на тоа, Иствуд е познат по ефикасното режирање и способноста да го скрати поребното време за снимање, но и да се држи до обезбедениот буџет за филмот. Најчесто ги заобиколувал пробите на глумците и сакал повеќето сцени да ги заврши „од прва“. При подготовките за снимање, тој ретко ги користел илустрираните прикази за диктирање на распоредот на снимањето. Исто така, не сакал многу детали во сценаријата за „позадината“ на ликовите, за фокусот да е повеќе на самите случувања во филмот. Според Иствуд, имагинацијата е таа што ја поврзува публиката со филмот. Заплетот и’ ги дава потребните детали, но не „толку многу, за луѓето да не се почувствуваат омаловажени.“ Магазинот Лајф напишал „Стилот на Иствуд е „прво снимај, а потоа глуми“. Ги гравира своите ликови буквално без зборови. Уметноста на занемарување детали ја има толку усовршено, што доколку некој околу него трепне, изгледа претеатрално.“
Водителите на интервјуа Ричард Томпсон и Тим Хантер изјавиле дека филмовите на Иствуд се „со одлично темпо, неизбрзани, кул и предизвикуваат одлично чувство за вистинското време, независно од брзината на раскажувањето " додека Рик Гентри посочил дека темпото на Иствуд е „неизбрзано и релаксирано“. Иствуд повеќе користел послабо и задно осветлување, со цел неговите филмови да оставаат помрачен впечаток.
Честото разоткривање на етичките вредности од страна на Иствуд го привлекло вниманието на многу стручњаци, кои ја истражувале неговата работа од етичка и теолошка перспектива, како неговиот приказ на правда, милост, самоубиство и ангелот на смртта.
Политика
[уреди | уреди извор]Иствуд се регистрирал како Републиканец за да гласа за Двајт Ајзенхауер во 1952. година, а ги поддржувал и претседателските кампањи на Ричард Никсон во 1968. и 1972. година. Но, подоцна го критикувал справувањето на Никсон со војната во Виетнам, како и неговиот морал при скандалот Вотергејт. Не ги поддржувал американските војувања во Кореја (1950–1953), Виетнам (1964–1973), Авганистан (2002–2014), и Ирак (2003–2011), верувајќи дека САД не треба да претерува со воените акции, ниту да „глуми“ глобален полицаец. За себе изјавил дека е „преголем индивидуалец, за да припаѓа на кое било од десното или левото крило“, а во 1974. година се опишал како „политичко ништо“ и „умерен“. Во 1997. година изјавил дека е „слободоумник“. „Не се сметам себеси за конзервативец,“ посочил тој, притоа посочувајќи и дека не е „ултра-левичар“. Некогаш ги поддржувал Демократите во Калифорнија, меѓу кои и претставникот на либералите, Сем Фер, во 2002. година, и гувернерот Греј Дејвис, за кого гласал во 1998. година и за кого одржал скапи настани за собирање средства во 2002. и 2003. година. Како само-прогласен „Либерал за граѓански права“, Иствуд се изјаснил за абортусот. Ги поддржал и хомосексуалните бракови, а придонел и во групите за подрршка на Амандманот за еднакви права на жените, кој не бил ратификуван во 1982. година. Во 1992. година, му открил на писателот Дејвид Брескин дека неговите политички гледишта се соединување на Милтон Фридман и Ноам Чомски.
Како политичар, Иствуд имал успешни „излети“ во локалната и државна влада. Во април, 1986. година, бил изгласан за градоначалник (еден мандат) во неговиот роден крај, Кармел-бај-д-Си, Калифорнија – мал, богат град и уметничка заедница на полуостровот Монтереј. За време на мандатот, ги поддржувал малите бизнис-претпријатија и бил застапник за заштита на животната средина. Во 2001. година, бил назначен во комисијата California State Park and Recreation од страна на гувернерот Дејвис, нешто што било повторено од гувернерот Арнолд Шварценегер во 2004. година. Како заменик претседател на комисијата, во 2005. година, Иствуд заедно со претседателот Боби Шривер го започнал движењето против проширувањето на 6 ленти и продолжувањето од 26 км на патот Калифорнија Стејт Рут 241, наплатен пат што требало да минува низ плажата Сан Онофре. Иствуд и Шривер поддржале судски процес во 2006. година за блокирање на изградбата на патот и ја убедувале калифорниската крајбрежна комисија да го отфрли проектот, што конечно се случило во февруари, 2008. година. Следниот месец, фактот што Иствуд и Шривер не биле преназначени во комисијата по истекот на нивните мандати го поттикнал советот за заштита на природните богатства (NDRC) да побара легислативна истрага околу одлуката. Гувернерот Шварценегер го вклучил Иствуд во калифорниската филмска комисија во април, 2004. година. Се појавил и како претставник на Take Pride in America, агенција на министерството на природни богатства на САД, залагајќи се за преземање одговорност за природните, културни и историски богатства.
За време на претседателските избори во САД во 2008. година, Иствуд го поддржал Џон Мекејн, посочувајќи дека со него се познавал уште откако тој се вратил во Америка во 1973. година, како ослободен воен заробеник. За познатиот воен ветеран изјавил, "Го запознав пред многу години, кога првпат се врати од Виетнам. Тоа беше кога Роналд Реган беше гувернер на Калифорнија, и имаше важна функција за сите ослободени воени заробеници. Мислев дека е одличен човек, прав американски херој.“ И покрај тоа, во знак на патриотизам, Иствуд му посакал се’ најдобро на Барак Обама по победата, велејќи „Обама сега е и мој претседател, и ќе му посакам само најдобро, бидејќи тоа е најдобро и за сите нас“. Сепак, Иствуд изгледа не бил задоволен од „млакото“ раководство на претседателот, па во 2010. година изјавил, "Мислам дека е фин човек, уживав да го гледам кога се појави, уживав во неговата кампања и победа. Но многу не ми се допаѓа тоа што го прави моментално... Мислам дека не управува доволно. Мислам дека не го има идеалниот тим покрај себе.“ Во јануари, 2011. година, Иствуд за британскиот весник Дејли мејл кажал „Го сакав тоа што Обама е мулти-расен. Мислев дека тоа е одлично, бидејќи и мојата сопруга има иста расна позадина. Но чувствував како да е почетник, и испадна дека немал многу искуство во носењето одлуки.“ За Мекејн, Иствуд посочил „Гласав за него, не зашто е Републиканец, туку зашто учествувал во војна (во Виетнам) и мислев дека подобро ќе ја разбере војната во Ирак од некој што не војувал. Не делевме исто мислење за многу работи.“
Во август, 2010. година, Иствуд му пишал на британскиот канцелар на благајната, Џорџ Озборн, во знак на протест против одлуката да се затвори британскиот филмски совет, предупредувајќи дека оваа одлука може да значи и се’ помало производство на странски филмови во Обединетото Кралство. На 3 август, 2012. година, Иствуд присуствувал на настан за собирање средства за претседателскиот кандидат на Републиканците, Мит Ромни, каде посочил дека на државата и’ е потребна помош и обновување на умерениот даночен систем, за да се создаде атмосфера на правичност.
Личен живот
[уреди | уреди извор]Иствуд е татко на барем седум деца од пет различни жени,[1] и честопати бил опишан како „сериски женкар“. Имал афери со глумиците Катрин Денев, Џил Банер, Џејми Роуз, Ингер Стивенс, Џо Ен Херис, Жан Себерг, аналитичарката на сценарија Меган Роуз, поранешната сопруга на Џејмс Бролин, Џејн, и шампионката во пливање Анита Лоест. Иствуд се венчал со Меги Џонсон на 19 декември, 1953. година, шест месеци откако излегле на состанок на слепо. Додека биле разделени, тој имал афера со танчерката Роксана Тунис, која му го родила првото дете, Кимбер Тунис (17 јуни, 1964. година); Иствуд јавно не го признавал тоа се’ до 1996. година. По смирувањето со Џонсон, во неговиот живот дошле уште две деца: Кајл Иствуд (19 мај, 1968. година) и Алисон Иствуд (22 мај, 1972. година). Иствуд поднел барање за развод во 1979. година, по уште една долга разделба, но бракоразводниот договор вреден 25 милиони долари не бил финализиран се’ до мај, 1984. година.
Иствуд започнал врска со глумицата Сондра Лок во 1975. година. Живееле заедно 14 години, и покрај фактот што Лок била венчана (само по име) со нејзиниот хомосексуален сопруг, Гордон Андерсон. Лок доживеала два абортуси и женска стерилизација во првите четири години од врската. Парот заедно се појавил во шест филмови: The Outlaw Josey Wales, The Gauntlet, Every Which Way but Loose, Bronco Billy, Any Which Way You Can, и Sudden Impact. На 10 април, 1989. година, додека Лок го режирала филмот Impulse, Иствуд ги сменил бравите во нивниот дом во Бел Ер, отстранил многу од нејзините работи и ги складирал. Лок поднела барање за поделба на имотот, а го тужела и за измама, поради лажен договор за режирање што Иствуд го подготвил претходно за неа. Двајцата конечно го решиле проблемот по приватен пат во 1999. година. Нејзината автобиографија, The Good, the Bad, and the Very Ugly, открила вознемирувачки детали за тоа како Иствуд се однесувал кон неа при процесот на разделбата.
Во последните четири години живеење со Лок, Иствуд имал непостојана и тајна афера со стјуардесата Џоселин Ривс. Според биографите, двајцата се сретнале во крчма во Кармел, а резултат на сето тоа бил и синот Скот Ривс (21 март, 1986. година), зачнат на премиерата на филмот Pale Rider. Имале и ќерка, Кетрин Ривс (2 февруари, 1988. година). Иако уште од 1997. година биле спомнувани како деца на Иствуд, тој јавно не ги претставил се’ до 2002. година. Кетрин се појавила како мис Златен глобус на церемонијата во 2005. година, и на својот татко му ја доделила наградата за филмот Million Dollar Baby.
Во 1990. година, Иствуд започнал да живее со глумицата Франсис Фишер, со која се сретнал при снимањето на филмот Pink Cadillac. Двајцата глумеле во Unforgiven, а добиле и ќерка, Франческа Иствуд (7 август, 1993. година). Врската завршила на почетокот од 1995. година, но парот го продолжил пријателскиот контакт и подоцна се појавил во филмот True Crime.
Подоцна, Иствуд почнал да се состанува со Дина Руиз, презентерка на ТВ вести, 35 години помлада од него, со која првпат се запознал додека таа го интервјуирала во 1993. година. Се венчале на 31 март, 1996. година, кога Иствуд и’ приредил изненадна и приватна церемонија во еден дом на голфската патека Шадоу Крик во Лас Вегас. По свадбата, Дина изјавила дека е трогната од фактот што е само втората сопруга на Иствуд. Брачниот пар добил и ќерка, Морган Иствуд (12 декември, 1996. година).
Слободно време
[уреди | уреди извор]Иако во некои од филмовите пуши, Иствуд е доживотен непушач, и е свесен за здравјето и физичката состојба уште од своите тинејџерски денови. Поради тоа, отсекогаш практикувал здрава исхрана и трансцендентална медитација. Во 1971. година ја отворил старата крчма (со англиска тематика) Hog's Breath Inn во Кармел-бај-д-Си. По некое време ја продал крчмата, а сега е во сопственост на хотелот и ресторан Mission Ranch, што се наоѓа исто така во Кармел-бај-д-си.
Иствуд го сака голфот и го поседува клубот Техама. Истовремено и инвестира во светки познатите терени за голф, Пебл Бич Голф Линкс, и секоја година учествува во големите натпреварувања, за добротворни цели. Како лиценциран пилот, Иствуд често патува со хеликоптер до студијата, со цел да го избегне згуснатиот сообраќај.
Музика
[уреди | уреди извор]Иствуд отсекогаш бил страствен љубител на музиката. Најмногу сака џез (особено бебоп). блуз, класична музика, но и кантри и вестерн музика. Самиот тој е пијанист и композитор. Џезот играл важна улога во неговиот живот уште од рана возраст, и иако никогаш не успеал како професионален музичар, страста му ја пренел и на неговиот син Кајл Иствуд, успешен џез басист и композитор. Уште од млади години, Иствуд бил буги-вуги пијанист, и првично планирал да започне музичка кариера, па затоа по средното училиште решил да студира музичка теорија. При крајот на 1959. година, го издал албумот Cowboy Favorites.
Иствуд започнал активна соработка со музичкото студио Warner Bros. Records, преку договорот склучен со Warner Brothers, и токму тоа студио ја има издадено музиката за сите негови филмови, почнувајќи од The Bridges of Madison County. Заедно со Линда Томпсон и Керол Бајер Сагер, Иствуд ја напишал песната Why Should I Care, изведена од Диана Крол. Ја композирал и музиката за филмовите Mystic River, Million Dollar Baby, Flags of Our Fathers, Grace Is Gone, Changeling, Hereafter, J. Edgar, и оригиналните пијано-композиции за In the Line of Fire. Тој бил задолжен и за песната со која завршува филмот Gran Torino. Музиката од Grace Is Gone била двапати номинирана за златен глобус на 65-тото издание на наградите Златен глобус. Иствуд бил номиниран за најдобра оригинална музика, додека песната Grace is Gone со негова музика и текст од Керол Бајер Сагер била номинирана за најдобра песна. Песната ја освоила наградата за најдобра песна на 12-тите Сателитски награди. Филмот Changeling бил номиниран за најдобра музика на 14-тите критички награди, најдобра оригинална музика на 66. доделување на наградите Златен глобус, и најдобра музика на 35. Сатурн награди. На 22 септември, 2007. година, на џез фестивалот во Монтереј (во кој е активен член на жирито), на Иствуд му била доделена почесната титула „Доктор по музички уметности“ од страна на музичкиот колеџ Беркли. Откако ја добил наградата, тој одржал говор во кој изјавил дека таквата чест ќе ја „негува“ до крајот на животот.
Награди и почести
[уреди | уреди извор]Иствуд добил многубројни награди и номинации за неговиот придонес во филмовите, телевизијата и музиката. Најмногу признанија добил за филмовите, за кои има освоено оскари, златни глобуси, а честопати бил и главен избор на гласачите. Тој е еден од само двајцата глумци кои двапати биле номинирани за најдобар глумец и најдобар режисер на ист филм (Unforgiven и Million Dollar Baby). Другиот е Ворен Бејти (Heaven Can Wait и Reds). Покрај Бејти, Роберт Редфорд, Ричард Атенборо, Кевин Костнер и Мел Гибсон, тој е еден од ретките режисери кои добиле оскар за режирање, а се попознати како глумци. На 27 февруари, 2005. година, се вброил меѓу тројцата живи режисери (покрај Милош Форман и Францис Форд Копола) кои снимиле два освојувачи на оскар за најдобар филм. На 74 години станал и најстариот освојувач на оскар за најдобар режисер. Бил режисер на пет глумци кои освоиле оскари за своите изведби: Џин Хекман во Unforgiven, Тим Робинс и Шон пен во Mystic River, и Морган Фриман и Хилари Свонк во Million Dollar Baby.
На 22 август, 1984. година, Иствуд бил повикан на церемонија на кинескиот театар на Грауман, да остави отпечаток од дланката и стапалото на цемент. Исто така ја добил наградата за доживотно достигнување од американскиот филмски институт во 1996. година, а во 2009. година добил и почесно признание од нив. На 6 декември, 2006. година, гувернерот на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, и првата дама Марија Шривер, го внеле Иствуд во калифорниската куќа на славните, сместена во калифорнискиот музеј на историја, жени и уметност. На почетокот од 2007. година, Иствуд од Франција го добил највисокото цивилно одликување, Легијата на честа, на церемонија во Париз. Францускиот претседател Жак Ширак му кажал на Иствуд дека во него го носел само „најдоброто од Холивуд“. Во октомври, 2009. година, ја добил и наградата Лимиер (во чест на браќата Лимиер, основачите на кинематографијата), за време на првото издание на фестивалот Лимиер во Лион, Франција. Со таа награда се признавала целата негова филмска кариера и големиот придонес во седмата уметност. Во февруари, 2010. година, претседателот на САД, Барак Обама, му доделил награда на Иствуд за уметност и хуманост. Обама ги опишал филмовите на Иствуд како „есеи за индивидуалноста, суровите вистини и основата на она што значи да се биде Американец. "
Иствуд исто така добил барем три почесни признанија од универзитети и колеџи, како почесното признание од Тихоокеанскиот универзитет во 2006. година, признанието почесен доктор за хумани писма од универзитетот во Јужна Калифорнија на 27 мај, 2007. година, и признанието почесен доктор по музички уметности од музичкиот колеџ Беркли на џез фестивалот во Монтереј, на 22 септември, 2007. година. На 22 јули, 2009. година, на Иствуд му бил доделен Орденот на изгрејсонцето од страна на јапонскиот цар Акихито, поради значителниот придонес во подобрувањето на односите помеѓу Јапонија и САД.
Филмографија
[уреди | уреди извор]Иствуд учествувал во повеќе од 50 филмови во кариерата, како глумец, режисер, продуцент и композитор. Исто така, тој глумел и во неколку телевизиски серии, од кои најзабележителна му е улогата во Rawhide. Претежно глумел во вестерн и акциски филмови, и драми. Со режирање започнал во 1971. година, а како продуцент дебитирал во 1982. година, во филмот Firefox, иако во сите филмови на неговото студио, Malpaso, почнувајќи од Hang 'Em High (1968), тој се појавувал како неофицијален продуцент. Иствуд имал и музичка улога во филмовите, преку свирење или компонирање. Според порталот Box Office Mojo, филмовите во кои глумел Иствуд вкупно собрале над 1,68 милијарда долари само во САД, или просечно по 37 милиони долари од филм.
Филмски улоги
[уреди | уреди извор]- Валканиот Хари (Dirty Harry), 1971
- Силата на магнумот (Magnum Force), 1973
- Бегство од Алкатраз (Escape From Alcatraz), 1979
- Ненадеен удар (Sudden Impact), 1983
- Непростено (Unforgiven), 1992
- Апсолутна моќ (Absolute Power), 1997
Иствуд како режисер
[уреди | уреди извор]- Ненадеен удар (Sudden Impact), 1983
- Непростено (Unforgiven), 1992
- Апсолутна моќ (Absolute Power), 1997
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Сестрите како поддршка на црвениот килим“, Утрински весник, година XVI, број 4754, среда, 8 април 2015, број, стр. 28.