Прејди на содржината

Ијан Торп

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ијан Торп во 2012 г.

Ијан Џејмс Торп (англиски: Ian James Thorpe; р. 13 октомври 1982) — поранешен австралиски пливач кој е специјалист во слободен стил, но се натпреварува и во грбен и мешан стил. Тој има освоено пет златни олимписки медали, најмногу од кој било Австралиец и со три златни и два сребрени медали, беше најуспешен спортист на Олимписките игри во 2000 година. На Светското првенство во 2001 година, тој беше првиот кој освои шест златни медали на едно светско првенство. Торп има освоено вкупно единаесет златни медали од светските првенства - само втор пливач на планетата кој има освоено толку медали. Торп е првиот кој беше избран четири пати за Пливач на годината според Swimming World и беше пливач број еден во Австралија од 1999 г. до 2003 г. Со неговите достигнувања стана најпопуларен пливач во Австралија и беше избран за Најмлад Австралиец на годината во 2000 година.

На 14 години, тој стана најмлад машки натпреварувач кој ја застапувал Австралија и со победата на 400 метри слободно на Светското првенство во Перт во 1998 година стана најмладиот машки натпреварувач на едно светско првенство. По таа победа, Торп доминираше на 400 метри слободно, освојувајќи златен медал во таа дисциплина на сите Олимписки игри, Светски првенства, Комонвелтотски игри и Пантихоокеански првенства сè до паузата по Олимписките игри во 2004 година. Покрај тринаесетте поединечни светски рекорди на педесет метарски базаени, Торп ги предводеше и штафетните тимови до победи во трките на 4 x 100 метри и 4 x 200 метри слободно на Олимписките игри во Сиднеј, кои се вбројуваат во неговите пет штафетни светски рекорди. Победите на 200 м. и 400 м. и бронзата на 100 м. во слободен стил на Олимписките игри во Атина придонесоа да стане единствениот машки натпреварувач кој освоил медали во комбинацијата 100-200-400 м.

По Олимписките игри во Атина, Торп направи една година пауза од пливањето, закажувајќи враќање на Комонвелските игри во 2006 г. Сепак, тој беше принуден да се повлече поради болест. Ги откажа и тренинзите кои следуваа, за да во ноември 2006 г. го најави своето повлекување, изјавувајќи дека нема мотивација за да продолжи.

2011 година започна со шпекулации за негово враќање во пливањето кои беа подгреани од многу луѓе кои го виделе како тренира. Овие шпекулации конечно се потврдија кога Торп закажа прес-конференција на 2 февруари 2011 г., на која зборуваше за неговото враќање во пливањето на Олимписките игри во Лондон, по пауза од пет години.

Торп беше големо бебе, со тежина од 4.1 кг. и должина од 0.59 м. Растеше во предградието на Милпера. Потекнува од спортско семејство - неговиот татко Кен бил надежен играч на крикет во јуниорската лига. Сепак, притисокот од родителите придонел Кен да се оттргне од крикетот и да се повлече на 26 годишна возраст. Неговата мајка пак, Маргарет, играла нетбол во А-дивизијата, но Торп не ја наследил вештината од неговите родители која ја имале со топката. Неговата постара сестра Кристина ја советувале да оди на курс по пливање за да го зајакне скршениот зглоб, па така, пет годишниот Торп одел по стапките на сестра си.

Како мало дете, Торп не смееше да плива бидејќи беше алергичен на хлор. Како резултат на тоа, тој не пливаше сè до првите игри кои беа организирани од страна на училиштето. Алергијата го принуди Торп да плива со главата надвор од водата; но и покрај таа “чудна” техника, тој победи, пред сè заради тоа што беше повисок од другите. Торп се излечи од алергијата, напредна и стана капитен на Нов Јужен Велс на Првенството помеѓу училиштата во Австралија во 1994 г. Потоа освои девет поединечни златни медали на Првенството на кратки базени во Нов Јужен Велс во септември истата година. Во 1995 г. Торп се запиша во средното технолошко училиште East Hill и промени неколку тренери за да плива заедно со сестра му, која тогаш ја подучуваше Даг Фрост. Тоа беше една напорна година за семејството; Кристина беше избрана во тимот на Австралија за Пантихоокеанското првенство во Атланта. На своето прво првенство во Австралија, Ијан беше висок 1.80 см и освои бронза на 200 м. и 400 м. слободно. Тој победи во сите десет дисциплини на Првенството во Нов Јужен Велс.

Национално деби

[уреди | уреди извор]

Торп се натпреваруваше на Австралиското првенство во Бризбејн во 1996 г. и освои пет златни, два сребрени и два бронзени медали. Со времињата на 400 м. слободно и 200 м. грбно се квалификуваше на Австралиското првенство, кои беа пресудни за избор за Олимписките игри во Атланта во 1996 г. Фрост знаеше дека Торп нема шанси да се квалификува во ниту една дисциплина; а доколку успееше, тоа значеше дека ќе учествува на Олимписки игри на само 13 години и 6 месеци. Го испрати Торп на подготовки во Сиднеј, но само за да се здобие со искуство. Како и што се очекуваше, Торп не успеа да се квалификува. Заврши на 23тото место на 400 м. во слободен стил и на 36тото место во грбен стил. На крајот од годината, Торп се квалификува на Австралиското првенство на кратки базени. Тоа претставуваше уште една можност за избор во репрезентацијата, како и учество на Светското првенство на кратки базени во 1997 година. Торп освои второ место во дисциплината 400 м. мешано и успеа да се квалификува на првото национално финале. Сепак, пливаше побавно во финалето и не успеа да се избори за место во репрезентацијата.

На Првенството во Нов Јужен Велс во јануари 1997 г., неговото време од 3 м. 59.43 с. на 400 м. слободно беше за 8 секунди подобро од неговиот личен рекорд и стана првото 14 годишно момче што го препливал тоа растојание за помалку од 4 минути на австралиско тло. Според тоа, беше рангиран на четвртото место на државно ниво и пливаше на Австралиското првенство во Аделаида како сериозен кандидат за избор во репрезентацијата за Пантихоокеанското првенство во Фукуока во 1997 г. Заврши меѓу првите тројца и со време доволно за квалификација, Торп се фокусираше на трката на 400 м. слободно бидејќи светските рекордери Кирен Перкинс и Даниел Ковалски, кои имаа освоено олимписки медали во оваа дисциплина, беа повредени. Торп освои бронзен медал а бронзен медал освои и 16 годишникот од Квинсленд - Грент Хакет, кој постави личен рекорд од 3 м. 53.44 с. Времето на Хакет претставуваше светски рекорд во таа дисциплина до 16 години, а трката беше само една од многуте битки помеѓу двајцата.

На 14 години и 5 месеци, Торп стана најмладиот пливач што некогаш бил избран да плива во австралискиот тим, соборувајќи го рекордот на Џон Конрадс за само 1 месец. Фрост изјави дека со тоа што Торп влезе во тимот, само повеќе го поттикна да се фокусира кон слободниот стил. Тој продолжи да плива во одлична форма и на Австралиското првенство. Се натпреваруваше во сите дванаесет дисциплини и освои десет златни и два бронзени медали. Постави шест рекорди на Австралија.

Почеток на меѓународна кариера

[уреди | уреди извор]

Меѓународно деби

[уреди | уреди извор]

Во јуни 1997 г., два месеца пред Пантихоокеанското првенство, Торп направи операција на слепото црево и не тренираше два месеца. Пред да замине во Јапонија, Торп го освои четвртото место на елиминаторниот натпревар на 200 м. слободно со нов личен рекорд - 1 м. 51.46 с. Неговото време не беше доволно за влез во финалето, но се избори за место во штафетниот тим на 4 x 200 м. слободно. Заедно со Мајкл Клим, Ијан ван дер Вал и Хакет, Торп стигна до сребрениот медал и стана најмладиот пливач кој освоил медал на Пантихоокеанско првенство. На неговото прво поединечно финале на 400 м. на меѓународна сцена, Торп беше петти на контролата на 300 метри, но се бореше за да на крај стигне до второто место со време од 3 м. 49.64 с., веднаш зад Хакет. Завршниот спринт му стана заштитен знак, а времето од 3 м. 49.64 с. би било доволно за освојување на сребрен медал на Олимписките игри во Атланта. Во октомври 1997 г., неколку дена пред неговиот петнаесетти роденден, Торп учествуваше на квалификационите нетпревари во Бризбејн за Светското првенство во Перт во 1998 г. Торп се избори за место во тимот завршувајќи четврти на 200 м. и втор на 400 м. слободен стил. Постави лични рекорди и во двете дисциплини.

Светско акватичко првенство во 1998 г.

[уреди | уреди извор]

Првото појавување на Торп на меѓународна сцена беше на домашен терен, на Светското акватичко првенство во Перт во 1998 г и тоа во штафетната трка на 4 x 200 м. слободно. Пливајќи трет, по Клим и Хакет, Торп му избега на олимпискиот шампион Том Молхоу и постави време од 1 м. 47.67 с. на 200 м. пеперутка, исто како онаа победничкото на Клим во финалето на 200 м. Кога заврши спринтот на Торп, Австралијците беа две секунди пред светскиот рекорд и три секунди пред Американците, предност која беше зголемена за две должини на телото. Иако Ковалски не го собори светскиот рекорд, Австралија победи првпат во оваа дисциплина на едно светско првенство по 1956 г. Торп се искачи на четвртото место на светската ранг-листа пред финалето на 400 м., во кое Хакет водеше на почетокот. Хакет создаде предност од 2.29 с. пред Торп на контролата на 300 м. и иако Торп ја намали разликата на 1.53 с. на 350 м., Хакет водеше сè додека Торп не го премина со последниот замав. Времето што го постигна Торп беше четврто во историјата и стана најмладиот машки пливач кој некогаш станал светски шампион.

Како резултат на вниманието посветено од медиумите како и резултат на неговата победа на домашен терен, Торп доби многу понуди за снимање на реклами и често беше следен од фотографи. Тој стана поддржувач на Институтот за деца заболени од рак откако на вереникот на неговата сестра му беше дијагностицирано рак.

Комонвелтски игри во 1998 г.

[уреди | уреди извор]

Следното натпреварување на кое Торп учествуваше беше во март на Австралиското првенство во Мелбурн, кое воедно претставуваше и квалификационен натпревар за Комонвелтските игри во 1998 г. во Малезија. Торп продолжи да напредува и го победи Клим на 200 м. слободно со време од 1 м. 47.24 с., време подобро од она што му донесе победа на Клим на Светското првенство два месеца порано. Неговото време беше рекорд на Комонвелтот и со него си ја обезбеди првата национална титула. Торп ја презеде титулата од Хакет и на 400 м. слободно. Постигнатото време му донесе сребро во неговата прва трка на национално ниво на 100 м. по што беше избран за Комонвелтските игри во три поединечни дисциплини.

Торп беше во добра форма и кога пристигна во Куала Лумпур во септември за Комонвелтските игри. Првиот негов настап беше на 200 м. слободно и постигна нов рекорд, време подобро за една стотинка од рекордот на Џорџо Ламберти. Потоа, заедно со Клим, Ковалски и Мет Дан, во трката на 4 x 200 м. слободно го освоија златото, поставувајќи нов рекорд, подобар за 0.09 с. од тимот на САД. Торп ја заврши трката на 100 м. слободно со личен рекорд од 50.21 с., време доволно само за четврто место, но победи на штафетната трка на 4 x 100 м. слободно. Го освои четвртото злато на 400 м. слободно и постави уште еден личен рекорд, само 0.55 с. послабо од времето на Кирен Прекинс од 1994 година.

Торп се отпиша од училиште кога наполни 15 години. Неговата одлука предизвика загриженост бидејќи не беше во ред да се фокусира само на пливањето. Тоа би предизвикало исцрпеност. Торп не се согласуваше и велеше дека “Пливањето е само мал дел од мојот живот”. Неговото влијание во пливачката заедница беше признато кога стана најмладиот машки пливач кој ја добил титулата Светски пливач на годината.

Период на рушење на светски рекорди

[уреди | уреди извор]

1999 година започна со големи очекувања од страна на медиумите дека Торп сигурно ќе го сруши рекордот и на 200 м. и на 400 м. слободно, со оглед на неговиот брз раст. Првата можност се појави кон крајот на март на Австралиското првенство во Бризбејн во 1999 г., можност која се удвои - во избор за учество на Пантихоокеанското првенство во 1999 г. Торп повторно победи на 400 м., но рекордот на Перкинс беше недостижен, овој пат за 0.05с. На 200 м., Хакет ја заврте ситуацијата во своја корист, го премина Торп во последите 50 м. и му ја одзеде титулата. Иако и двајцата не беа ниту близу до рекордот на Ламберти, Хакет продолжи наредната вечер со надеж дека ќе го сруши рекордот во штафетната трка. Торп се подобри на 100 м. слободно и постигна време од 49.98с., неговото прво време под 50 с. Потоа, тимот замина во Хонгконг на Светското акватичко првенство на кратки базени во 1999 г., каде Торп го сруши рекордот на Ламбрети на 200 м. слободно, рекорд кој најдолго останал несоборен. Сепак, Хакет го победи на 400 м. Ова беше почетокот на три годишниот период во кој Торп постави тринаесет светски рекорди во поединечно натпреварување во педесет метарски базени. Го предводеше машкиот штафетен тим како никој друг порано, остварувајќи историски победи над Американците. Торп се искачи на врвот во 2001 г. кога стана првиот кој освоил шест медали на едно светско првенство, поставувајќи три светски рекорди и искачувајќи ја Австралија на врвот на табелата на освоени медали на едно светско натпреварување, за првпат по 1956 г. Во тој период, беше трипати избран за Пливач на годината според Swimming World.

Пантихоокеанско првенство во 1999 г.

[уреди | уреди извор]

Пантихоокеанското првенство се одржа во август 1999 г. во Олимпискиот Парк во Сиднеј, настан на кој се гледаше како проба за Олимписките игри во 2000 г. кои требаше да се одржат на истото место. Бидејќи сите очекуваа Торп да сруши светски рекорди на неговто прво интернационално натпреварување во Сиднеј, настанот, за првпат беше пренесуван во живо на Австралиската телевизија. На отворањето, Торп ги одмери силите со Хакет и Јужноафриканецот Рик Нитлинг во финалето на 400 м. слободно. Тројката на 200 м. пливаше изедначено, во исто темпо со светскиот рекорд, а потоа Торп се одвои, и беше 1.86 с. пред светскиот рекорд на контролата на 300 м. Тој го зголеми водството за четири должини од телото на контролата на 350 м. и заврши со време од 3 м. 41.83 с, време подобро од светскиот рекорд за 2 секунди. Талбот реагираше на пливањето на Торп и изјави - “Тој е најдобриот пливач што ние (Австарилјците) некогаш сме го имале”, додека пак американскиот четирикратен олимписки шампион Рауди Гејнс, коментирајќи за NBC‏‎, изјави: “...тој се впушти во еден неверојатен спринт - и не сум видел ништо слично на тоа... Веќе долго време сум опкружен со пливање, но тоа е највозбудливото пливање што некогаш сум го видел, му симнувам капа.” Подоцна, Торп ги предводеше Австралијците до историска победа во финалето на траката на 4 x 100 м. слободно, кога за првпат Американците загубија во оваа трка. Торп постави австралиски рекорд на трката во својот спринт, со време од 48.55 с. Тоа беше една од трките во која Торп ќе го предводи австралискиот штафетен тим во победи над Американците, со спринтови секогаш побрзи од неговите поединечни рекорди. Следниот ден, во полуфиналето на 200 м., Торп го сруши светскиот рекорд на Хакет за 0.33 с., за да ја заврши трката со време од 1м. 46.00 с. Учеството на Првенството го заврши со победа во трката на 4 x 200 м. слободно, штафета составена од Торп, Клим, Хакет и Кирби. Нивното време го скрати светскиот рекорд за 3 секунди, а тоа беше четврти срушен светски рекорд од страна на Торп за четири дена.

Веднаш по Пантихоокеанското првенство, менаџерот на Торп изјави дека тој потпишал договор со Адидас со шестоцифрена сум која не беше откриена во јавноста, велејќи дека ќе се натпреварува со нивните костими. Ова создаде дилема бидејќи репрезентацијата го спонзорираше Спидо, дилема која создаде дискусии и несигурност и која траеше со месеци. Како надополнување на неговите рекламни тешкотии, Торп имаше несигурен крја на таа спортска година кога во октомври, скрши коска на глуждот додека џогираше. Сепак, неговиот перформанс беше награден кога повторно беше избран за Светски пливач на годината како и за Пливач на годината во Австралија. Тој беше избран и за Млад Австралиец на годината, Спортска ѕвезда на годината според ABC и Машки натпреварувач на годината на доделувањата на спортските награди во Австралија.

Подготовка за Олимписките игри во 2000 г.

[уреди | уреди извор]

Торп ја започна 2000 г. со надеж дека ќе настапува во три поединечни дисциплини на престојните Олимписки игри. Тој разгледа повеќе комбинации и почна да се натпреварува на 1.500 м. слободно на Првенството во Нов Јужен Велс. Победи и во таа дисциплина. Започна турнеја низ Европа со цел да ги усоврши своите натпреварувачки вештини, но сето тоа беше засенето од коментарите не германскиот тренер Манфред Тисман дека Торп конзумирал стероиди. Кога се врати од Европа, Торп повторно се соочи со проблеми сè додека не доби дозвола да носи костими на Адидас наместо оние на Спидо кои ги носеа сите натпреварувачи од Австралија.

Бидејќи успеа да ги надмине сите непријатности, Торп продолжи безгрижно да плива и да се натпреварува на квалификациите за Олимписките игри. Повторно го сруши светскиот рекорд на 400 м. и тоа уште не првиот квалификационен ден. Сега рекордот беше 3 м. 41.33 с. и се избори за место на Олимписките игри за првпат. Наредниот ден пак, го скрати рекордот на 200 м. на 1 м. 45.69 с. во полуфиналната трка, а во финалето на 1 м. 45.51 с. Неговиот обид да обезбеди уште едно место на Олимписките игри беше неуспешен бидејќи ја заврши трката на 100 м. слободно на четвртото место и се повлече од трката на 1.500 м.

Летни олимписки игри во 2000 г.

[уреди | уреди извор]

Уште на самиот почеток на Олимписките игри, Австралијците очекуваа дека Торп ќе им донесе повеќе светски рекорди како и златни медали. Daily Telegraph на насловната страна објави статија со наслов - Непобедлив. Утрото пред натпреварот, Торп постави нов олимписки рекорд на 400 м. До финалето кое требаше да се одржи вечерта, притисокот се зголеми уште повеќе - домаќините сè уште го чекаа својот прв златен медал. Торп водеше во текот на целата трка и иако Италијанецот Масимилијано Росолино беше само еден метар зад Торп на контролата на 300 м., сепак Торп, со неговиот препознатлив завршен спринт ја зголеми разликата трипати. Пак постави нов светски рекорд - 3 м. 40.59 с. Италијанскиот Национален Олимписки Комитет направи тестови пред Олимписките игри на кои се покажа дека Росолино имал зголемено ниво на хормони. Бидејќи му беше одземен сребрениот медал, разликата помеѓу Торп и сега второпласираниот Клит Келер беше петнаесет метри.

Вечерта, Торп ја предводеше штафетата 4 x 100 м. слободно, во која учество зедоа и Клим, Крис Фидлер и Ешли Калус, дисциплина во која Американците никогаш не загубиле на една Олимпијада. На 300 м., Австралија имаше предност пред Америка колку должината на една рака. Торп пливаше подобро од Гери Хал Џуниор и ја зголеми предноста колку за должина на едно тело. Бидејќи Хал беше извонреден спринтер, го презеде водството пред последното свртување, но Торп, со неговиот добро познат спринт, го престигна на неколку метри пред крајот, предизвикувајќи неизмерна радост помеѓу симпатизерите во публиката. Победата предизвика необичен начин на прославување кај Торп, кој веднаш по завршувањето на трката, скокна од базенот и почна да вреска и да ги гушка своите пресреќни колеги. Тој дури почна да се преправа дека свири гитара за да се подбива со Хал, кој пред трката изјави дека Американците ќе ги “скршат” Австралијците како гитари.

Наредното утро Торп го сруши олимпискиот рекорд на 200 м. слободно, и неговиот најголем соперник - Питер ван ден Хогенбанд од Холандија го призна поразот. Сепак, ван ден Хогенбанд се покажа во полуфиналето и го скрати сопствениот рекорд за повеќе од една секунда, а воедно постави и нов светски рекорд - 1 м. 45.35 с. Торп беше втор, со нов личен рекорд од 1 м. 45.37 с. и беше под огромен притисок, бидејќи сите очекуваа да го освои и овој златен медал, по двете злата од претходниот ден. Ван ден Хогенбанд ја започна трката со брзо темпо а Торп го бркаше. На контролата на 100 м., беше само 0.04 с. зад Хогенбанд. На 150 м. и двајцата се свртеа со идентично време. Бидејќи започнаа со побрзо темпо од вообичаено, Торп се измори и Хогенбанд го освои златниот медал со време идентично на рекордот. Домашната публика остана занемена. Торп ја заврши трката со време од 1 м. 46.83 с., првпат да плива побавно во финалето од полуфиналето. Сепак, Торп успеа наредниот ден пак да стигне до победа во трката на 4 x 200 м. слободно, поставувајќи водство од 10 метри во првата смена. Тој, заедно со Клим, Кирби и Тод Пирсон пливаа побавно од сопствениот светски рекорд (7 м. 07.05 с.) и со водство од 5 секунди, ги победија Американците - најголемите победници на Олимписките игри во оваа дисциплина веќе половина век. Торп го заврши своето учество на Игрите со трката 4 x 100 м. мешано. Завршија на второто место, зад САД. Торп, како натпреварувач со најмногу освоени златни медали, беше избран од Австралискиот Олимписки Комитет да го носи знамето на затворањето како одликување за неговиот постигнат успех. Со три златни и два сребрени медали, Торп беше најуспешниот натпреварувач на Олимписките игри. На крајот од годината, тој пак беше избран за Пливач на годината од страна на Swimming Australia, но спред магазинот Swimming World, Хогенбанд го симна од престолот за најдобар машки пливач во светот.

Светско акватичко првентство во 2001 г.

[уреди | уреди извор]

На Светското првенство кое се одржуваше во март во Хобарт, Торп додаде уште една дисциплина на неговиот репертоар - 800 м. слободно, а воедно, истата дисциплина ја воведе и ФИНА во програмата за првпат на ова првенство. Торп успешно го започна првенството, со освојување злато на 400 м. слободно, но пливаше побавно за 0.17 с. од светскиот рекорд. Следниот ден, на трката на 800 м., Торп се издвои од Хакет во последните 100 м. и го собори светскиот рекорд на Кирен Перкинс од 1994 г. за 4 секунди. Ја освои својата трета титула со скратување на рекордот на Хогенбанд на 200 за 0.66 с. (1 м. 44.69 с.) и стана третиот пливач, по Џон Конрадс и Тим Шо, кој држи рекорди на три дисциплини. Со победата на 100 м. слободно, стана првиот, по Конрадс од 1959 г., кој ги држи сите австралиски рекорди во слободен стил, од 100 м. до 800 м. Тоа претставуваше поттик да плива побрзо на Првенството во Фукуока за да се врати на престолот, како најдобар пливач во светот, престолот кој му го украде Хогенбанд.

Го започна Првенството со трката на 400 м., трка во која се чинеше дека Торп штеди енергија кога ја допре контролата на 200 м. бидејќи беше 2 секунди зад сопствениот рекорд. Но, го започна својот препознатлив спринт и успеа да го скрати рекордот за 0.42 с. Во трката на 4 x 100 м. пливаше последен по извршените смени на Клим, Калус и Пирсон. Тој заостануваше во првата половина на трката, но потоа почна да плива побрзо и го укреде златото од Американците со неговиот најбрз спринт досега од 47.87 с. Во финалето на 800 м. го засени Хакет, наметнувајќи водство од една должина на телото. Победи и го скрати рекордот за 2 секунди. Во реваншот со Хогенбанд на 200 м. слободно, Торп пливаше со една стратегија сосема различна од онаа на Олимписките игри; овој пат го оставо Холанѓанецот да води во првите 100 метри. Торп засили дури на 150 м. и потоа се оддели и ја заврши трката со предност од две должини на телото. Пак го намали времето на рекордот, сега на 1 м. 44.06 с. Победничкиот јуриш беше прекинат со трката на 100 м. слободно, кога неговиот личен рекорд од 48.81 с. го смести само на четвртото место, но се врати во форма со трката на 4 x 200 м. слободно. Тој, заедно со Клим, Хакет и Кирби, го намалија рекордот за повеќе од 2 секунди и ги оставија Италијанците 6 секунди зад нив. Бидејќи сега тој беше пливач борј 1 на 100 метри во Австралија, титула која ја презеде од Килм, му беше доделено капитенското место во трката на 4 x 100 м. мешано. Откако Мет Велш, Реган Харисон и Џеф Хјугил ги испливаа своите 100 метри, Торп беше едно тело зад светскиот рекорд на шампионот Ентони Ирвин од САД. Сите очекуваа дека Американците ќе победат бидејќи Торп ја започна трката со за него карактеристичен бавен старт. Победата на САД изгледаше неизбежна, но Торп не се предаваше, забрза и го претекна Ирвин во последните 5 метри. Со оваа победа, Торп стана единствениот пливач кој освои шест златни медали на едно светско првенство и првиот, по Шо од 1974 г. кој извојувал тројна победа - на 200, 400 и 800 м. Оваа тројна победа беше клучна за водството над САД од 13-9. Исто така, за првпат по Олимписките игри во 1956 г., Австралија се искачи на врвот на табелата со најмногу освоени златни медали на еден светски собир. Успесите на Торп поттикнаа шпекулации дека тој ќе се израмни со Марк Шпиц кој освои 7 златни медали на Олимписките игри во 1972 година.

Комонвелтски игри и Пантихоокеанско првенство во 2002 г.

[уреди | уреди извор]

Торп ја започна 2002 г. со учество на Австралиското првенство во Бризбејн во март, првенство кое всушност претставуваше квалификации за Комонвелтските игри во Манчестер и за Пантихоокеанското првенство - настани кои требаше да се одржат во 2002 г. По рекордот од освоени шест златни медали во Фукуока, се очекуваше дека тој ќе се израмни со освоените седум златни медали на Шпиц. Неговото време во победата на 400 м. беше второто најбрзо време во историјата. Во трките на 100 м. и 200 м. исплива под времето на рекордот. Тоа беше првпат да не сруши светски рекорд на голем собир по 1999 г. Тој експериментираше со додавање на 100 м. грбно во неговиот репертоар и се покажа успешно - освои сребрен медал.

Тогаш, односите помеѓу Торп и Фрост се заладија. Торп секогаш инсистираше на тоа дека за него, пливањето претставува уживање и можност за подобрување сè со цел да се постават подобри времиња отколку да се сведе само на победа или пораз. Неговото мислење се спротивставуваше со онаа на Фрост, кој имаше поагресивен начин на размислување, а често даваше и многу дрски изјави во јавноста. Торп ја зголеми тежината на горниот дел од телото за 5 кг., на вкупно 105 кг. и стана најтешкиот пливач од врвен калибар во историјата. Според него, зголемената тежина не би требало да претставува никаков проблем за флексибилноста, но сепак неговата состојба создаде многу прашања за дискусија. На првиот ден во Манчестер, Торп пливаше 9 с. побавно од светскиот рекорд на 400 м. Пред финалето на 200 м., Торп и Фрост се расправале во собата за загревање. Торп победи на трката, но беше невообичаено нервозен бидејќи не успеа да го сруши рекордот и изјави дека “имал најлошо загревање досега”. Торп успеа да го подобри својот личен рекорд на 100 м. слободно (48.73 с.) и ги предводеше штафетите на 4 x 200 м. слободно и 4 x 100 м. мешано до победа. Кога освои сребро на неговата прва меѓународна трка на 100 м. грбно со уште еден личен рекорд, но како втор веднаш зад шампионот Мет Велш, повеќе не можеше да се споредува со Шпиц. Го подобри своето пливање и изјави: “Мислам дека да се натпреваруваш против друг е ограничено кога веќе можеш да се натпреваруваш против самиот себе”. И покрај потврдата од Торп дека нема да може да го достигне Шпиц, Фрост изјави дека тој може да освои 9 злата на едни Олимписки игри. Сепак, шесте негови злата беше рекорд еднаков на Сузи О’Нил. Како резултат на тоа, го носеше знамето на затворањето во знак на почит.

За помалку од еден месец, следеше Пантихоокеанското првенство во Јокохама. Медиумите беа насочени повеќе кон односот помеѓу Торп и Фрост отколку на трките. Торп ги започна Игрите со победа над Хакет на 400 м., но пливаше 5 секунди побавно од светскиот рекорд. Потоа, откри дека и двајцата намерно “се чувале” за трката на 4 x 100 м. слободно, која беше ставена на распоредот истата вечер. Стигнаа до златниот медал кога Торп го претекна Џејсон Лезек во последните 50 метри. Потоа, победи и на трката на 200 м. слободно и ја предводеше штафетата на 4 x 200 м. слободно до победа, победа која му го донесе четвртото злато. По квалификациите на 100 м. на кои беше втор, Торп во финалето успеа од четвртото да стигне до првото место, благодарение на неговиот препознатлив спринт. Заврши со време од 48.84 с. Го заврши учеството на првенството со трката на 4 x 100 м. мешано, кога и покрај тоа што постави второ најдобро време од 47.20 с., Австралија беше поразена.

Времето на Мензис

[уреди | уреди извор]

По Пантихоокеанското првенство, Торп изјави дека Фрост повеќе нема да биде негов тренер и дека неговото место ќе го заземе Трејси Мензис, иако претходно немал никакво меѓународно искуство. Тој призна дека постоела напнатост помеѓу него и Фрост но сепак, пријателски се разделиле. Тој изјави и дека разделбата настанала поради недостаток на мотивација, па рече: “Решив дека или треба да направам промена или да се повлечам од спортот”. Пензионираниот Талбот изјави дека Торп изнајдел решение кога бил емоционално исцрпен, додека пак други тренери мислеа дека Мензис нема долго да го тренира. Иако таа година беше исклучително турбулентна, тој сепак беше избран за Светски пливач на годината.

По промената на тренерите, Торп најави дека ќе се фокусира кон подобрување на неговата духовна состојба. Сепак, тој се откажа од трката на 800 м. слободно иако беше доминантен во таа дисциплина - светски шампион и рекордер. Во тој период, постигна послаби времиња на 200 м. и на 400 м., па и тој и Мензис беа искритикувани. Критиките продолжија и за време на подготовките за Олимписките игри во 2004 година. По победите во трките на 200 м. и 400 м. во Атина, Торп изјави дека неговите резултати ја оправдаа неговата одлука за промена на тренерот и покрај тоа што поставуваше подобри времиња додека Фрост беше негов тренер.

Светско акватичко првенство во 2003 г.

[уреди | уреди извор]

Првиот најважен тест за врската помеѓу Торп и Мензис се случи на Австралиското првенство кое се одржуваше во Сиднеј, во март 2003 г. Торп не се закани на ниту еден од неговите светски рекорди, а во трките на 200 м. и 400 м. пливаше послабо за повеќе од 2 секунди. И покрај тоа што го победи Хакет и во двете дисциплини и ја задржа титулата “најдобар”, призна дека бил “значително разочаран“ од неговата форма. Кога постигна време како и онаа на Ешли Калус (49.05 с.), The Sydney Morning Herald објави текст во кој Торп беше искритикуван: Атлетската способност на Торп може да се спореди само со трудот на непознатиот Калус. Торп успеа барем малку да се утеши кога постави нов рекорд на Комонвелтот од 2 м. 00.11 с. на 200 м. мешано - петто најдобро време таа година.

На првиот ден од натпреварите на Светското првенство во Барселона, Торп го порази Хакет на 400 м. со време послабо за 2.5 с. од неговиот светски рекорд и стана првиот кој освоил три титули во една дисциплина. По релативно спората трка на 400 м., тој повторно беше под притисок - трката на 200 м. слободно каде во првите 100 метри Хогенбанд пливаше побрзо од светскиот рекорд. Торп успеа да одговори на предизвикот и да ја задржи титулата, а му се врати и самодовербата кога освои медал на 100 м. слободно, првпат на еден светски собир. Беше трет со време од 48.77 с. Во сите три дисциплини во слободен стил, тој пливаше побавно отколку кога Фрост беше негов тренер. Пливаше и во трката на 200 м. мешано, еден експеримент кој се покажа успешен - постави личен рекорд од 1 м. 59.66 с. и стигна до сребрениот медал. Заедно со Хакет, Николас Спренгер и Крег Стивенс ја задржаа титулата на 4 x 200 м. слободно, но Американците ја намалија разликата на само 2 секунди. Тимот беше ослабнат поради отсуството на Мајкл Клим и Торп ја предводеше штафетата 4 x 100 м. слободно само до четвртото место. На крајот од годината, Торп веќе не го гледаа со исти очи и беше рангиран на четвртото место според Swimming World. Повторно беше избран за пливач на годината, но овој пат круната ја делеше со Хакет.

Олимписки игри во 2004 г.

[уреди | уреди извор]

По неговите остварувања на Светското првенство во 2003 г., Спидо создаде голема медиумска врева кога му понуди еден милион долари на Мајкл Фелпс, ако го израмни рекордот на Шпиц од седум златни медали. Торп беше цврсто убеден дека тоа е невозможно и се откажа од седмата дисциплина - 200 м. мешано. Во март 2004 г., на Австралиското првенство кое се одржуваше во Сиднеј, Торп изгуби рамнотежа кога стоеше на постојлето и го чекаше стартот на трката на 400 м. слободно и падна во водата, по што беше дисквалификуван и не успеа да ја одбрани олимписката титула. Но и покрај големиот медиумски притисок, Торп успеа да победи во трките на 100 м. и 200 м. слободно и си обезбеди место на Олимписките игри во Атина. Крег Стивенс, кој го освои второто место на 400 м. беше под голем притисок - да му го отстапи местото на Торп. За услугата, беше добро платен. Сето тоа предизвика реакции и дебати дали одлуката на Стивенс била поткупена и бран критики упатени кон Торп.

Притисокот стана уште понеподнослив кога Фелпс најави дека 200 м. слободно ќе биде дисциплината со која ќе се обиде да го освои осмиот медал. Ова предизвика огромно медиумско внимание и трката на 200 м. слободно помеѓу Торп, ван ден Хогенбанд, Фелпс и Хакет беше наречена Трка на векот. Но Торп се обидуваше да не мисли на таа трка туку да се сконцентрира на онаа на 400 м. слбодно. Се зборуваше дека Торп стравува од Хакет. Тој ја започна трката со бавно темпо и на котролата од 100 м. беше 1 секунда зад светскиот рекорд. На контролата на 350 м. имаше предност од една должина на телото. Хакет цело време му дишеше во врат но не успеа да го претекне. Освои златен медал но не го сруши светскиот рекорд. Победата ја прослави со неколку пролеани солзи и изјави дека сета таа врева околу трката си го направи своето, но одрече дека заплакал.

Трката на 200 м. слободно беше највозбудливата трка. Започна со наметнување на брзо темпо од страна на Хогенбанд, кој на контролата од 100 м. имаше време подобро од светскиот рекорд за 1 секунда. Торп успеа постепено да ја намали разликата и да дојде во водство во последните 50 метри и да победи во трката која привлече најмногу внимание. Постави и нов олимписки рекорд - 1 м. 44.71 с. Постигнувајќи го она што не успеа да го направи четири години порано, го натера да реагира емоционално - веднаш ја извади капата од главата, плесна во водата и почна да вреска. Наредниот ден следуваше трката 4 x 200 м. слободно. Торп беше последен на смена, а Хакет, Клим и Спренгер пливаа 1.48 с. зад Американците. Торп постепено ја намалуваше разликата, но не успеа да го претекне Келер во последните 50 метра и САД победија со 0.13 с. предност. Во трката на 100 м. слободно успеа од шестото да стигне до третото место и да освои бронзен медал со личен рекорд од 48.56 с. и стана единствениот во историјата на Олимписките игри кој освоил медал на 100 м., 200 м. и 400 м. По Олимписките игри во Атина, Торп се повлече од натпреварувањата и го прескокна Светското првенство во Монтреал во 2005 година.

2006 г.: Обид за враќање

[уреди | уреди извор]

Торп се врати во базените на Првенството во Нов Јужен Велс во декември 2005 година. Пливаше во трката на 200 м. слободно и изјави дека планира да се повлече по Олимписките игри во Пекинг 2008 г.. Тој изјави дека, поради тоа што сакал да се докаже на 100 м. слободно, морал да се откаже од неговата омилена дисциплина - 400 м. слободно. Алан Томпсон, тренер на австралиската репрезентација го преколнуваше да продолжи да се натпреварува во таа дисциплина, но тој не го послуша. Во февруари, Торп успеа да се избори за место на Комонвелтските игри во 2006 г. преку победи во трките на 100 м. и 200 м. слободно, со време од 49.44 на 100 м. и 1 м. 46.42 с. на 200 м. Изјави дека е разочаран од резултатите бидејќи не вежбал доволно и ја потценил новата техника на вежбање.

Набрзо потоа, Торп најави повлекување од Комонвелтските игри заради болест (бронхитис). Потоа пак, ја скрши раката и во јули се пресели во САД за да тренира со Дејв Сало. По враќањето во Австралија, Торп се повлече од квалификациите за Светското првенство во 2007 г. и го објави своето повлекување на 21 ноември 2006 година. Торп изјави дека веќе извесно време размислувал да се повлече, но се плашел од иднината бидејќи пливањето за него претставувало еден вид на сигурност. И покрај тоа што беше во добра форма, сепак конечната одлука беше неизбежна, и со солзи во очите, рече: Како што успеав да се вратам во форма физички - така успеав и психички.

2011 г.: Обид за квалификации на ЛОИ 2012

[уреди | уреди извор]

На 1 февруари 2011 г., Ијан Торп најави дека ќе се обиде да се квалификува на ОИ во Лондон 2012 г. Најмногу внимание посвети на трките на 100 м. и 200 м. слободно и изјави дека цврсто верува дека ќе придонесе многу за австралискиот тим. Одлучи да не се натпреварува во трката на 400 м. слободно бидејќи немал доволно време за подготовки. Неговото враќање претставува обновување на неговото соперништво со Фелпс.

Успехот на Торп се должи на неговата работна етика, ментална цврстина, силен замав, можноста за забрзување и физиологија која совршено се вклопува во пливањето. Според овие одлики, поранешниот австралиски тренер, Дон Талбот, го нарече најдобриот пливач на сите времиња. Swimming World објави еден текст во кој ги опиша техниките на Торп како “извонредни” и “супериорни”, но Талбот не се согласува со тоа во никој случај. Тој вели дека Торп премногу зависи од ударот на рацете. Тој ја нагласи способноста на Торп за брзо закрепнување. Торп беше познат по неговиот заштитен знак, завршниот спринт со кој се одделуваше од соперниците, делотворна тактика која речиси секогаш му носеше победа.

По неговото повлекување, тренерот на САД - Боб Бауман, кој беше ментор и на Мајкл Фелпс рече дека Торп е “најдобриот пливач на платената...најдобриот штафетен пливач што некогаш сум го видел”. Претседателот на Австралискиот Олимписки Комитет, Џон Коутс, изјави: “Педесет години подоцна, Австралијците сè уште ќе се восхитуваат на подвизите на Ијан Торп”. Дон Фрејзер, првиот од само двајца пливачи кои биле светски шампиони во една дисциплина трипати, рече дека Торп беше “најдобриот пливач (во слободен стил) во светот” и жали дека нема да направи хет-трик на 400 метри.

Шпекулации за користење на дрога

[уреди | уреди извор]

Успесите на Торп често водеа до заклучоци дека користи забранети средства - стероиди. Во 2007 г., во пресрет на ОИ, тренерот на германскиот тим го обвини Торп за измама. Тој уверуваше дека неговата градба е резултат на користење стероиди и дека способноста за поставување рекорди била потпомогната од користење на дрога. Во 2007 г., францускиот спортски весник L’Equipe објави статија во која се вели дека Торп има многу високо ниво на две недозволени супстанции во крвта. По извршените испитувања од страна на Австралиската Спортска Анти-Допинг Агенција, обвиненијата беа отфрлени бидејќи резултатите од тестовите беа негативни.

Приватен живот

[уреди | уреди извор]

За разлика од многу познати натпреварувачи во Австралија, однесувањето на Торп често се опишува како примерно.

Сексуалност

[уреди | уреди извор]

Како вљубеник во модата, Торп е амбасадор на Армани и има своја линија на накит и долна облека. Поради тоа, почна да се шушка дека можеби е хомосексуалец, а згора на тоа, негови слики можат да се најдат на многу мрежни места направени од хомосексуалци. Во 2002 г., Торп го негираше сето тоа и потврди дека е хетеросексуалец.

Спонзорство

[уреди | уреди извор]

Во текот на неговата кариера, Торп беше еден од најважните и најпознатите спортисти во Австралија. И покрај тоа што се натпреварува во спорт во кој најголемиот дел од меѓународните натпреварувачи имаат месечни примања пониски од границата на сиромаштијата, истражувањата велат дека Торп е високо рангиран на списокот на спонзорски договори, надминувајќи ги фудбалерите кои се натпреваруваат секоја недела на далеку поголеми стадиони.

Торп (лево) со обожаватели во 2000 г.

Вљубеноста во модата и културата се главните причини според кои Торп многу често патува во Њујорк и вели дека тоа е неговиот втор дом. Торп е многу популарен во Азија, особено во Јапонија. Во 2001 г. ТВ Асаи го прогласи за најуспешен натпреварувач на Првенството во 2001 г. во Фукуока.

Филантропија

[уреди | уреди извор]

Неодамна, Торп изјави дека е голем филантроп, и ја основа организацијата Fountain for Youth во 2000 г. Истата собира пари за истражување на болести кај децата и спонзорира училиште во Пекинг за деца без родители со тешкотии во развојот. Но, соработува и со фондацијата The Fred Hollows за подобрување здравствените стандарди и условите за живот во заедниците на Абориџините ширум Австралија.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]