Должина
Должина | |
---|---|
Симболи | l |
SI-единица | метар (м) |
Други единици | види мерка за должина |
Димензија | |
Екстензивна? | yes |
Должина — физичка величина која најчесто се однесува на најдолгата димензија на еден предмет.[1] Како должина се изразува простирањето (протегањето) на нешто од едниот до другиот спротивен крај, обично во хоризонтален правец.[2]
Во извесни случаи, поимот „должина“ е резервиран за извесна димензија на предметот, според која се мери должината. На пример, кога се сече жица велиме дека сме исекле извесна должина, дури и ако таа е помала од нејзината дебелина. Друг случај се транзисторите со ефект на поле (FET), каде каналот може да биде поголем во ширина отколку во должина.
Во поглед на различните мерки за растојание, должината се разликува од висината, која е вертикално растојание, и ширината/дебелината, која е растојанието од една од друга страна на предметот, мерејќи напреку, нормално на должината.
Должината е мерка во една димензија, додека плоштина е мерка во две димензии (должината на квадрат), а волуменот е мерка во три димензии (должината на куб). Во највеќето мерни системи, единицата за должина е фундаментална единица, од која се изведени други единици.
Историја
[уреди | уреди извор]Во човековата историја, мерењето добило на важност со престанокот на номадскиот живот и постојаното населување на извесно подрачје. Така, големо значење добила можноста да се утврди големината на градежните материјали, земјиштето и количините при тргувањето со соседите. Со технолошкиот напредок на општеството, се јавила потреба од сè поточни мерки во сè поразновидни полиња, од микроелектроника па сè меѓупланетарен премер.
Една од најстарите единици во историјата е лактот или „кубит“ (на пр. македонски кубит), растојанието од врвот на прстите до лактот на раката. Оваа единица обично се делела на поситни единици како стапки, шаки, педи, палци и прсти, или се множела за да се добијат единици како чекорот.
По објавувањето на Ајнштајновата теорија на специјалната релативност, должината престанала да се смета за постојана во однос на секое појдовно становиште, туку зависи од релативната брзина на движење на набљудувачот, и како таква е менлива.
Единици
[уреди | уреди извор]Во физичките науки и инженерството се користат единици мерки за должина, каде зборот „должина“ е истозначен со поимот „растојание“. Должината се мери во разни единици: на основа на делови од човечкото тело, растојанија во чекори, растојанија меѓу обележја или места, или пак произволно, според должината на утврден предмет.
Во Меѓународниот систем на мерни единици (SI), основна единица за должина е метарот, која денес се дефинира во однос на брзината на светлината. Мошне застапени се и сантиметарот и километарот, кои се изведени од неа. Кај британскиот и американскиот систем најзастапени единици за должина се инчот, стапката, јардот и милјата.
Единиците со кои се изразуваат растојанија во вселената се многу подолги од оние што се користат на Земјата. Поважни вакви единици се астрономската единица, светлосната година и парсекот.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Princeton.edu
- ↑ „должина“ - Дигитален речник на македонскиот јазик
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Должина Архивирано на 26 април 2012 г. - Математика за сите (македонски)
- Интерактивна вежба: Линеарно мерење на должина Архивирано на 5 март 2016 г. - Математика за сите (македонски)