Прејди на содржината

Дисидент

Од Википедија — слободната енциклопедија

Дисидент, широко дефинирано, е лице кое не се согласува со доминантното мислење, политика или општествено уредување на средината во која живее. Терминот најчесто се употребува за политичките дисиденти, особено за оние што живеат во недемократски режими. Политичките дисиденти обично користат ненасилни средства при својата борба за своето мислење, иако некои дисиденти некогаш се обидуваат и да ја заменат или соборат одредена власт преку здобирање на поддршка од народот или преку поттикнување на бунт или револуција.

Обично, дисидентството се третира како феномен единствено карактеристичен за недемократските, во прв ред, за тоталитарните режими. Сепак, во современи услови на растечка моќ на контрола на мислата преку пропаганда и индоктринација во услови на релативно задоволувачко ниво на демократски структури во дадени земји, дисидентството станува сè покарактеристичен феномен и за демократските земји.

Животот на дисидент често е исклучително фрустрирачки и воопшто не дава надеж дека „на крајот сепак тој ќе има право“. Покрај тоа, тука се санкциите од владејачката структура кои можат да се движат од затворање до лишување од можност за напредување во кариерата и слично, како и презирот што јавното мислење го чувствува кон оној што „не го гледа она што на сите им е кристално јасно“. Она, пак, што на дисидентите им дава сила да издржат, и покрај сите непријатности што ги имаат во животот поради своето дисидентство, е сознанието дека нивна одговорност на интелектуалци е да ја утврдуваат и шират вистината, без разлика дали тоа и' пречи на власта или не, уверувањето дека едноставниот факт да се биде хуман од нив бара да го заземат ставот што го зазеле, или, во времето на Студената војна, кај дел од нив, сознанието дека спротивната страна го цени нивниот став и дека ќе можат да напредуваат таму, откако ќе успеат да преминат на другата страна.

Познати дисиденти од времето на Студената војна во светски рамки се: Андреј Сахаров, Александар Солженицин, Владимир Буковски, Лех Валенса, Вацлав Хавел и други. Во бивша Југославија, најпознат дисидент беше Милован Ѓилас.

Останати светски познати дисиденти се: Нелсон Мандела, Аунг Сан Су Чи и други (кога се мисли на дисиденти што делуваат или делувале во недемократски режими) и Ноам Чомски (како пример на дисидент кој живее во формално демократска земја).

Што се однесува до македонски дисиденти од времето на комунизмот, нивниот број не е голем и со ретки исклучоци не се работи за дисиденти кои радикално не се согласувале со тогашната власт. Помеѓу оние што заслужуваат да бидат спомнати се: Методија Андонов - Ченто, Драган Богдановски, Димитар Димитров, Ѓорѓи Марјановиќ, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлески, Томислав Чокревски и Милан Недков.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]