Де Стајл
Де Стајл (холандски: De Stijl - „Стилот“) или неопластицизам — уметнички правец основан во 1917 година во Лајден. Де Стајл се состоел од уметници и архитекти.[1] Денес во потесна смисла, терминот Де Стајл се користи за означување на делата изработени од 1917 до 1931 година, кои потекнувале од Холандија.[2][3] Застапниците на Де Стајл се залагале за чиста апстракција и универзалност, со намалување на основите на формата и бојата ;односно ги поедноставувале визуелните композиции до вертикални и хоризонтални, користејќи само ги само тоновите црна, бела и примарните бои .
Де Стајл е исто така име на списание кое било објавено од холандскиот сликар, дизајнер, писател и критичар Тео ван Дусбург, кое служело за пропагирање на теориите на таа група. Заедно со него, главни членови на групата биле сликарите Пит Мондријан, Вилмос Хусар, Барт ван дер Лек и архитектите Герит Ритвелд, Роберт ван'т Хоф и Јоханес Питер Оуд . Уметничката филозофија што ја формирала основата за работењето на групата е позната како Неопластицизам - или новата пластична уметност.
Според Тео ван Дусбург во воведот на списанието Де Стајл 1917 бр. 1, движењето „Де Стајл“ претставувало реакција на „Модерниот барок“ на Амстердамската школа ( холандска експресионистичка архитектура ) со списанието Вендинген (1918 г. –1931).
Принципи и влијанија
[уреди | уреди извор]Мондријан ги навел различностите на неопластицизмот во неговиот есеј „Нео-пластицизам во сликовната уметност“. Тој напишал: -„оваа нова пластична идеја ќе ги игнорира особеностите на изгледот, т.е. природната форма и боја. Напротив, таа треба да го најде својот израз во апстракцијата на формата и бојата, со права линија и јасно дефинираната примарна боја “. Со овие ограничувања, неговата уметност дозволува само примарни бои, само квадрати и правоаголници, само прави,хоризонтални или вертикални линии.[4] Движењето Де Стајл го поставило основниот принцип на геометријата на права, квадрат и правоаголник, во комбинација со силна асиметрија; доминантна употреба на чисти примарни бои со црно-бело; и односот помеѓу позитивните и негативните елементи во распоредот на необјективни форми и линии.[5]
„Пластичната визија“ на уметниците на движењето Де Стајл, наречена и нео-пластицизам, претставувала повеќе од менување на изгледот на природните нешта за да ја доведе публиката во интимен контакт со непроменливото јадро на реалноста, реалност која не била толку видлив факт како духовната визија.[6] Општо, Де Стајл предложил крајна едноставност и апстракција, како во архитектурата, така и во сликарството, користејќи само прави хоризонтални и вертикални линии како и правоаголни форми. Понатаму, нивниот формален вокабулар бил ограничен на основните бои, црвена, жолта и сина, заедно со црната, белата и сивата . Нивните дела не се симетрични а естетската рамнотежа е достигната со употребата на опозиција. Овој елемент на движењето го отелотворува второто значење на терминот Де Стајл : „столб, или поддршка“; а ова е најдобро прикажано во дрвените конструкции со т.н зглобови кои влегуваат еден во друг како сложувалка.
Во многу од тридимензионалните дела на групата, вертикалните и хоризонталните линии се поставени како слоеви или рамнини кои не се пресекуваат, со што се овозможува секој елемент да постои независно и да не е попречен од другите елементи. Оваа одлика може да се најде во Rietveld Schröder House и во црвено-синиот стол .
Де Стајл бил под влијание на кубизмот, како и на мистицизмот и идеите за „идеални“ геометриски форми (како што е „совршената права линија“) во неоплатонската филозофија на математичарот Schoenmaekers . Движењето Де Стајл исто така било под влијание на неопозитивизмот .[7] Делата на Де Стајл влијаеле на стилот Баухаус и на меѓународниот стил во архитектурата, како и на облеката и внатрешниот дизајн на ентериер. Сепак, тој не ги следел општите насоки на „-измот“ (како на пример кај кубизамот, футуризамот, надреализамот ), ниту пак се придржувал до принципите на уметничките школи како Баухаус; тој претставувал заеднички односно колективен проект.
Историја
[уреди | уреди извор]Рана историја
[уреди | уреди извор]Од напливот на нови уметнички движења кои го следеле импресионизмот, односно револуционерната нова перцепција за сликарството, кубизмот се појавил во почетокот на XX век како влијателна нова насока. И во Холандија исто така постоел интерес за оваа „нова уметност“.
Меѓутоа, бидејќи Холандија останала неутрална во Првата светска војна, холандските уметници не биле во можност да ја напуштат земјата по 1914 година и на тој начин биле делотворно изолирани од меѓународниот уметнички свет - а особено од Париз, кој тогаш бил нејзин центар.
Во тој период, Тео ван Дусбург започнал да бара други уметници за да основа списание и да започне уметничко движење. Ван Дусбург исто така бил писател, поет и критичар, и всушност бил поуспешен пишувајќи за уметноста отколку да работи како независен уметник.[8] Вешт во воспоставувањето нови контакти поради неговиот енергичен и екстровертен карактер, тој имал многу корисни врски во светот на уметноста.
Основање на Де Стајл
[уреди | уреди извор]Околу 1915 година, Ван Дусбург остварил средба со уметниците кои на крајот станале основачи на списанието. Тој првпат се сретнал со Пит Мондријан на изложба во музејот Stedelijk во Амстердам. Мондријан, кој се преселил во Париз во 1912 година (и таму го сменил името од првичното „Мондријаан“), бил во посета на Холандија кога започнала војната. Тој не можел да се врати во Париз и престојувал во заедницата на уметници во Ларен, каде се сретнал со Барт ван дер Лек а редовно се гледал и со Schoenmaekers. Во 1915 година, била објавена книгата - Het nieuwe wereldbeeld („Новата слика на светот“), а потоа во 1916 година и Begseselen der beeldende wiskunde („Принципи на пластичната математика“). Овие две публикации имале големо влијание врз Мондријан и другите членови на Де Стајл.
По 1920 година
[уреди | уреди извор]Околу 1921 година, карактерот на групата започнал да се менува. Во моментот кога Ван Дусбург бил поврзан со Баухаус, други влијанија започнале да играат улога. Овие влијанија биле главно Малевич и рускиот конструктивизам, нешто за што не се согласиле сите членови. Во 1924 година Мондријан раскинал со групата откако ван Дусбург ја предложил теоријата на елементаризмот, сугерирајќи дека дијагоналната линија е поважна од хоризонталната и вертикалната. Со тоа, групата Де Стајл се здобила со многу нови „членови“. Дадаистичките влијанија, како што се поезијата на И. К. Бонсет и „антифилозофијата“ на Алдо Камини, исто така придонеле за таа полемика. Дури по смртта на Ван Дусбург било откриено дека Бонсет и Камини се два негови псевдоними.
По смртта на Ван Дусбург
[уреди | уреди извор]Тео ван Дусбург починал во Давос, Швајцарија, во 1931 година. Неговата сопруга Нели управувала со неговиот имот.
Поради клучната улога на ван Дусбург во рамките на Де Стајл, групата не преживеала. Поединечните членови останале во контакт, но Де Стајл не можел да постои без силен централен лик. Според ова, можеби е погрешно да се мисли за Де Стајл како за група на повеќе уметници. Членовите се познавале меѓусебно, но повеќето комуникации се одвивале преку писма. На пример, Мондријан и Ритвелд никогаш не се сретнале лично.
Влијание врз архитектурата
[уреди | уреди извор]Влијанието на Де Стајл врз архитектурата се задржало долго по нејзиното основање; Мис ван дер Рое бил меѓу најважните поборници за нејзините идеи. Помеѓу 1923 и 1924 година, Ритвелд ја дизајнирал Rietveld Schröder House, единствениот објект што бил создаден целосно според принципите на Де Стајл. Примери за други дела со влијание од Де Стајл, се оние на Јоханес Питер Оуд, кои може да се најдат во Ротердам ( Cafe de Unie ) и сл. Други примери се од Eames House од Чарлс и Реј Имс и ентериерот за салата за танцување Аубет во Стразбур, дизајнирана од Софи Таубер-Арп, Жан Арп и ван Дусбург.
Неопластицисти
[уреди | уреди извор]-
Тео ван Дусбург
-
Антониј Кок
-
Јоханес Питер Оуд
-
Герит Ритвелд
-
Вилмос Хусар
-
Јан Вилс
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Linduff, David G. Wilkins, Bernard Schultz, Katheryn M. (1994). Art past, art present (2. изд.). Englewood Cliffs, N.J.: Prentice Hall. стр. 523. ISBN 978-0-13-062084-2.
- ↑ „De Stijl“. Tate Glossary. The Tate. Архивирано од изворникот на 2014-05-02. Посетено на 2006-07-31.
- ↑ Curl, James Stevens (2006). A Dictionary of Architecture and Landscape Architecture (Paperback) (Second. изд.). Oxford University Press. ISBN 978-0-19-860678-9.
- ↑ Tate. „Neo-plasticism – Art Term – Tate“.
- ↑ „The Solomon R. Guggenheim Museum-Guggenheim] Collection Online: De Stijl“. Архивирано од изворникот на 2014-04-29.
- ↑ Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
- ↑ Linduff, David G. Wilkins, Bernard Schultz, Katheryn M. (1994). Art past, art present (2. изд.). Englewood Cliffs, N.J.: Prentice Hall. стр. 523. ISBN 978-0-13-062084-2.
- ↑ Theo van Doesburg (1918). Translated by Janet Seligman; Introd. by Hans M. Wingler; Postscript by H.L.C. Jaffé (уред.). Grundbegriffe der Neuen Gestaltenden Kunst (Grondbeginselen der Nieuwe beeldende Kunst [Principles of Neo-Plastic Art]). London, UK, Dutch, English: Lund Humphries (1968). ISBN 978-0853311041.
|
|