Прејди на содржината

Бајазит II

Од Википедија — слободната енциклопедија
   Бајазит II
Отомански султан
Владеење1481–1512
ПериодТериторијално проширување на Отоманското Царство
Роден3 декември 1447
МестоДимотика, Тракија
Починал26 мај 1512
МестоДимотика, Тракија
ПретходникМехмед II
НаследникСелим I
ПридружбаАјше Хатун
СемејствоОтоманска династија
ДинастијаОтоманска династија
ТаткоМехмед II
Валиде султанМјукриме Хатун

Бајазит II бил осмиот султан на Отоманското Царство.

Рани години

[уреди | уреди извор]

Бајазит II е роден во Димотика, Тракија како син на Мехмед II (1432-1481) и Валиде султан Мјукриме Хатун, ќерката на Сулејман-бег, шести владетел на емиратството Дулкадиридс, кој починал во 1492 година.[1][2] Бајазит II се оженил со Ајше Хатун, која била мајка на Селим I.

Новиот султан не ја уживал потполната поддршка од своите претпоставени. Имено, везирот Гедик Ахмед-паша уште за време на владеењето на султанот Мехмед II му замерил на младиот принц Бајазит. Бајазит ја увидел горделивоста на својот претпоставен. Имено, при една нивна директнасредба, Ахмед-паша одбил да ја послуша наредбата на младиот принц а притоа му вратил со зборовите: „А што ќе ми направиш? Ти се колнам во успесите на твојот татко, доколку ти дојдеш на власт, никогаш нема да пристапам со својава сабја во твоја служба.“ Но, откако на власт дошол Бајазит, тој го повикал својот везир Ахмед-паша, и му рекол: „Учителу мој, ти имаш долго паметење. Заборави на неискуството во мојата младост, земи ја својата сабја и искористи ја против моите непријатели.“ По ова Ахмед-паша, за време на граѓанската војна меѓу Бајазит и Џем му останал лојален Бајазит II [3].

Борба за власт

[уреди | уреди извор]
Кримскиот хан Мехгали Гирај пред султанот

Во 1481 година, султанот Мехмед II неочекувано починал. На негово место, на престолот се застанал неговиот поголем син Бајазит II. Според законите на империјата по стапувањето на власт на Бајазид, тоа означувало смртна пресуда за Џем, кој бил помал брат на Бајазид. Кога нивниот татко починал, Бајазид бил управител на Сивас, Токат и Амасија додека пак Џем управувал со Караман и Конија. Последниот везир на Мехмед, Караманли Мехмед-паша по смртта на султанот преку своите гласници испратил во исто време и на двата принцови писмо за смртта на својот татко, но гласникот кон патувал кон Џем бил убиен па Џем за смртта на својот татко дознал четири дена подоцна. Јаничарите биле револтирани од оваа постапка на везирот и го убиле по кое следувало признавање на синот на Бајазид, Коркут како регент на престолот (4 мај 1481) до доаѓањето на неговиот татко во престолнината.

Принцот Бајазид во Истанбул пристигнал на 21 мај 1481 година и веднаш бил прогласен за султан. Џем од друга страна на 27 мај пристигнал во Инегол во близина на Бурса, со околу 4.000 јаничари. Во меѓувреме, пред градот веќе била соберена војската на Бајазид на чело со Ајас-паша. На 28 мај 1481 г. силите на Ајас-паша биле поразени, а Џем се прогласил за султан со престолнина во Бурса. Во овој период Џем му предложил на својот брат поделба на империјата со кое тој би владеел во Анадолија, а Бајазид во Румелија но Бајазид овој предлог го одбил.

Бајазид успеал да ја мобилизира својата војска и да го порази на својот брат кај Јенишехир предводена лично од султанот и Гедик Ахмед-паша. По поразот Џем побегнал во Каиро заедно со своето семејство. Од Каиро Џем добил писмо во кое му биле понудени еден милион акчиња со цел да се откаже од престолот, но Џем ја отврлил оваа понуда и следната 1482 г. се вратил во својата татковина и најпрвин го опседнал градот Конија. Кога разбрал за ова, Бајазид веднаш тргнал кон Конија по кое Џем се повлекол кон Анкара со намера повторно да побегне за Каиро но во тоа не успеал. Тој побарал помош од витешкиот ред на Свети Јован во Родос. Кога на 29 јуни 1482 г. пристигнал на Родос, тој планирал за кратко време да го напушти островот но бил измамен и прогласен како затвореник. По некое време тој бил испратен во Франција а Бајазид испратил пратеник во кое барал неговиот брат да се чува таму. Папа Инокентиј VIII започнал да ги мобилизира западните војски за започнување на нов крстоносен поход во кој Џем ќе го искористи како алатка за уништување на Османлиите во Европа. Папата му понудил на Џем да го прифати христијанството но тој тоа го одбил. По ова папата добил повеќе од 40.000 златници годишно од Бајазид за негово заложништво, но истото било прекинато кога папата го заплашил на Османлиите дека ќе го ослободи на Џем. Папската крстоносна војна не доживеала успех и реализација па Џем бил оставен сам и тој починал во Неапол во затвор на 25 февруари 1495 г. По дознавањето на Бајазид тој прогласил тридневен траур а по четири години било донесено и неговото тело кое било погребано во Бурса.

Владеење

[уреди | уреди извор]
Бајазид во борба против својот син Селим.
Гробод на Бајазид во Истанбул

Бајазид II на отоманскиот престол се качил во 1481 година[4]. Тој ретко војувал, станувајќи првиот султан кој одбил лично да и командува на војската, и влегол во историјата како патрон на културата и книжевноста. Истакнатиот историчар Робер Мантран истакнува дека Бајазид бил исклучително побожна личност, приврзаник во редот на дервишите. Во периодот на неговото владеење на дервишките редови им биле дадени сите привилегии, а притоа му бил додаден и прекарот „Свети“ (Вели). Во одреден период од својот живот, тој пишувал и поезија, а бил познат и како еден од мирољубивите султани, за разлика од неговите воинствени претходници. Иако ја ценел поезијата, уметноста и верата сепак тоа не му пречело на Бајазид да ги продаде портретите на својот татко, кои биле изработени од италијанските ренесансни мајстори. Тој ги отстранил како “непристојни” сите дела на венецијанецот Џентиле Белини, кои го украсувале ентериерот на сарајот, изграден од таткото на Бајазид.

Во текот на своето владеење направил походи кон Мореја против Венецијанската Република. Последниот поход завршил со успех за Бајазид во 1501 година кое означувало целосна контрола на Пелопонез од страна на Османлиите. Бунтовите на исток предизвикани од страна на Казалбашите постојано го измачувале на султанот бидејќи тие биле секогаш поддржувани од страна на персискиот шах Исмаил кој сакал да го промовира шиитскиот ислам во османлиската држава.

Првата деценија од неговото владеење биле одбележани со походите кои тој лично ги преземал. Особено во периодот од 1484 до 1491 г., Бајазид II влегол во перманентни судири со Мамелуците и нивниот султан Кајит бег. Во текот на пролетта 1486 г. Мамелуците ги освоиле Тарс и Адана, но следната година во 1487 година големиот везир Давуд-паша ги покорил туркменските племиња Тургут и Варсак, кои биле сојузници со Мамелуците. Во текот на 1488 година мамелучката војска освоила голем дел од областа Киликија, а во 1490 година го опсадувала Кајсери, а бил опустошен и Караман. Со склучениот мир во мај 1491 година, меѓу Османлиите и мамелучката војска, Бајазид II повторно ја воспоставил својата власт над Киликија, вклучително и градовите Тарс и Адана.

За разлика од неговиот татко Мехмед II, Бајазид II водел претпазлива дипломатска политика и воените походи ги презема доколку имал причина за тоа. Па така, во пролетта 1482 година султанот тргнал во одмазднички поход на Албанија, откако таму избувнало востание предводено од Јован Кастриот. Но, Бајазид II не успеал целосно да ја покори Албанија, сè до судирот со Венеција, кој започнал во 1499 година, кога во 1501 година. Османлиите го освоиле Драч. Во текот на 1496 и 1497 г. биле организирани походи во Црна Гора и Молдавија, а како последица на османлискиот напад над Молдавија, во јуни 1497 година таму интервенирала полската војска. Набрзо, султанот бил соочен со војна на два фронта. Во текот на 1496 година, Полска и Унгарија склучиле антиосманлиски сојуз и отпочнале војна со Бајазид II, а во 1499 година започнала војната со Венеција. Во текот на август 1499 година Османлиите го опсадувале Лепанто, а на 29 август венецијанската флота била поразена, а Лепанто паднал во рацете на Османлиите. Откако под контрола го имале Лепант, османлиската флота тргнала во напад на Фурланија (Фриули) и Задар. Голем успех на османлиската флота претставувало освојувањето на Наварино на 12 август 1499 година. Во 1500 година Унгарија и објавила војна на Османлиското Царство, а на 30 мај 1501 година бил склучен и Тројниот анти-османлиски сојуз помеѓу Папската Држава, Венеција и Унгарија. Имено, Бајазид I вешто калкулирал помеѓу односите на европските држави и сили, тој отворено ја поддржувал позицијата на Милано и Неапол во нивниот конфликт со француско - италијанската лига. Султанот, одел до таму што ветувал и воена помош на своите сојузници.

Еврејска миграција

[уреди | уреди извор]

Во јули 1492 година, Шпанија го протерала арапското и еврејското население како дел од инквизицијата. Бајазит ја испратил османлиската морнарица на чело со Кемал Рејс во Шпанија во 1492 година со цел безбедно да ги евакуира овие луѓе. Тој исто така им понудил на бегалците да се засолнат во неговите земји и да станат османлиски граѓани, исмејувајќи ги Фердинанс II од Арагон и Изабела I Кастиљска за овој чин бидејќи сметал дека протерувањето на оваа класа на луѓе била многу лоша одлука. По ова тој издал и еден ферман до сите управители во европските провинции наредувајќи им не само да се воздржат од одбивање на шпанските бегалци, туку и да им обезбедат пријателски прием. Тој се заканил со смрт за сите оние кои нема да ги почитуваат неговите наредби, посебно за еврејската популација.

Арапите и Евреите од Шпанија придонеле многу за зголемувањето на моќта на Отоманското Царство со воведување на нови идеи, методи и изработка. Сефардските заедници не само што ги развиле главните трговски османлиски центри Истанбул и Солун туку директно влијаеле за подобрување на економската ситуација, а ги пренеле многу од занаетите во главните османлиски трговски места. Од друга страна, големите европски сили Шпанија и Португалија, а исто така делумно и од италијанските држави, направиле голем чекор назад, со тоа што ги изгониле сефардските Евреи[5].

Првата печатарска преса во Цариград била основана од страна на сефардските Евреи во 1493 година. Од овде се заклучува дека под владеењето на Бајазит II, Евреите доживеале културна експанзија, преку присуството на научниците Мордехај Комтино и Соломон бен Елијах Шарбит ха-Заха.

Војна со синовите

[уреди | уреди извор]

На 14 септември 1509 година престолнината Истанбул била уништена од земјотрес. Последните години од неговото владеење биле исполнети со постојаниот конфликт меѓу неговите два сина Селим и Шехзаде Ахмет. Ахмед имал два браќа, Шехзаде Коркут кој владеел со Анталија и Селим кој владеел во Трабзон. Според традицијата се сметало дека по смртта на султанот кој прв ќе пристигне до престолнината тој имал најголемо право да се искачи на престолот. Во овој поглед владенијата на Ахмед биле најблиску до Истанбул.

На синот на Селим, идниот султан Сулејман му бил доделен градот Болу, мал санџак кој бил поблиску до Истанбул. На ова најмногу се спротивставил Ахмед и по ова тој бил преместен во Крим. Од друга страна пак, Селим во ова видел како поддршка за неговиот постар брат од страна на неговиот татко па веднаш побарал да му се додели Румелија. Селим бил одбиен со образложение дека румелиските територии не се давале на принцовите, но и покрај тоа му било понудено да управува со Смедерево кој бил доста далеку од Истанбул. Тој ја одбил оваа понуда на својот татко а Бајазит како одговор на неговата непослушност го поразил во една битка во 1511 година[6].

Последни години

[уреди | уреди извор]

Додека Бајазит бил во конфликт со Селим, на Ахмет му била доверена задача за задушување на востанието Шахкулу во Анадолија. Но, наместо да го задуши востанието, Ахмет неочекувано го напуштил бојното поле, зазел еден град во Караманија и со својата војска започнал да се приближува кон Истанбул. Неговиот став предизвикал вознемиреност меѓу војниците бидејќи неговиот главен поддржувач Хадим Али-паша го загубил животот за време на бунтот. Ахмет заминал во Конија каде се прогласил за султан. Иако Бајазит побарал да се врати во својот санџак Ахмед го одбил на својот татко. Бајазит по ова започнал да стравува дека Ахмед сака да го убие за да дојде на престолот па одбил да му дозволи на својот син да влезе во престолнината. Од друга страна тој абдицирал од престолот на 25 април 1512 година[7], а Селим со поддршка од јаничарите се вратил од Крим и станал новиот султан. Ахмет продолжил да контролира дел од Анадолија во првите месеци од владеењето на Селим. Конечно, силите на Селим и Ахмет воделе битка во близина на Бурса на 24 април 1513 година во која битка силите на Ахмед биле поразени, самиот тој уапсен а подоцна и погубен.

Другиот брат на Селим, Шехзаде Коркут бил владетел на Анталија но кога побарал да му биде доделена поблиска територија на владеење до Истанбул, во истиот момент бил одбиен по кое тој побегнал во Египет. Ова од страна на Бајазит било сметано како предавство па тој морал повторно да замине во Истанбул и да се извини [8][9]. Во текот на војната помеѓу Ахмед и Селим, тој останал неутрален бидејќи немал приврзаници кои би застанале на негова страна. По абдикцијата на неговиот татко, Селим го егзекутирал во Бурса во 1513 година.

Бајазит заминал кон својот роден крај но починал на 26 мај 1512 година во Бујукчекмеше. Тој бил погребан во Бајазитовата џамија во Истанбул.

  1. Edmonds, Anna. Turkey's religious sites. Damko. стр. 1997. ISBN 975-8227-00-9.
  2. Babinger, Franz (1992). Mehmed the Conqueror and His Time. Princeton University Press. стр. 51. ISBN 0-691-01078-1.
  3. Joseph von Hammer, Historija Turskog (Osmanskog) Carstva, 1, Zagreb 1979, с. 260
  4. „Sultan Bajazid's (i.e., Beyazit's) Mosque, Constantinople, Turkey“. World Digital Library. 1890–1900. Посетено на 2013-10-19.CS1-одржување: датумски формат (link)
  5. Ицак Меис (уредник), автори: д-р Мајкл Беренбаум, Марк Коен и др., Македонска хроника: Приказната за сефардските Евреи на Балканот, Скопје 2011г., с. 22-26.
  6. Prof. Yaşar Yüce-Prof. Ali Sevim: Türkiye tarihi Cilt II, AKDTYKTTK Yayınları, İstanbul, 1991 pp 226-231
  7. Joseph von Hammer: Geschichte der osmanischen Dichtkunst (condensation Mehmet Ata) Millitet yayınları, İstanbul pp 229-236
  8. .Prof. Yaşar Yüce-Prof. Ali Sevim: Türkiye tarihi Cilt II, AKDTYKTTK Yayınları, İstanbul, 1991 p 220-227
  9. Joseph von Hammer:Osmanlı Tarihi cilt I (condensation: Mehmet Ata-Abdülkadir Karahan), Milliyet yayınları, İstanbul. pp 243