Сјин-це
Сјин-це 荀子 | |
---|---|
Роден(а) | 313 п.н.е. |
Починал(а) | 238 п.н.е. држава Чу |
Националност | Кинез |
Занимање | филозоф |
Влијанија од | Конфуциј |
Влијаел(а) врз | Ли Се, Хан Феј |
Соперник | Менг-це, Цесе |
Дел од темата |
Конфуцијанство |
---|
Сјин-це (кинески: 荀子, пинјин: Xúnzǐ, ~ 312–230 п.н.е.) — кинески конфуцијански филозоф од периодот на завојуваните држави и претставник на една од „стоте школи“. Сметал дека човекот има непожелни природни склоности, кои мора да се држат на прав пат со воспитание и образование (напспроти тврдењето на Менг-це дека луѓето се природно добри). Сјин-це смета дека општествените норми се создадени токму како одговор на овој проблем во човечкиот карактер.
Неговата мисла се поврзува со конфуцијанството, иако таа е доста прагматична во споредба со оптимизмот на Конфуциј. Некои сметаат дека ова е одлика на времето во кое живеел.[1]
Сјин-це бил еден од најдлабоките мислители на своето време и учител на истакнатите мислители Ли Се и Хан Феј.
Живот
[уреди | уреди извор]Роден е како Сјин Куанг (荀況), со куртоазно име Ќинг (卿).
Младоста на Сјун-це не е позната за историчарите. Станал познат на возраст од педесет години, околу 264 г. п.н.е., кога отишол во државата Чи за да ја изучува општествената мисла, а потоа предавал на академијата „Џисја“. Во Чи уживал значаен углед; кралот Сјанг (齊襄王) го назначил за дворски учител и здравичар. Во овој период Сјун-це ја посетил државата Чин и се восхитувал на управувањето на земјата. Расправал на воена тематика со велможата Линву (臨武君) на дворот на Сјаоченг (趙孝成王) — крал на Џао. Подоцна бил наклеветен на дворот во Чи, па се повлекол на југ во државата Чу. Премиерот на земјата, велможата Чуеншен (春申君), го назначил за главен судија на Ланлинг (蘭陵令). Во 238 г. п.н.е., кнезот Чуеншен е убиен од негов соперник на дворот, па Сјин-це останал без работа. Го провел остатокот од животот во Ланлинг (денешен југ на покраината Шандунг) и таму починал во непозната година.[2]
Најистакнати ученици на Сјин-це се Ли Се (премиер на првиот секинески цар) и Хан Феј, кој ги зел квазиавторитарните аспекти од неговата мисла и од нив го развил легизмот. Конфуцијанскиот карактер на мислата на Сјин-це е под прашање кај ред аналитичари поради силлното антиконфуцијанство на овие двајца негови ученици.
Учењата на Сјин-це уживале влијание во создавањето на државната доктриан на династијата Хан. Меѓутоа, во времето на династијата Танг неговото влијание опаднало за сметка на мислата на Менг-це.[1]
Делото „Сјин-це“
[уреди | уреди извор]За разлика од афористичниот стил на Аналектите на Менг-це, Сјин-це негувал построга мисла и пишувал есеи со опширна и сложена аргументација, собрани во дело наречено „Сјин-це“. Таму како значајна мисла се истакнува поимувањето на човековиот карактер како сплет од вродени и стекнати особини.[3] Во текстовите често се среќава критика на спротивставените школи како што се таоизмот и моизмот, но и неговите соперници во рамките на конфуцијанството. Поважни глави од делото се:[4]
- „Расправа за небесата (天 тјен)“ — го отфрла поимувањето за небесата на Менг-це како сила со морална волја. Тврди дека под небесата треба да се подразбере едноставно природата; затоа луѓето треба да се посветат на меѓучовечките односи, а не да прибегнуваат во небесни идеали.
- „Расправа за обредна умесност (ли)“ — улогата на поединецот и општествените норми.
- „Ослободување од обземеноста“ — осветува против преголемата посветеност на еден аспект на нештата, притоа губејќи го чувството а она што е важно.
- „Исправање на називите“ (正名 џенгминг) — називите на нештата се усвојуваат во секојдневната употреба, но штом ќе се втемелат, луѓето не смеат да отстапуваат од нив и да ги извртуваат.
- „Човековата нарав е гнасна“ (сјинг-е) — го отфрла тврдењето на Менг-це дека луѓето се природно склони кон добро. Конфуциј се искажал дека луѓето се карактерно слични еден на друг, но не кажал дали мисли дека се добри или лоши. Сјин-це смета дека човекот е по природа себичен, и тоа мора да се заузди за да постои општество. Во спротивно ќе има само безредие. Го сметал моралот за општествена конструција, нагласувајќи ја разликата помеѓу вродените предодредености и воспитанието во животот.
Последното гледиште поттикнало голема расправа меѓу мислителите која траела два века.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 de Bary, William Theodore; Bloom, Irene, уред. (1999). Sources of Chinese Tradition: From Earliest Times to 1600. 1. New York: Columbia University Press. стр. 159–160. ISBN 978-0231109390.
- ↑ Watson, Burton (2003). Xunzi: Basic Writings. Columbia University Press. стр. 2, 120, 132–133, 145–146, 148, 154, 163–165, 170, 174. ISBN 978-0231129657.
- ↑ Ebrey, Patricia (2006). The Cambridge Illustrated History of China. Cambridge University Press. стр. 45–49. ISBN 978-0521669917.
- ↑ Graham, A. C. (1989). Disputers of the Tao: Philosophical Argument in Ancient China. La Salle, Il: Open Court. ISBN 978-0812690873.
- Cua, A.S. (1985). Ethical argumentation : a study in Hsün Tzu's moral epistemology. Honolulu: University of Hawaii Press. ISBN 0-8248-0942-4.
- Munro, Donald J. (2001). The Concept of Man in Early China. Ann Arbor, MI: University of Michigan. ISBN 978-0892641512.
- Schwartz, Benjamin I. (1985). The world of thought in ancient China. Cambridge, MA.: Harvard University Press. ISBN 0-674-96190-0.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Сјин-це на Curlie (англиски)
- Сјин-це — Интернетна енциклопедија на филозофијата (англиски)
- Цел текст на делото „Сјин-це“
|