Прејди на содржината

Носорог

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Носорог
Носорог
Период: еоцен - денес
Црн носорог (Diceros bicornis)
Научна класификација [ у ]
Царство: Животни
Тип: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Непарнокопитни
Семејство: Носорози
Gray, 1820
Постоечки родови

бел носорог (Ceratotherium)
суматрански носорог (Dicerorhinus)
црн носорог (Diceros)
носорог (Rhinoceros)
изумрени родови — во текстот

Распространетост на носорозите

Носорози (науч. Rhinocerotidae) — семејство непарнокопитни животни со пет преживеани видови. Два од овие вида потекнуваат од Африка, а останатите три од Азија. Три од петте вида (јаванскиот, суматранскиот и црниот носорог) се критично загрозени видови. Индискиот носорог е загрозен вид од кој се проценува дека има уште 2700 единки во дивината. Белиот носорог е на списокот на ранливи видови со преостанати 9000 единки во дивината[1].

Животните од ова семејство се едни од најголемите живи примероци на мегафауната, и сите видови достигнуваат тежина од над еден тон. Тие се тревопасни, имаат тенка кожа (1,5 – 5 сантиметри), составена од слоеви на колаген со кристална структура. Во споредба до нивната големина, овие цицачи имаат релативно мал мозок (400-600 грама) и голем рог. Најчесто се хранат со лисјести растенија, но доколку е потребно можат и да ферментираат пофиброзна растителна храна во дебелото црево. За разлика од останатите непарнокопитни животни, африканските видови на носорози немаат предни заби, поради што за пасење растенија ги користат катниците и преткатниците[2].

Носорозите се доста ценети поради нивниот карактеристичен рог. Овој рог е изграден од кератин, истата белковина од која е направена косата или ноктите[3]. Двата африкански вида на носорог и суматранскиот носорог имаат два рога, додека индискиот и јаванскиот имаат само еден. Носорозите имаат одличен слух и осет за мирис, но доста слаб вид. Повеќето живеат 60 години или повеќе.

Еволуција

[уреди | уреди извор]
Изумрен род Indricothere
Teleoceras, изумрен род на носорози
Coelodonta, изумрениот влакнест носорог.

Носорозите се одвоиле од останатите непарнокопитни животни за време на раниот еоцен. Од овој период се и фосилите од Hyrachyus eximus пронајдени во Северна Америка. Малите предци биле без рог и повеќе потсетуваат на тапир или мал коњ отколку на носорог. Три семејства, кои понекогаш се групираат во натсемејството Rhinocerotidea, еволуирале за време на еоценот: Hyracodontidae, Amynodontidae и Rhinocerotidae.

Hyracodontidae, познати како „тркачки носорози“ биле адаптирани за брзо трчање што ги прави многу послични со денешните коњи. Најмалото животно од ова семејство било со големина на куче, додека најголемото наречено Indricotherium, се смета за еден од најголемите копнени цицачи кои некогаш живееле. Ова животно било без рог, високо скоро 7 метри и 10 метри долго, се проценува дека тежел околу 15 тони. Како и жирафата, ова животно се хранело со листови од дрвјата. Животните од семејството Hyracodontidae биле распространети низ Евроазија за време од средниот еоцен до раниот миоцен.

Семејството Amynodontidae, познато и како „водни носорози“, била распространета низ Северна Америка и Евроазија од доцниот еоцен до раниот олигоцен. Овие животни по нивниот изглед и начин на живот биле слични на нилскиот коњ. Ги населувале реките и езерата, и имале многу слични карактеристични адаптации на полуводниот живот како нилските коњи.

Семејството во кое спаѓаат сите преживеани видови на носорози, Rhinocerotidae, за првпат се појавила до доцниот еоцен во Евроазија. Привте членови на ова семејство биле мали цицачи групирани во 26 рода кои живееле низ Евроазија и Северна Америка, сè додека поголемиот број од нив изумреле во средниот олигоцен. Неколку независни рода останале, како на пример Menoceras, носорози со големина на свиња кои имале два рога еден до друг, или Teleoceras од Северна Америка кои имале кратки нозе и живееле пред околу 5 милиони години. Последниот носорог изумрел во Америка а време на плиоценот.

Денешните носорози се верува де се распространиле од Азија за време на почетокот на миоценот. Два вида го преживеале последното ледено доба и ја населиле Европа пред околу 10 000 години. Влакнестиот носорог се појавил во Кина пред околу милион години и за првпат пристигнал во Европа пред околу 600 000 години. А потоа повторно и пред околу 200 000 години кога заедно со Влакнестиот мамут, станале жртви на првите луѓе и најверојатно биле ловени до изумирање. Еден друг вид на огромен носорог, Elasmotherum, го преживеал последното ледено доба. Познат е како џиновски носорог кој бил висок 2 метри, долг 5 и тежел околу пет тона. Имал еден огромен рог и долги нозе за трчање.

Еден од преживеаните видови, Суматранскиот носорог, за првпат се одвоили пред 15 милиони години. Овој вид е близок роднина на Влакнестиот носорог, но не и со останатите денешни видови. Индискиот и Јаванскиот носорог се роднини и се од помлада линија на азиски носорози. Предците на овие два вида се одвоиле од останатите пред 2-4 милиони години[4].

Потеклото на двата африкански вида е некаде во доцниот миоцен (пред 11-5 милиони години) и како предок се смета Ceratotherium neuMayri. Родот кои ги содржи преживеаните видови се одоил за време на раниот плиоцен (пред 5-3,5 милиони години) кога можниот предок на Црниот носорог, Diceros praecox се појавува во фосилните остатоци[5]. Црниот и белиот носорог сѐ уште се доста сродни па можат дури и да се парат и да донесат на свет здраво потомство[6].

Таксономија

[уреди | уреди извор]
Големинска споредба на преживеаните видови на носорози

Името на семејството Rhinocerotidae е добиено од грчките зборови ῥινός (ринос) што значи нос и κέρας (керас) што значи рог.

Петте преживеани видови носорози спаѓаат во три категории. Двата африкански вида, Белиот носорог и Црниот носорог, се издвоиле за време на раниот плиоцен (пред околу 5 милиони години) но родот Dicerotini во кој спаѓаат се издвоил за време на средниот миоцен (пред 14,2 милиони години). Главната разлика помеѓу црниот и белиот носорог е обликот на нивната уста. Белите носорози имаат широки и рамни усни, додека кај црните усните се долги и испакнати. Популарна, но сѐ уште непроверена теорија е дека името на белиот носорог е грешка односно погрешно толкување на зборот wijd („широк“ на африкански) со кој се објаснувал обликот на усните[7]. Белиот носорог е поделен на северен и јужен подвид.

Постојат два вида од родот Rhinocerotini – загрозениот вид Индиски носорог и критично загрозниот Јавански носорог, кои се одвоиле еден од друг пред околу 10 милиони години. Критично загрозениот вид Суматрански носорог е единствениот преживеан вид од најстариот род Dicerorhinini кој се одвоил од останатите за време на миоценот (пред околу 20 милиони години) [8].

Во зоолошката градина Dvůr Králové во Чешка, во 1977 година е добиен хибрид помеѓу двата подвида на белиот носорог – мешавина од Ceratotherium s. simum и C. s. Cottoni. Постојат и хибриди од видовите бел и црн носорог[6].

Сите носорози имаат 82 хромозома (во диплоидна клетка), освен црниот носорог кој има 84. Ова е животно со најголем број на хромозоми од цицачите.

Бел носорог

[уреди | уреди извор]
Бел носорог

Белиот носорог (Ceratotherium simum), после слонот, е еден од најголемите копнени животни во светот, заедно со индискиот носорог и нилскиот коњ со кои има слична големина. Постојат два подвида на белиот носорог. Првиот подвид е Јужниот бел носорог (Ceratotherium simum simum) кој живее во Јужна Африка. Популацијата на овој подвид се проценува на 14.500 единки, што го прави најраспространет носорог во светот. Сепак популацијата на вториот подвид Северниот бел носорог (Ceratotherium simum cottoni) се проценува на 4 единки во дивината, а од јуни 2008 се претпоставува дека овој подвид можно е да е изумрен во дивината[9].

Црн носорог

[уреди | уреди извор]
Црн носорог

Името Црн носорог (Diceros bicornis) е одбрано за да може да се разликува од белиот носорог. Ова може да е прилично збунувачки поради фактот дека овие два вида имаат многу слична боја на кожата. Постојат четири подвида на црниот носорог: јужно-централен (Diceros bicornis minor) кој некогаш живеел од централниот дел на Танзанија па јужно до Замбија, Зимбабве и Мозамбик, и до северниот дел на ЈАР, јужно-западен подвид (Diceros bicornis bicornis) кој ги населува саваните во Намибија, Ангола, Боцвана и западна Јужна Африка, источно африкански подвид (Diceros bicornis michaeli) кој живее претежно во Танзанија и западно африкански (Diceros bicornis longipes) кој е прогласен за изумрен во 2006 година[10].

Индиски носорог

[уреди | уреди извор]
Индиски носорог

Индискиот носорог (Rhinoceros unicornis) живее на просторите на Непал и во Асам, Индија. Во минатото населувал територии од Пакистан до Бурма на најверојатно и делови од Кина. Поради влијанието на човекот, природното живеалиште на овој вид се смалил, па денес ги среќаваме само во неколку мали популации во североисточна Индија, Непал и во Националниот парк во Пакистан. Негова животна средина се големите пасишта и шуми во подножјето на Хималаите.

Јавански носорог

[уреди | уреди извор]
Слика на јавански носорог

Јаванскиот носорог (Rhinoceros sondaicus) е еден од најретките и најзагрозените големи цицачи во светот[11]. Според проценките направени во 2002 година, останати се околу 60 единки во Јава (Индонезија) и Виетнам. Овие носорози претпочитаат густи дождовни шуми, каде има високи треви и бари со кал. Иако во минатото бил распространет речиси низ цела Азија, за време на 1930-тите е ловен скоро до истребување во Индија, Бурма, Малезија и Суматра, поради верувањето дека неговиот рог и неговата крв имаат исцелителни моќи.

Суматрански носорог

[уреди | уреди извор]
Суматрански носорог

Суматранскиот носорог (Dicerorhinus sumatrensis) е најмалиот преживеан вид на носорог, како и видот кој има најмногу крзно. Оваа одлика му овозможува да преживее на високите надморски височини во Борнео и Суматра. Како последица на губењето на природното живеалиште и на ловокрадството, бројот на единки од овој вид е драстично намален, што го прави овој носорог еден од најретките цицачи на светот. Се претпоставува дека се преостанати уште само 275 суматрански носорози.

Класификација

[уреди | уреди извор]

† означува изумрени родови

Рогот на носорозите

[уреди | уреди извор]
Тибетски свештеник со рог од носорог

Најпрепознатливата одлика на носорозите е нивниот голем рог кој се наоѓа над носот. Рогот на носорозите, за разлика од останатите животни рогови е составен од кератин и нема коскена срж како на пример роговите кај говедата. Роговите на носорозите се користат во традиционалната азиска медицина, но и се користат за правење рачки за ножеви во Јемен и Оман.

Едно познато недоразбирање е тоа дека прав направена од рогот се користи како афродизијак во традиционалната кинеска медицина. Всушност оваа прав се користи како лек за треска и грчеви[13].

Во Малезија, Индија и Бурма, постои легенда за носорозите кои ги гаснат пожарите. Овој легендарен носорог има и посебно име на малајски „badak api“ (badak - носорог, api - оган). Се верува дека доколу се појави пожар во шумата, ова животно се појавува и го гаси огнот настапувајќи на него.

Носорогот како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  1. „Белиот носорог е во групата на загрозени видови“. Архивирано од изворникот на 2007-07-06. Посетено на 2009-02-07.
  2. Owen-Smith, Norman (1984). Macdonald, D (уред.). The Encyclopedia of Mammals. New York: Facts on File. стр. 490–495. ISBN 0-87196-871-1.
  3. „Од што е направен рогот на носорогот?“. Архивирано од изворникот на 2011-09-28. Посетено на 2009-02-07.
  4. Lacombat, Frédéric (2005). Fulconis, R. (уред.). Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6. The evolution of the rhinoceros. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 46–49.
  5. Geraads, Denis (2005). „Pliocene Rhinocerotidae (Mammalia) from Hadar and Dikika (Lower Awash, Ethiopia), and a revision of the origin of modern African rhinos“. Journal of Vertebrate Paleontology. 25 (2): 451–460. doi:10.1671/0272-4634(2005)025[0451:PRMFHA]2.0.CO;2. Архивирано од изворникот на 2008-05-23. Посетено на 2009-02-07.
  6. 6,0 6,1 Robinson, Terry J.; V. Trifonov, I. Espie, E.H. Harley (2005). „Interspecific hybridization in rhinoceroses: Confirmation of a Black × White rhinoceros hybrid by karyotype, fluorescence in situ hybridization (FISH) and microsatellite analysis“. Conservation Genetics. 6 (1): 141–145. doi:10.1007/s10592-004-7750-9.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)[мртва врска]
  7. Rookmaaker, Kees (2003). „Why the name of the white rhinoceros is not appropriate“. Pachyderm. 34: 88–93.
  8. Rabinowitz, Alan (June 1995) "Helping a Species Go Extinct: The<33 six. Sumatran Rhino in Borneo" Conservation Biology 9(3): pp. 482-488
  9. „Times Online | News | Environment | Poachers kill last four wild northern white rhinos“. Архивирано од изворникот на 2011-06-29. Посетено на 2009-02-07.
  10. „West African black rhino 'is extinct'. The Times. 7 јули,, 2006. Архивирано од изворникот на 2008-09-05. Посетено на 2007-10-09. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  11. Derr, Mark (11 јули,, 2006). [ttp://www.nytimes.com/2006/07/11/science/11rhin.html „Racing to Know the Rarest of Rhinos, Before It's Too Late“]. The New York Times. Посетено на 2007-10-11. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  12. Haraamo, Mikko (2005-11-15). „Mikko's Phylogeny Archive entry on "Rhinoceratidae". Архивирано од изворникот на 2005-11-27. Посетено на 2008-01-07.
  13. Chinese Herbal Medicine: Materia Medica, Third Edition, by Dan Bensky, Steven Clavey, Erich Stoger, and Andrew Gamble. September 2004
  14. Доналд Бисет, Разговори со еден тигар. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993, стр. 44-48.
  15. Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми. Скопје: Темплум, 2014, стр. 57-58.
  16. Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 69-71.
  17. Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 51-56.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Статијата „Носорог“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).