Денга
Денга | |
---|---|
Типичен осип при денга | |
Специјалност | Заразна болест |
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Денга — инфекција предизвикана од вирус на денга. Комарците го пренесуваат (или го шират) вирусот на денгата. Треската од денга е позната и како „коскокршечка треска“ затоа што може да предизвика толку силна болка, што болниот ќе има чувство како да му се кршат коските. Некои симптоми на треската денга се треска, температура, главоболка, осип на кожата што заликува на морбили, како и болка во мускулите и во зглобовите. Кај некои заболени, денгата може да се претвори во форма што е опасна по животот. Првата е хеморагичната треска на денга, што предизвикува крварење и протекување на крвните садови (цевчиња што пренесуваат крв), како и ниско ниво на тромбоцити (што ја засируваат крвта). Втората е синдромот на шок одс денга, што предизвикува опасна низок крвен притисок.
Вирусот на денгата го има во четири различни видови. Штом заболи поединецот од еден тип на вирусот, обично е доживотно заштитен од тој тип на истиот. Меѓутоа, заштитата од другите три типа на вирусот трае кратко време. Ако поединецот подоцна заболи од некој од другите три типа, постои веројатност кај него да се јават сериозни проблеми.
Нема делотворна вакцина што ќе ја спречи појавата на инфицирање со вирусот на денгата. Има неколку работи што може да се направат за да се спречи луѓето да добиваат денга. Тие можат да се заштитат себеси од комарци и да го ограничат бројот на каснувања што би го имале. Научниците предлагаат да се смалат живеалиштата на комарците и да се смали бројот на постоечки комарци. Штом човекот ќе се зарази од денгата, може да закрепне само со земање на доволно течности, но само доколку болеста е во блага или во умерена форма. Ако е случајот посериозен, можно е да му требаат интравенски течности (течности што се даваат директно во вена, со помош на игла и цевчиња) или трансфузии (дарување на крв на друго лице).
Од 1960-те години, многу повеќе луѓе се разболуваат од денга. Болеста стана светски проблем од Втората светска војна. Честа појава е во над 110 земји. Секоја година, околу 50–100 милиони луѓе добиваат денга.
Се работи на вакцина и на лекарства за директно лекување на вирусот. Луѓето се обидуваат на најразлични начини да се ослободат од комарците.
Првите описи на денгата потекнуваат од 1779 година. На почетокот на 20. век, научниците дознале дека болеста е предизвикана од вирус и дека се пренесува (или шири) преку комарците.
Знаци и симптоми
[уреди | уреди извор]Околу 80% од луѓето (или осум на секои десет) инфицирани со денга вирус не покажуваат симптоми ниту пак имаат благи симптоми (како обична треска).[1][2][3] Околу 5% од инфицираните (или петмина од секои 100) посериозно се разболуваат. Кај мал дел од овие луѓе, болеста е опасна по животот.[1][3] Симптомите се јавуваат помеѓу три до 14 денови откако е поединецот изложен на денга вирус. Симптомите најчесто се јавуваат по четири до седум дена.[4] Така, ако поединецот се врати од место каде што денгата е честа, па добие треска или други симптоми после 14 дена од враќањето, веројатно нема денга.[5]
Кај децата со денга често симптомите се исти како и за настинка илигастроентеритис (или стомачен вирус). На пример, повраќање и дијареја).[6] Меѓутоа, поверојатно е децата да имаат сериозни проблеми од денгата.[5]
Клинички тек
[уреди | уреди извор]Класични симптоми на денга се ненадејна треска, главоболка (обично зад очите), осип и болки во мускулите и во зглобовите. Прекарот на болеста, „коскокршечка треска“ опишува колку е силна болката што се јавува.[1][7] Денга се случува во три етапи: фебрилна, критична и етапа на закрепнување.[8]
Во фебрилна фаза, лицето обично има висока температура. („фебрилна“ означува дека поединецот има треска). Треската обично е над 40 целзиусови степени. Може да се чувствува и општа болка и главоболка. Фебрилната етапа обично трае од два до седум денови.[7][8] Во оваа етапа, околу 50 до 80% од луѓето што имаат симптоми се исфрлаат.[7][9] Првиот или вториот ден, осипот изгледа како кожата да е заруменета (вцрвена). Подоцна при болеста (помеѓу четвртиот и седмиот ден), осипот заликува на морбили.[9][10] На кожата се појавуваат црвени мали точки (петехии). Овие точки не исчезнуваат кога ќе се притисне кожата. Црвените точки се предизвикани поради пукнати капилари.[8] Кај болниот може да се јави и благо крварење од слузницата на устата и носот.[5][7] Самата треска има тенденција да помине (да се подобри), а потоа да се врати на ден-два. Меѓутоа, оваа шема се случува на различен начин кај различни луѓе.[10][11]
Кај некои луѓе, болеста оди во критична фаза откако ќе ја снема високата температура. Критичната фаза обично трае еден до два дена.[8] За време на оваа фаза, во градите и во абдоменот може да се насобере течност. Ова се случува поради тоа што малите крвни садови пропуштаат. Течноста се насобира и повеќе не циркулира низ телото. Ова значи дека виталните (најважните) органи не добиваат крв како и обично.[8] Поради тоа органите не функционираат нормално. Кај болниот може да се јави и сериозно крварење (обично од гастроинтестинален тракт).[5][8]
Помалку од 5% од оние со денга добиваат циркулаторен шок, синдром на шок од денга и хеморагична денга.[5] Ако болниот претходно имал некој друг тип на денга („секундарна инфекција“), постои веројатност кај него да се јават сериозни проблеми.[5][12]
Во етапата на закрепнување, течноста што протекла низ крвните садови се враќа во крвотокот.[8] Етапата на закрепнување обично трае од два до три дена.[5] При оваа етапа, на болниот му станува многу подобро. Меѓутоа, може да се јави јадеж и бавна срцева работа.[5][8] При оваа етапа, болниот може да се најде во состојба на преоптовареност со течност (онаму каде што се повлекува течноста). Ако ова се одрази на мозокот, може да предизвика мозочен удар или изменета состојба на свесност (кога поединецот има мисли, свест и однесување поинакви од вообичаените).[5]
Придружни проблеми
[уреди | уреди извор]Одвреме-навреме, денгата може да влијае и на други системи во организмот.[8] Кај болниот може да се јават само поединечни симптоми, или пак, овие заедно со класични симптоми на денга.[6] Состојба на смалена свесност се јавува кај 0,5–6% од сериозните случаи. Ова може да се случи кога вирусот на денгата предизвикува инфекција на мозокот. Тоа може да се случи и кога виталните органи како црниот дроб, на пример, не функционираат како што треба.[6][11]
Кај болните од денга се јавуваат и другиневролошки нарушувања (нарушувања на мозокот и на нервите). На пример, денгата може да предизвика трансверзен миелитис или Гилен-Барејов синдром.[6] Иако ова речиси никогаш не се случува, денгата може да предизвика инфекција на срцето и акутно оштетување на црниот дроб.[5][8]
Причина
[уреди | уреди извор]Денгата ја предизвикува вирус. Научниот систем што ги именува и класифицира вирусите вели дека вирусот на денгата е дел од фамилијата „Flaviviridae“ и родот „Flavivirus“. И други вируси припаѓаат на истата фамилија и предизвикуваат болести кај луѓето. На пример, и вирусот на жолта треска, западнонилски вирус, вирус на енцефалитис „сент луис“, вирус на енцефалитис што го предизвикува крлеж, вирус на кјасанурска шумска болест и вирусот на омска хеморагична треска припаѓаат на фамилијата„Flaviviridae“.[11] Повеќето вакви вируси ги пренесуваат комарци или крлежи.[11]
Пренесување
[уреди | уреди извор]Вирусот на денгата се пренесува (или шири), главно преку убоди на комарци „Aedes“ ,особено на типот на комарец „Aedes aegypti“.[2] Овие комарци обично живеат на географска ширина од 35° северно и јужно, на надморска височина од 1000 м.[2] Касаат најчесто дење.[13] Човекот може да се инфицира од само еден убод.[14]
Понекогаш комарците може да се зарзат со денга од луѓето. Ако женка на комарецот касне инфициран поединец,комарецот може да се зарази со вирусот на денгата. Вирусот првин живее во клетките што ги обложуваат цревата на комарецот. Осум до десет дена подоцна, вирусот се шири до плунковните жлездина комарецотм каде што се прависалива (или „плунка“). Тоа значи дека плунката што ја прави комарецот е инфицирана со вирусот на денга. Кога комарецот ќе касне човек, неговата инфицирана плунка оди во човекот и може да го зарази него. Изгледа вирусот не предизвикува проблеми за инфицираните комарци што ќе останат инфицирани додека се живи. Најверојатно е дека комарецот „Aedes aegypti“ ќе ја рашири денгата. Тоа е така затоа што сака да живее блиску до луѓето и да се храни од нив наместо од животни.[15] Исто така сака да полага јајца и во садови со вода што ги направил човекот.
Денгата се шири и преку заразени крвни производи и преку донирани органи.[16][17] Ако болниот од денга дарува крв или орган, што потоа ќе им се дадат на некој друг, тој другиот може да се зарази со денга од даруваната крв или орган. Во некои земји, како Сингапур, денгата е честа појава. Во ваквите земји, од 1,6 до 6 трансфузии од секои 10.000 шират денга.[18] Вирусот на денга може да се пренесе од мајка на дете за време на бременост или кога детето ќе се роди.[19] Денга обично не се пренесува на друг начин.[7]
Ризици
[уреди | уреди извор]Бебињата и малите деца со денга се со поголема веројатност од возрасните сериозно да се разболат. Веројатноста од сериозно разболување е поголема кај децата што се добро растени (здрави се и добро се хранат).[5] (Ова е различно од многу други болести, со кои полошо им е на децата што се неисхранети, болникави се или не се хранат добро). Веројатноста за сериозно разболување е поголема кај жените отколку кај мажите.[20] Денгата може да им го загрози животот на болните од хронични (долгорочни) болести, како што се дијабетес и астма.[20]
Механизам
[уреди | уреди извор]Кога комарецот ќе касне некого, неговата плунка навлегува во кожата на поединецот. Ако комарецот има денга, вирусот е присутен во плунката. Кога комарецот ќе го касне поединецот, вирусот влегува во неговата кожа заедно со плунката на комарецот. Вирусот се прикачува за белите крвни клетки и навлегува во нив. (Тие му помагаат на телото да се брани од закани, односно инфекции). Додека белите крвни клетки се движат низ телото, вирусот се размножува (се репродуцира). Белите крвни клетки реагираа со тоа што произведуваат сигнализирачки белковини (таканаречени цитокини), како интерлеукини, интерферони и фактори за некроза на тумори. Овие белковини ја предизвикуваат треската, симптомите како кај грип и сериозната болка што е придружна со денгата.
Ако некој има тешка (сериозна) инфекција, вирусот се размножува многу побрзо во организмот. Поради тоа што вирусот сега почесто го има, може да влијае и на други органи (како црниот дроб и коскената срцевина). Течноста од крвотокот истекува преку ѕидовите на малите крвни садови во телесните шуплини. Поради ова, помалку крв циркулира (или се движи низ телото) во крвните садови. Крвниот притисок на поединецот толку се снижува, што срцето не може да испумпа доволно крв до виталните (најважните) органи. Исто така, коскената срцевина не може да произведе доволно тромбоцити коишто се потребни за крвта правилно да засирува. Без доволно тромбоцити, има голема веројатност кај поединецот да се јават проблеми со крварење. Крварењето е голема компликација на денгата (спаѓа меѓу најсериозните проблеми што болеста може да ги предизвика).[21]
Дијагноза
[уреди | уреди извор]Обично, здравствените работници дијагностицираат денга преку испитување на заразеното лице и согледување дека симптомите одговараат на денга. Здравствените работници на овој начин најуспешно ќе дијагностицираат денга онаму каде што болеста е најчеста.[1] Меѓутоа, кога денгата е во раните етапи, тешко може да се увиди разликата помеѓу оваа и други вирусни инфекции (инфекции предизвикани од вируси).[5] Поединецот најверојатно има денга, ако има треска и два од овие симптоми: мачнина и повраќање, осип, општа болка (болка во целото тело), мал број на бели крвни клетки или позитивен тест за пукање капилари. Кој било од овие знаци, заедно со треска, во местата каде што болеста е честа, покажува дека болниот има денга[22].
Знаците што предупредуваат обично се јавуваат пред денгата да стане сериозна.[8] Тестот за пропусливост на капиларите е корисен кога не може да се направи лабораториско испитување. За тестот за пропусливост на капиларите потребно е лекарот да заврзе лента за мерење притисок околу раката на поединецот, за време од пет минути. Потоа лекарот ќе ги брои црвените точки што ќе се појават на кожата. Ако има повеќе точки, поверојатно е поединецот да има денга.[8]
Тешко е да се направи разлика помеѓу денга и чикунгунија. Чикунгунија е слична вирусна инфекција што дели голем дел од симптомите како денгата, а се случува и во истите предели од светот.[7] Денгата може да дели симптоми со други болести, како што се маларија, лептоспироза, тифоидна треска и менингококна болест. Пред да се потврди денгата кај некој болен, лекарот ќе направи испитувања за да се осигура дека болниот, всушност, не е болен од некоја од овие болести.[5]
Кај болните од денга, најраната промена што е видлива на лабораториско испитување е малиот број на леукоцити. И малиот број на тромбоцити и метаболичката ацидоза се знаци за денга.[5] Ако кај болниот денгата е сериозна, ќе се јават и други промени што се видливи кога ќе се испитува неговата крв. Тешките случаи на денга предизвикуваат протекување на течност од крвотокот. Тоа предизвикува хемоконцентрација (онаму каде што има помалку плазма - течниот дел од крвта - и повеќе еритроцити во крвта). Предизвикува и ниски нивоа на албумин во крвта.[5]
Во некои случаи, сериозната денга може да предизвика плеврална ефузија (истечената течност се насобира кај белите дробови или вишок на перитонеална течност (течноста се насобира во абдоменот). Ако се доволно големи, лекарот може да ги забележи кога ќе го прегледува болниот.[5] Лекарот може да дијагностицира симптоми на шок од денга и порано, ако користи медицински ултразвук за да ја најде течноста во организмот.[1][5] Но, во многу предели каде што денгата е честа појава, лекарите и амбулантите немаат апарати за ултразвук.[1]
Класификација
[уреди | уреди извор]Во 2009 година, Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицираше, односно ја подели, денгата на два типа: без компликации и сериозна.[1][22] Претходно, во 1997 година, СЗО ја имаше поделено болеста на недиференцирана треска, треска на денга и хеморагична треска на денга. Во организацијата СЗО одлучија дека овој стар начин на поделба на денга треба да се поедностави. Беше решено и дека стариот начин на поделба ограничува: не ги вклучува сите начини на кои се појавува денгата. И покрај тоа што класификацијата на денгата беше сменета, сè уште се користи старата класификација.[5][22][23]
Со стариот систем на класификација од СЗО, хеморагичната треска на денга беше поделена на четири етапи, наречени степени I–IV:
- Во степен I, болниот јавува треска. Лесно му се прават модринки и тестот за пропусливост на капиларите е позитивен.
- Во степен II, поединецот искрвавува во кожата и во други делови на телото.
- Во степен III, болниот покажува знаци на циркулаторен шок.
- Во степен IV, болниот страда од толку сериозен шок што крвниот притисок и отчукувањата на срцето не се чувствуваат.[23] Степен III и IV се наречени „синдром на шок од денга“.[22][23]
Лабораториски испитувања
[уреди | уреди извор]Дијагнозата за денга може да се утврди со микробиолошки лабораториски тест.[22] Има неколку различни тестови. Со еден од тестовите (изолација на вирусот) се изолира (или се одделува) вирусот на денгата од клетките во култури (или примероци). Со друг тест, (откривање на нуклеинска киселина) се бара нуклеинската киселина на вирусот со техниката наречена верижна реакција на полимераза (ВРП, PCR). Со трет тест (откривање на антиген) се бараат антигени од вирусот. Со четврт тест во крвта се испитуваатантителата што ги прави организмот за да се борат со вирусот на денгата.[20][24] Тестовите за изолирање на вирусот и за откривање на нуклеинската киселина се поефикасни од тестот за откривање на антиген. Меѓутоа, тие тестови се поскапи, па не се секаде достапни.[25] Кога денгата е во почетната фаза, сите тестови можат да бидат негативни (што значи дека не покажуваат дека болниот навистина ја има болеста).[5][20]
Освен тестовите за антитела, лабораториските тестови можат да ја дијагностицираат денгата во акутната (почетната) етапа на болеста. Но, тестовите за антитела можат да потврдат дека болниот има денга во поодмината етапа од инфекцијата. Организмот прави антитела што се борат исклучиво со вирусот на денгата по пет до седум денови.[7][20][26]
Спречување
[уреди | уреди извор]Нема одобрени вакцини за спречување на ширењето на вирусот на денгата кај луѓето.[1] За да се спречи инфекцијата, Светската здравствена организација (СЗО), предлага контрола на популацијата на комарци и заштита од убоди на комарците кај луѓето.[13][27]
СЗО предлага програма за спречување на денгата (наречена програма за „интегрирана векторска контрола“), којашто вклучува пет различни дела:
- Треба да се користи застапување, општествено ангажирање и законодавство (закони), за да се зајакнат организациите и заедниците за јавно здравје.
- Целото општество треба да содејствува. Тука треба да се вклучи и јавниот сектор (владата), приватниот сектор (бизниси и корпорации), како и сферата на здравствена заштита.
- Сите начини за контрола на болеста треба да се интегрираат (здружат), за расположливитересурси да имаат што е можно поголем ефект.
- Одлуките треба да се донесуваат според докази. Со тоа ќе се помогне интервенциите (нештата што се преземаат во врска со денгата) да бидат успешни.
- Областите во кои денгата е проблем треба да добиваат помош, за да можат самостојно, преку своите можности, да реагираат добро на болеста.[13]
СЗО предлага и одредени подробности со кои ќе се контролираат комарците и ќе се спречат нивните убоди. Најдобар начин да се контролира комарецот „Aedes aegypti“ е да се уништи неговото живеалиште.[13] Треба да се празнат отворените садови за вода (за комарците да не полагаат јајца во нив). За контрола на комарците во овие области може да се користат инсектициди или агенси за биолошка контрола .[13] Научниците се уверени дека прскањето со органофосфатни или пиретроидни инсектициди не помага.[3] Луѓето треба да се ослободат од непротечната вода (којашто не се движи), затоа што таквата вода привлекува комарци, а ако во неа се насоберат инсектициди може да го загрози човековото здравје.[13] За да се спречат убоди од комарци, треба да се носи облека што целосно ја покрива кожата. Може да се користи и средство за одбивање на комарците (спреј, на пример), со што ќе се избркаат истите. (најдобар е DEET). При одмор, може да се користат и мрежи против комарци.[14]
Справување со болеста
[уреди | уреди извор]За денгата нема одредена терапија.[1] На разни поединци им е потребна различна терапија, зависно од симптомите. На некои може да им стане подобро само со пиење на течности и со контрола кај матичниот лекар. Кај други пак, потребни се инфузии и трансфузии.[28] Лекарот може да реши болниот да го задржи на болничко лекување ако има сериозни знаци, особено ако веќе боледува од хронична болест.[5]
Кога на болниот му е потребна инфузија, обично му е потребна ден-два.[28] Лекарот ќе го зголеми протокот на течноста за болниот да исфрли одредено количество на урина (0.5–1 mL/kg/hr). Протокот се зголемува додека хематокритот (количеството на железо во крвта) и виталните знаци да се нормализираат.[5] Поради ризик од крварење, лекарите не се нафаќаат на инвазивни зафати, како назогастрична интубација (вметнување на цевка низ носот на болниот до неговиот стомак), интрамускулни инјекции (давање на лекот како инјекција во мускул) и артериски пунктури (ставање на иглата во артерија).[5] За треска и болка може да се даде ацетаминофен (тиленол). Има еден антиинфламаторен лек, наречен НСАИЛ (како што се ибупрофен и аспирин), што не треба да се користи поради можноста да се јави крварење.[28] Ако кај болниот се сменат сигналите на виталните органи и ако количеството на еритроцити се намали, треба што е можно порано да се започне со трансфузии на крвта.[29] Во случај кога е потребна трансфузија, болниот треба да ја прими целата крв (крвта да не биде разложена на разни делови) или само одделени црвени крвни зрнца. Обично не се препорачуваат тромбоцити и свежо замрзната плазма (одделени од крвта).[29]
Кога болниот е во етапа на закрепнување од денгата, повеќе не му се дава инфузија, за да не добие прекумерно количество на течности.[5] Доколку се случи тоа, а виталните знаци кај болниот се стабилни (не се смениле), може да се помогне со самото прекинување на инфузиите.[29] Доколку болниот повеќе не е во критичната етапа на болеста, може му се даваат диуретици на Хенлеова петелка, како на пример фуросемид („ласикс“). Со нив се исфрла вишокот течност од крвотокот на болниот.[29]
Веројатност
[уреди | уреди извор]Повеќето заболени од денга закрепнуваат и потоа немаат проблеми.[22] Без лекување, еден до пет отсто од инфицираните луѓе (од секои 100) умираат од денга.[5] Со лекување, помалку од еден отсто умира.[22] Меѓутоа, кај оние со тешки случаи на денга, умираат 26% (26 од секои 100 поединци).[5]
Денгата е честа во над 110 земји.[5] Секоја година инфицира 50 до 100 милиони луѓе од целиот свет. Поради неа околу половина милион болни завршуваат во болница,[1] а има и од 12.500 до 25.000 смртни случаи во светот, секоја година.[6][30]
Денгата е најчестата вирусна болест што се шири преку артроподи.[12] Се смета дека денгата се одразува на 1600 години изгубени поради неа, на милион луѓе популација. Ова значи дека на секој милион популација, денгата предизвикува губење на 1600 години живот. Ова влијание е големо како и кај други детски и тропски болести, како што е туберкулозата.[20] Се смета дека денгата е втора по важност тропска болест, а се наоѓа зад маларијата.[5] Светската здравствена организација ја смета денгата за една од 16-те занемарени тропски болести (што значи дека не се сфаќа сериозно).[31]
Денга станува сè почеста во светот. Во 2010 година, денгата беше за 30 пати позастапена отколку во 60-те години на 20. век.[32] За зачестеноста на денгата се земаат неколку причинители. Повеќе луѓе живеат во град. Светската популација (број на луѓе во светот) е во пораст. Повеќе луѓе патуваат меѓународно (од една во друга земја). Се смета дека и глобалното затоплување игра улога во зачестеноста на денгата.[1]
Денгата е најчеста околу екваторот. На местата каде што ја има денгата живеат 2,5 милијарди луѓе. Од нив 70% живеат во Азија и во Тихиот Океан.[32] Во Соединетите Држави, 2,9% до 8% од луѓето што се враќаат од патувања на места каде што има денга, а ја имаат треската, биле инфицирани додека патувале.[14] Во оваа група, денгата е на второ место по зачестеноста, а прва дијагностицирана инфекција е маларијата.[7]
Историја
[уреди | уреди извор]За денгата за првпат се пишувало пред многу години. Една кинеска медицинска енциклопедија од династијата Ѓин (којашто постоела од 265 до 420 п.н.е.) раскажува за болен од денга. Во книгата се зборува за „воден отров“ што е поврзан со летачките инсекти.[33][34] Постојат пишани податоци и од 17. век (1600-1699), за нешто што најверојатно било епидемија на денга (кога болеста се шири многу брзо за многу кратко време). Најраните извештаи за епидемија на денгата се од 1779 до 1780 година. Во овие извештаи стои дека епидемијата се раширила во Азија, Африка и Северна Америка.[34] Оттогаш, па сè до 1940 година, немало многу епидемии.[34]
Во 1906 година, научниците потврдиле дека луѓето се инфицираат од комарците „Aedes“. Во 1907 година, научниците докажале дека вирус предизвикува денга. Оваа болест била втората за која се покажало дека ја предизвикува вирус. (Научниците веќе имале докажано дека вирус ја предизвикува и жолтата треска).[35] Џон Бартон Клиленд и Џозеф Франклин Сајлер го проучувале вирусот на денгата и откриле како тој се пренесува.[35]
Денгата почнала многу побрзо да се шири за време на Втората светска војна, како и после неа. Се смета дека тоа е така поради тоа што војната ја изменила животната средина на најразлични начини. А и нови типови на денга се шират на нови места. За првпат луѓето почнале да заболуваат и од хеморагична треска на денга. Оваа тешка болест за првпат била пријавена на Филипините во 1953 година. До 70-те години хеморагичната треска станала сериозна причина за смртност кај децата. Болеста почнала да се појавува и во Тихиот Океан и во С. и Ј. Америка.[34] Хеморагичната треска на денга и синдромот на шок од денга во Централна и Јужна Америка за првпат биле пријавени во 1981 година. Дотогаш лекарите веќе забележале дека болните од тип 1 на вирусот на денга по неколку години го добиваат типот 2 од истиот вирус.[11]
Потекло на зборот
[уреди | уреди извор]Не е јасно од каде потекнува зборот „денга“. Некои мислат дека доаѓа од свахили фразата „Ka-dinga pepo“. Оваа фраза вели дека болеста ја предизвикува зол дух.[33] Се смета дека свахили зборот „dinga“ потекнува од шпанскиот збор „dengue“. Овој збор значи „внимателен“. Можно е зборот да се користел за да се објасни болката во коските од која страда болниот од денга, т.е. дека болката го тера човека да оди внимателно.[36] Меѓутоа, можно е и шпанскиот збор да потекнува од свахили зборот, а не обратно.[33]
Некои мислат дека називот „денга“ доаѓа од Западните Инди. Таму, за робовите што биле болни од денга се велело дека стојат и одат како конте (анг. dandy). Поради тоа, болеста ја нарекувале и треска „денди“.[37][38]
Називот „коскокршечка треска“ за првпат го употребил Бенџамин Раш, физичар и еден од основачите на САД. Во 1789 година, Раш го употребил називот „коскокршечка треска“ во еден извештај за избувнувањето на денга во 1780 година во Филаделфија. Во извештајот Раш го користел, главно, формалниот назив „жолчна повторлива треска“.[39][40] Терминот „треска на денга“ не се користел до 1828 година.[38] Пред тоа, се користеле различни називи за болеста. На пример, денгата ја нарекувале и „срцекршачка треска“ и само „денгата“.[38] За тешките случаи на денга се користеле „заразна тромбоцитопенична пурпура“, „филипинска“, „тајландска“ и „сингапурска“ хеморагична треска.[38]
Истражувања
[уреди | уреди извор]Научниците уште истражуваат начини на кои ќе се спречи и ќе се излекува денгата. Истовремено се делува и на контролирање на комарците,[41] преку создавањето на вакцина и лекови за борење со вирусот.[27]
Направени се многу едноставни работи за да се контролираат комарците. Некои од нив се успешни. На пример, во непроточните водни површини може да се ставатрипки („Poecilia reticulata“) или копеподи, за да ги јадат ларвите (јајцата) на комарецот.[41]
Научниците се обидуваат да создадат вакцина за заштита на сите четири типа на денга.[27] Дел од нив се загрижени дека вакцината ќе го зголеми ризикот од тешка болест, преку антително-зависното засилување (АЗЗ, ADE).[42] Најдобрата можна вакцина треба да има неколку различни квалитети. Прво, да биде безбедна. Второ, да делува после една или две инјекции (или боцкања). Трето, да штити од сите типови на вирусот на денгата. Четврто, нема да предизвикува АЗЗ. Петто, лесно да се транспортира (пренесува) и да се складира (да се чува додека да стане потребна). Шесто, да биде евтина и ефикасна (да вреди за парите).[42] До 2009 година се тестирани неколку вакцини.[20][39][42] Научниците се надеваат дека првата вакцина (или вакцини) ќе бидат комерцијално достапни (достапни за купување) до 2015 година.[27] fi
Научниците се трудат да создадат антивирусни лекови за третирање на нападите на треската на денга и за спречување на тешките компликации кај болните.[43][44] Исто така, прават обиди да откријат која е структурата на белковините на вирусот. Ова може да им помогне да создадат лекови кои делуваат и за денга. [44]
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Whitehorn J, Farrar J (2010). „Dengue“. Br. Med. Bull. 95: 161–73. doi:10.1093/bmb/ldq019. PMID 20616106.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 WHO (2009), pp. 14–16.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Reiter P (2010-03-11). „Yellow fever and dengue: a threat to Europe?“. Euro Surveil. 15 (10): 19509. PMID 20403310.
- ↑ Gubler (2010), p. 379.
- ↑ 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 5,19 5,20 5,21 5,22 5,23 5,24 5,25 5,26 Ranjit S, Kissoon N (2010). „Dengue hemorrhagic fever and shock syndromes“. Pediatr. Crit. Care Med. 12 (1): 90–100. doi:10.1097/PCC.0b013e3181e911a7. PMID 20639791.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Varatharaj A (2010). „Encephalitis in the clinical spectrum of dengue infection“. Neurol. India. 58 (4): 585–91. doi:10.4103/0028-3886.68655. PMID 20739797.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 7,6 7,7 Chen LH, Wilson ME (2010). „Dengue and chikungunya infections in travelers“. Curr. Opin. Infect. Dis. 23 (5): 438–44. doi:10.1097/QCO.0b013e32833c1d16. PMID 20581669.
- ↑ 8,00 8,01 8,02 8,03 8,04 8,05 8,06 8,07 8,08 8,09 8,10 8,11 WHO (2009), pp. 25–27.
- ↑ 9,0 9,1 Wolff K, Johnson RA (eds.) (2009). Fitzpatrick's Color Atlas and Synopsis of Clinical Dermatology. Viral Infections of Skin and Mucosa (6. изд.). New York: McGraw-Hill Medical. стр. 810–2. ISBN 9780071599757.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- ↑ 10,0 10,1 Knoop KJ, Stack LB, Storrow A, Thurman RJ (eds.) (2010). Atlas of Emergency Medicine. Tropical Medicine (3. изд.). New York: McGraw-Hill Professional. стр. 658–9. ISBN 0071496181.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- ↑ 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 Gould EA, Solomon T (2008). „Pathogenic flaviviruses“. The Lancet. 371 (9611): 500–9. doi:10.1016/S0140-6736(08)60238-X. PMID 18262042.
- ↑ 12,0 12,1 Rodenhuis-Zybert IA, Wilschut J, Smit JM (2010). „Dengue virus life cycle: viral and host factors modulating infectivity“. Cell. Mol. Life Sci. 67 (16): 2773–86. doi:10.1007/s00018-010-0357-z. PMID 20372965.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 WHO (2009), pp. 59–60.
- ↑ 14,0 14,1 14,2 Center for Disease Control and Prevention. „Chapter 5 – Dengue Fever (DF) and Dengue Hemorrhagic Fever (DHF)“. 2010 Yellow Book. Посетено на 2010-12-23.
- ↑ Gubler (2010), pp. 377–78.
- ↑ Wilder-Smith A, Chen LH, Massad E, Wilson ME (2009). „Threat of Dengue to Blood Safety in Dengue-Endemic Countries“. Emerg. Infect. Dis. 15 (1): 8–11. doi:10.3201/eid1501.071097. PMC 2660677. PMID 19116042.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Stramer SL, Hollinger FB, Katz LM; и др. (2009). „Emerging infectious disease agents and their potential threat to transfusion safety“. Transfusion. 49 Suppl 2: 1S–29S. doi:10.1111/j.1537-2995.2009.02279.x. PMID 19686562.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Teo D, Ng LC, Lam S (2009). „Is dengue a threat to the blood supply?“. Transfus Med. 19 (2): 66–77. doi:10.1111/j.1365-3148.2009.00916.x. PMC 2713854. PMID 19392949.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Wiwanitkit V (2010). „Unusual mode of transmission of dengue“. Journal of Infection in Developing Countries. 4 (1): 51–4. PMID 20130380.
- ↑ 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 20,5 20,6 Guzman MG, Halstead SB, Artsob H; и др. (2010). „Dengue: a continuing global threat“. Nat. Rev. Microbiol. 8 (12 Suppl): S7–S16. doi:10.1038/nrmicro2460. PMID 21079655.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Martina BE, Koraka P, Osterhaus AD. „Dengue Virus Pathogenesis: an Integrated View“. Clin. Microbiol. http://cmr.asm.org/cgi/content/full/22/4/564. Надворешна врска во
|journal=
(help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) - ↑ 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 22,5 22,6 WHO (2009), pp. 10–11.
- ↑ 23,0 23,1 23,2 WHO (1997). Dengue haemorrhagic fever: diagnosis, treatment, prevention and control (PDF). Chapter 2: clinical diagnosis (2. изд.). Geneva: World Health Organization. стр. 12–23. ISBN 9241545003.
- ↑ WHO (2009), pp. 90–95.
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по име{/1WHOp90
. - ↑ Gubler (2010), p. 380.
- ↑ 27,0 27,1 27,2 27,3 WHO (2009), p. 137. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „WHOp137“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ 28,0 28,1 28,2 WHO (2009), pp. 32–37.
- ↑ 29,0 29,1 29,2 29,3 WHO (2009), pp. 40–43.
- ↑ WHO media centre (March 2009). „Dengue and dengue haemorrhagic fever“. World Health Organization. Посетено на 2010-12-27.
- ↑ Neglected Tropical Diseases. „Diseases covered by NTD Department“. World Health Organization. Посетено на 2010-12-27.
- ↑ 32,0 32,1 WHO (2009), p. 3.
- ↑ 33,0 33,1 33,2 Anonymous (2006). „Etymologia: dengue“ (PDF). Emerg. Infec. Dis. 12 (6): 893.
- ↑ 34,0 34,1 34,2 34,3 Gubler DJ (1998). „Dengue and Dengue Hemorrhagic Fever“. Clin. Microbiol. Rev. 11 (3): 480–96. PMC 88892. PMID 9665979. Архивирано од изворникот на 2011-10-25. Посетено на 2012-09-17.
- ↑ 35,0 35,1 Henchal EA, Putnak JR (1990). „The dengue viruses“. Clin. Microbiol. Rev. 3 (4): 376–96. doi:10.1128/CMR.3.4.376. PMC 358169. PMID 2224837. Архивирано од изворникот на 2011-07-25. Посетено на 2012-09-17.
- ↑ Harper D (2001). „Etymology: dengue“. Online Etymology Dictionary. Посетено на 2008-10-05.
- ↑ Anonymous (1998-06-15). „Definition of Dandy fever“. MedicineNet.com. Архивирано од изворникот на 2013-12-03. Посетено на 2010-12-25.
- ↑ 38,0 38,1 38,2 38,3 Halstead SB (2008). Dengue (Tropical Medicine: Science and Practice). River Edge, N.J: Imperial College Press. стр. 1–10. ISBN 1-84816-228-6.
- ↑ 39,0 39,1 Barrett AD, Stanberry LR (2009). Vaccines for biodefense and emerging and neglected diseases. San Diego: Academic. стр. 287–323. ISBN 0-12-369408-6.
- ↑ Rush AB (1789). Medical enquiries and observations. An account of the bilious remitting fever, as it appeared in Philadelphia in the summer and autumn of the year 1780. Philadelphia: Prichard and Hall. стр. 104–117.
- ↑ 41,0 41,1 WHO (2009), p. 71.
- ↑ 42,0 42,1 42,2 Webster DP, Farrar J, Rowland-Jones S (2009). „Progress towards a dengue vaccine“. Lancet Infect Dis. 9 (11): 678–87. doi:10.1016/S1473-3099(09)70254-3. PMID 19850226.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Sampath A, Padmanabhan R (2009). „Molecular targets for flavivirus drug discovery“. Antiviral Res. 81 (1): 6–15. doi:10.1016/j.antiviral.2008.08.004. PMC 2647018. PMID 18796313.
- ↑ 44,0 44,1 Noble CG, Chen YL, Dong H; и др. (2010). „Strategies for development of Dengue virus inhibitors“. Antiviral Res. 85 (3): 450–62. doi:10.1016/j.antiviral.2009.12.011. PMID 20060421.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
Наводи
[уреди | уреди извор]- Gubler DJ (2010). Mahy BWJ, Van Regenmortel MHV (уред.). Desk Encyclopedia of Human and Medical Virology. Dengue viruses. Boston: Academic Press. стр. 372–82. ISBN 0-12-375147-0.
- WHO (2009). Dengue Guidelines for Diagnosis, Treatment, Prevention and Control (PDF). Geneva: World Health Organization. ISBN 9241547871. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-10-17. Посетено на 2012-09-17.
|