Бура (ветар)
Бура (северњак, север, италијански: bora) е многу силен ветар, кој повремено дува посебно во постудените времиња од годината во северниот дел на источните брегови на Јадранското Море, а и во некои други крајеви на Земјата. Како природна појава е многу значаен овој ветар, бидејќи влијае врз животот на луѓето, организмите и развојот на растителноста. Бура доаѓа од копно и дува во правец на морето. Обично има голема речиси орканска сила, посебно на местата каде планините се блиску до морскиот брег.
Појава на бурата
[уреди | уреди извор]Овој вид на ветар се појавува така што студениот воздух од копното се стрмоглавува низ планинските ланци и низ тесните приморски заливи кон морето, па струјата на воздухот постигнува голема брзина. Има изразена вертикална компонента на нишање (од таму го добил името паѓачки ветар) и турбуленција. Оваа одлика се огледа посебно во тоа што главната струја на ветерот не е еднолична, па така бура дува во бранови, при што послабиот и посилниот бран се менуваат на пократки или подолги периоди.
Општите предуслови за појава на бура покрај посебната топографска конфигурација (релативно стрмен брег, кој е на крајот од широк планински масив), мора да се поврзат две климатски различни подрачја (широк студен копнен појас и топло море).[1]
Од метеоролошка гледна точка, елементите што се потребни за да се појави бурата треба да делуваат со развојот на тлото. Предусловите доаѓаат до израз кога има значајна разлика меѓу температурата и воздушниот притисок. Ваквите услови се појавуваат редовно во зима, кога поларниот студен воздух ја покрива средна Европа и создава широк појас на висок воздушен притисок (антициклон), додека во јужна Европа има повисоки температури и понизок воздушен притисок.
Траење и брзина на бурата
[уреди | уреди извор]Бурата може да трае и по неколку дена. Започнува нагло, а се намалува полека. Брзината на воздухот при удар на посилна бура често е поголема од 20 m/s (72 км/ч), што според скалата за силина на ветровите одговара на 9 степени. Понекогаш брзината е поголема од 50 m/s (околу 180 км/ч).[2] Одделни удари на бурата често и видно ја менуваат силата и правецот, а според правецот понекогаш многу се разликуваат од општиот правец на главната струја на ветерот. При бората е значајно што дневната сила на ветерот има двоен период: главниот максимум и минимум се околу 21 часот и 14 часот, а споредните се на 7 часа и 2 часа.
На својот пат кон морето, бурата со своите удари ја придвижува и ја крева морската вода, создавајќи немирно море. Морето го распрскува во многу ситни капки, од кои се создава магла, понекогаш и густа и непроѕирна. Бурата е силен и сув ветар, кој ја намалува температурата и влагата.
Опсег на бурата
[уреди | уреди извор]Подрачјето што го опфаќа бурата не е големо, но при одредени услови може да владее на поголем дел од морскиот брег истовремено. Најсилно дува на брегот, во тесните приморски заливи и во премините на планинските сртови. На море подалеку од брегот, силата на бурата опаѓа нагло, и стигнува најмногу околу десетина морски милји. Понекогаш со голема сила ги зафаќа островите во Јадранското Море, а понекогаш дува само на еден дел од брегот.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ v. Hann 1903.
- ↑ A. Bajić, B. Peroš, V. Vučetić, Z. Žibrat, Wind load - a meteorological basis for Croatian standards, GRAĐEVINAR 53 (2001), page 501, (in Croatian); http://hrcak.srce.hr/file/18613
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Бура (ветар)“ на Ризницата ? |