Брамапутра
Брамапутра | |
Река | |
Земји | Бангладеш, Индија, Кина |
---|---|
Подрачје | Бангладеш, Аруначал Прадеш |
Автономен регион | Тибет |
Притоки | |
- леви | Дибанг, Лохит, Дансири |
- десни | Каменг, Рајдак, Џалдака, Тиста |
Град | Гувахати |
Извор | ледник Чемајунгдунг [1] |
- место | Хималаи, Тибет |
- височина | 5.210 м |
- координати | 30°23′N 82°0′E / 30.383° СГШ; 82.000° ИГД |
Утока | Бенгалски Залив |
- местоположба | делта на Ганг, Бангладеш |
- височина | 0 м |
- координати | 25°13′24″N 89°41′41″E / 25.22333° СГШ; 89.69472° ИГД |
Должина | 2.900 км [1] |
Слив | 651.334 км2 |
Истек | |
- просечен | 19.300 м3/с |
- максимален | 100.000 м3/с |
Брамапутра (санскрит: ब्रह्मपुत्र; бенгалски: ব্ৰহ্মপুত্ৰ নদ Brôhmôputrô)[2] — голема меѓународна река, една од најголемите во Азија.
Извира од ледникот Ангси на северната страна на Хималаите, во автономниот регион Тибет, каде е наречена Јарлунг Цангпо.[3] Потоа тече низ јужен Тибет и се смолкнува низ Хималаите во големи клисури и влегува во Аруначал Прадеш (Индија), каде го носи името Диханг или Сјанг.[4] Тече на југозапад низ Асамската Долина како Брамапутра и на југ низ Бангладеш како Џамуна. Пристигајќи во големата делта на Ганг, се спојува со реката Падма (главната растока на Ганг), а потоа и со Мегна, па завршува во Бенгалскиот Залив.[5]
Со должина од 2.900 км, Брамапутра е стопански значајна река што се користи за наводнување и превоз. Просечната длабочина изнесува 38 м, а максималната достигнува до 120 м. Напролет, со топењето на снеговите, реката често се излева со катастрофални последици. Има просечен истек од 19.300 м3/с, но при поплава надоаѓаат количини од 100.000 м3/с.[6] Ова е класичен пример на испреплетена разгранета река, мошне склона кон преместување на коритото и авулзија.[7] Претставува една од ретките реки во светот што имаат плимни бранови. Пловна е по речиси целото течение.
Сливот на реката ги опфаќа Хималаите источно од индиско-непалската граница, јужниот среден дел на Тибетската Висорамнина над сливот на Ганг, југоисточниот дел на Тибет, ридовите Паткај-Бум, северните падини на Медалајските Ридови, рамниците во Асам и северните предели во Бангладеш. Јужно од Тибет, сливот се одликува со големо количество на врнежи. Највисока планина во сливот е Кангченѕунга (8.586 м).
Горното течение на Брамапутра не било познато сè до експедицијата во 1884–86 г., кога е утврдено дека се работи за Јарлунг Цангпо. Поради ова, реката напати се нарекува Цангпо-Брамапутра.
Според хиндуизмот, долно течение на реката се смета за свето. Брамапутра на санскрит значи „Брамин син“.
Течение
[уреди | уреди извор]Тибет
[уреди | уреди извор]Реката извира од ледникот Ангси на северната страна на Хималаите во Тибет и го носи името Јарлунг Цангпо. Долга е 3.848 км, со сливна површина од 712.035 км2.[8]
Асам и околината
[уреди | уреди извор]Во Индија, реката влегува преку сојузната држава Аруначал Прадеш, каде е наречена Сјанг. Многу бргу се спушта од планинските предели и излегува на рамница, каде го носи името Диханг. По 35 км, во неа се влеваат реките Дибанг и Лохит на почетокот на Асамската Долина. Под Лохит, реката го добива името Брамапутра и влегува во сојузната држава Асам. Тука коритото во голема мера се проширува — на места и до 10 км. Кај Сонитпур ѝ се приклучува и реката Каменг.
Помеѓу Дибругар и Лакимпур, реката се дели на два канала. Северниот е наречен Керкутија, а јужниот го носи матичното име Брамапутра. Околу 100 км низводно, каналите се спојуваат, образувајќи го островот Маџули — во минатото, најголем речен остров на светот. Кај Гувахати, Брамапутра ги пресекува карпите на Шилоншката Висорамнина. Ова е најтесниот дел од течението, со само 1 км меѓу бреговите.
Пределите со плавни рамници на Брамапутра во Асам се сметаат за посеобен екорегион, наречен „Полузимзелени шуми на долината на Брамапутра“.
Бангладеш
[уреди | уреди извор]Во Бангладеш, на Брамапутра и се придружува притоката Тиста. Подолу реката се дели на растоки. Западниот ракав, кој го носи најголемиот дел од водата, продолжува на југ под името Џамуна и се влева во долното течение на Ганг, наречено Падма (бнг. Пода). Источниот ракав (кој порано бил доста поголем) се нарекува Долна или Стара Брамапутра (бнг. Бромопутро). Се извива во југоисточен правец и се влева во реката Мегна кај Дака. Падма и Мегна се спојуваа кај Чандпур и се влеваат во Бенгалскиот Залив. Овој последен дел од реката се нарекува Мегна.
Во минатото, долното течение на Брамапутра било поинакво, минувајќи низ окрузите Џамалпур и Мајмансинг. Во 1762 г. подрачјето го погодило земјотрес со јачина од 7,5 степени,[9] па главниот канал кај Бахадурабад се пренасочил кон југ и се отворил како Џамуна поради тектонското издигање на мадупурскиот пределен појас.[10][11][12]
Делтата на Ганг се напојува од повеќе реки, вклучувајќи ги Ганг и Бранапутра. Со површина од 59.570 км2, ова е најголемата речна делта во светот.[13]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Брамапутра — Енциклопедија „Британика“ (англиски)
- ↑ Реката има разни имиња на други јазици: асамски: ব্ৰহ্মপুত্ৰ Brôhmôputrô; хинди: ब्रह्मपुत्र, IAST: Brahmaputra; тибетски: ཡར་ཀླུངས་གཙང་པོ་, Вајли: yar klung gtsang po Јарлунг Цангпо; кинески упр. 布拉马普特拉河, трад. 布拉馬普特拉河, пинјин: Bùlāmǎpǔtèlā Hé
- ↑ Јанг Лина (2011-08-22). „Научниците точно ги утврдија изворите на четири големи меѓународни реки“. Сијнхуа. Посетено на 2012-12-06. (англиски)
- ↑ „Yarlung Tsangpo River in China“. Atmospheric Data Science Center. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 2007-06-27.
- ↑ „Brahmaputra River Flowing Down From Himalayas Towards Bay of Bengal“. Архивирано од изворникот на 2011-11-06. Посетено на 22 ноември 2011.
- ↑ Водни ресурси на Бангладеш — ФАО (англиски) посет. 18 ноември 2010 г
- ↑ Catling, David (1992). Rice in deep water. International Rice Research Institute. стр. 177. ISBN 978-971-22-0005-2. Посетено на 23 април 2011.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-07-22. Посетено на 2013-11-05.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-01-05. Посетено на 2013-11-05.
- ↑ The face of the earth: (Das antlitz der erde) - Eduard Suess - Google Boeken. Books.google.com. 1904. Посетено на 2012-12-29.
- ↑ http://www.scirp.org/journal/PaperDownload.aspx?paperID=1295
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-12-30. Посетено на 2013-11-05.
- ↑ Singh, Vijay P.; Sharma, Nayan (2004). The Brahmaputra Basin Water Resources. Springer. стр. 113. ISBN 978-1-4020-1737-7. Посетено на 7 февруари 2011. Укажано повеќе од еден
|author2=
и|last2=
(help)
- Rahaman, M. M. & Varis, O. 2009. Integrated Water Management of the Brahmaputra Basin: Perspectives and Hope for Regional Development, Natural Resources Forum, Vol. 33, No. 1. pp. 60–75. doi:10.1111/j.1477-8947.2009.01209.x.
- Sarma, J N (2005). „Fluvial process and morphology of the Brahmaputra River in Assam, India“. Geomorphology. 70 (3–4): 226–256. doi:10.1016/j.geomorph.2005.02.007.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Брамапутра“ на Ризницата ? |
- Причинители за поплавите на Брамапутра Архивирано на 11 март 2007 г. (англиски)
- Моќната Брамапутра (англиски)
|