Алфонс Доде
Алфонс Доде (француски: Alphonse Daudet, 13 мај 1840, Ним, Франција - 16 декември 1897, Париз, Франција) - француски писател. Неговата трилогија, која ја сочинуваат романите „Тартарен Тарасконецот“, „Тарасконското пристаниште“ и „Тартарен на Алпите“, претставува ремек-дело на француската хумористична проза.
Животопис
[уреди | уреди извор]Една година по смртта на Алфонс Доде, неговиот син, Леон Доде, ги објавил спомените на татко му[1] во кои истакнал дека Алфонс Доде често повторувал следнава желба: „Би сакал, кога ќе ја завршам својата задача, да постанам продавач на среќа. Заработката би се состоела во мојот успех.“ Токму овој израз „продавач на среќа“ најточно го опишува Алфонс Доде како човек и неговите непосредни односи со луѓето.[2]
Творештво
[уреди | уреди извор]Доде живеел во време на бурни општествено-историски промени (Второто царство, Француско-пруската војна, Париската комуна, Третата република, експанзијата на колонијализмот, итн.), што му овозможило темите за своите дела да ги црпи од разни извори. Токму поради таа разновидност, историчарите на книжевноста долго се колебале да го сместат во редот на реалистите. Иако тој ги слика луѓето и природата со голема пластичност, иако неговите дела се богати со стотици податоци и настани, неговата топла иронија и емоционалната симпатија кон она што тој го одбира од реалноста тешко се вклопуваат во теоријата на објективниот поглед на светот, карактеристична за реализмот. Сепак, уште потешко е Доде да се смести во натуралистите, иако неговиот роман „Набоб“ Емил Зола го поздравил како натуралистички роман. Всушност, наспроти пријателството со Зола, Доде никогаш не ја прифатил целосно натуралистичката доктрина, така што цело време останал реалист-имресионист.[3]
Една од основните одлики на творештвотот на Доде е важноста на емоцијата. Сепак, неговата способност за возбудување и неговата кревка сензибилност не го одвеле до точката на патос или мелодраматика. Во тој поглед, самиот Доде рекол дека „емоцијата се губи ако не се остане во границата на човечкото.“ Втора важна одлика на неговото творештво е длабоката хуманост: на пример, речиси нема расказ во неговата збирка „Писма од мојот млин“ во која што не е присутно разбирањето за страдањата на малиот човек. Сепак, во тој поглед, на Доде може да му се забележи дека никогаш не се обидел да продре подлабоко во причините за тешката положба на потчинетите, а понекогаш кај него се забележува и одредена доза на конформизам. Во продолжение, еден од пресудните елементи во творештвото на Доде е присуството на атмосферата карактеристична за југот на Франција. Во тесна врска со тоа е и големата доза на хумор што се наоѓа на средината меѓу старата галска шега што се среќава кај Рабле и повеќезначната комика на Пруст.[4] Благодарение на извонредната смисла за она што е природно и човечко, во своите дела, Доде успеал да создаде низа живи ликови, како што се: Тартарен, Руместан, Бомпар итн. Неговата моќ за опсервација, нежноста кон човечките слабости, топлата иронија и здравиот хумор, заедно со неговото извонредно чувство за мера – тоа се одликите што го прават еден од најистакнатите мајстори на француската реалистична проза. Навистина, слично на Молиер, на Доде му недостасувал интерес и способност за продлабочување во крупните проблеми на философијата и метафизика. Но, тој точно ги проценил границите на својата дарба и движејќи се во нив го дал целиот свој придонес.[5]
Поважни дела
[уреди | уреди извор]Позначајни дела на Доде се:[6]
- „Малечкиот“ (1868)
- „Писма од мојот млин“ (1869)
- „Тартарен Тарасконецот“ (1872)
- „Понеделнички приказни“ (1873)
- „Фромон помладиот и Рислер постариот“ (1874)
- „Жак“ (1876)
- „Набоб“ (1877)
- „Кралеви во прогонство“ (1879)
- „Нума Руместан“ (1881)
- „Евангелистка“ (1883)
- „Сафо“ (1884)
- „Тартарен на Алпите“ (1885)
- „Бесмртник“ (1888)
- „Тарасконското пристаниште“ (1890)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Léon Daudet, Alphonse Daudet. Paris: Fasquelle, 1898, стр. 89.
- ↑ Ivan Dimić, „Alfons Dode - prodavac sreće“, во: Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 99.
- ↑ Ivan Dimić, „Alfons Dode - prodavac sreće“, во: Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 99-100.
- ↑ Ivan Dimić, „Alfons Dode - prodavac sreće“, во: Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 101-102.
- ↑ Ivan Dimić, „Alfons Dode - prodavac sreće“, во: Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 104.
- ↑ Ivan Dimić, „Alfons Dode - prodavac sreće“, во: Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 100-101.
Оваа биографска статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
|