Џејмс Џојс
Џејмс Џојс James Augustine Aloysius Joyce | |
---|---|
Џејмс Џојс, ок. 1918 | |
Занимање | писател, поет, учител |
Книжевно движење | модернизам |
Значајни дела | „Даблинци“ (1914), „Портрет на уметникот во младоста“ (1916), „Улис“ (1922), „Бдеењето на Финеган“ (1939) |
Сопруг/а | Нора Барнакл (1931-1941) |
Џејмс Огустин Алојшис Џојс (англиски: James Augustine Aloysius Joyce), попознат како Џејмс Џојс (James Joyce; 2 февруари 1882 - 13 јануари 1941) — ирски модернистички писател, еден од најзначајните писатели во книжевноста напишана на англиски јазик. Џојс се смета за родоначалник и втемелувач на прозниот и експериментален пристап, познат под името „состојба на свеста“, а со своите дела извршил големо влијание врз светската книжевност.
Животопис
[уреди | уреди извор]Џејмс Џојс е роден во 1882 година во Ратгар, предградие на Даблин. Татко му, Џон Станислаус Џојс, бил весел, безгрижен човек, кој се гордеел со својот глас — тенор со кој, како што тврдел, некогаш го воодушевувал светот. Како последица на непромисленото вложување на парите, тој за брзо време го потрошил наследството. Мајка му, Мери Џејн, била одлична пијанистка и убава, горда и чувствителна жена - голема католикиња. И покрај тешкиот живот, таа секогаш останала многу приврзана кон својот маж. Врз неа паднал целиот товар околу грижата за семејството и негата на нејзините многубројни деца. Оттука, Џејмс Џојс растел окружен со големата мајчинска топлина. Според зборовите на татко му, тој бил „најмилото од шеснаесетте или седумнаесетте деца“. Сепак, уште во раната младост на Џојс, неговото семејство западнало во голема сиромаштија. Затоа, уште кога Џојс бил на шестгодишна возраст, родителите го дале да учи во угледниот езуитски колеџ Клонгоус каде што поминал неполни три години. Бидејќи родителите немале повеќе пари да го плаќаат колеџот, Џојс морал да се врати дома. Потоа, тој се запишал на езуитскиот колеџ Белведер во Даблин каде се истакнал како одличен ученик, покажувајќи голема склоност кон литературата, јазиците и музиката. Откако ја положил матурата со одличен успех, од 1898 до 1902 година, Џојс студирал странски јазици на Универзитетот во Даблин, каде ги проучувал Аристотел и Тома Аквински, а исто така, изучувал повеќе јазици, како латински, француски, италијански и норвешки.[1]
Во октомври 1902 година, Џојс отпатувал во Париз, но следната година морал да се врати дома, бидејќи мајка му била на умирање. Во 1904 година се оженил со Нора Џозеф Бернакл со која заминал во Трст. Таму предавал англиски јазик во Берлицовата школа за странски јазици, но за работата бил многу слабо платен. Во 1905 година му се родил синот Џорџо, а во 1907 година ја добил ќерката Лучија. Поради ниските примања на Џојс, неговото семејство живеело многу бедно.
За време на Првата светска војна, Џојс живеел во Цирих. Оттаму, во 1921 година, по совет на Езра Паунд, се преселил во Париз. Таму го затекнала Втората светска војна и во 1940 година, под налетот на германската војска, тој морал да го напушти градот. Едно време, престојувал во Виши од каде со тешки маки се преселил во Цирих, но својата нервно-болна ќерка морал да ја остави во Франција. Потиштен поради слабиот прием на неговото последно дело „Бдеењето на Финеган“, грижата за болната ќерка и слабеењето на видот (неколкупати бил опериран на очите), здравјето на Џојс започнало сериозно да попушта. Џејмс Џојс умрел на 13 јануари 1941 година од перитонитис, предизвикан од операцијата на дванаесетпалечното црево.[2]
Творештво
[уреди | уреди извор]На почетокот на книжевната кариера, Џојс имал големи тешкотии при објавувањето на своите дела, а поддршка му давале само авангардните писатели, како Езра Паунд, Виндам Луис, Ричард Олдингтон и Т.С. Елиот. На пример, збирката раскази „Даблинци“ ја напишал во 1905 година, но со судни маки успеал да ја објави дури во 1914 година; делото „Портрет на уметникот во младоста“ било напишано во периодот 1904-1914 година, но било објавено во 1916 година, и тоа во САД; неговото капитално дело -— романот „Улис“ е создадено во 1921 година, следната година доживеало неколку неофицијални објавувања, а официјалното издание во САД се случило дури во 1933 година.[3]
Џојс извршил огромно влијание врз развојот на психолошкиот роман во XX век, развивајќи ја до совршенство постапката на пишување, наречена „внатрешна постапка“, која пред него, први ја примениле Дороти Ричардсон и Вирџинија Вулф. Тој раскинал со традицијата на класичниот роман од времето на реализмот во кој се проследува животот на главниот лик од раѓањето до зрелоста (или до смртта) и наместо тоа, тој се фокусира врз содржината на свеста на главниот лик и на неговиот психолошки профил. Во тој поглед, творештвото на Џојс претставува надградба на методот на претходникот на модерниот психолошки роман - Хенри Џејмс, кој сметал дека авторот треба да земе едно лице (т.н. „централна интелигенција“) и преку него да го претстави целото дело. Врз таа основа, Џојс бил еден од писателите кои ја развиле „постапката на текот на свеста“, каде што внатрешниот монолог и недорешениот тек на свеста на главниот јунак постануваат основно изразно средство на модерниот роман. Творештвото на Џојс претставува комбинација на симболизмот и натурализмот, менување на најсуптилните мисловни и емоционални доживувања со животинските човечки активности.[4]
Во книжевната критика постои богата дискусија во врска со ставот на Џојс кон човекот. Притоа, едни сметаат дека во текот на својот уметнички развој тој сè повеќе се оддалечувал од човекот, додека други во неговот дело откриваат нов вид хуманизам, прифаќање и толкување на човекот на 20 век не како некој бог од Олимп, туку како секојдневен, реален човек. Токму поради тоа, може да се тврди дека со Џојс започнува нова етапа во уметноста на XX век. Сепак, покрај позитивната етичка ориентација, делото на Џојс е значајно во прв ред поради специфичните уметнички квалитети[5] кои го истакнуваат како писател со исклучителна сила и една од најоригиналните и најинтересните појави во англиската и во светската книжевност.[6]
Позначајни дела на Џојс се:
- „Стивен Хиро“ (1904-1906)
- „Камерна музика“ (1907)
- „Џакомо Џојс“ (1968)
- „Даблинци“ (1914)
- „Портрет на уметникот во младоста“ (1916)
- „Прогонети“ (1918)
- „Улис“ (1922)
- „Собрани песни“ (1936 )
- „Бдеењето на Финеган“ (1939)
Дополнителна литература
[уреди | уреди извор]- Burgess, Anthony, Here Comes Everybody: An Introduction to James Joyce for the Ordinary Reader, Faber & Faber (1965). (Published in America as Re JoyceHamlyn Paperbacks Rev. ed edition (1982)). ISBN 0-600-20673-4.
- Burgess, Anthony, Joysprick: An Introduction to the Language of James Joyce (1973), Harcourt (March 1975). ISBN 0-15-646561-2.
- Clark, Hilary, The Fictional Encyclopaedia: Joyce, Pound, Sollers. Taylor & Francis, 1990.
- Dening, Greg (2007–2008). „James Joyce and the soul of Irish Jesuitry“. Australasian Journal of Irish Studies. 7: 10–19.CS1-одржување: датумски формат (link)
- Fennell, Conor. A Little Circle of Kindred Minds: Joyce in Paris. Green Lamp Editions, 2011.
- Levin, Harry (ed. with introduction and notes). The Essential James Joyce. Cape, 1948. Revised edition Penguin in association with Jonathan Cape, 1963.
- Jordan, Anthony J, 'Arthur Griffith with James Joyce & WB Yeats. Liberating Ireland'. Westport Books 2013.
- Levin, Harry, James Joyce. Norfolk, CT: New Directions, 1941 (1960).
- Quillian, William H. Hamlet and the new poetic: James Joyce and T. S. Eliot. Ann Arbor, MI: UMI Research Press, 1983.
- Read, Forrest. Pound/Joyce: The Letters of Ezra Pound to James Joyce, with Pound's Essays on Joyce. New Directions, 1967.
- Special issue on James Joyce, In-between: Essays & Studies in Literary Criticism, Vol. 12, 2003. [Articles]
- Irish Writers on Writing featuring James Joyce. Edited by Eavan Boland (Trinity University Press, 2007).
Надворшни врски
[уреди | уреди извор]Повеќе за Џејмс Џојс на збратимените проекти на Википедија | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |
Дела
- Дела на Џејмс Џојс на Националната библиотека на Ирска.
- Дела на Џејмс Џојс на Националната библиотека на Ирска.
Ресурси
- Колекција на Џејмс Џојс, Библиотека на Универзитетот во Бафало.
- Книжевна критика поврзана со Џојсовото движење
- Примарни и секундарни ресурси за Џојс, Тексашки универзитет во Остин.
- Дела од James Joyce на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Џејмс Џојс на Семрежниот архив
- Џејмс Џојс Архивирано на 24 декември 2016 г., Британска библиотека.
Портрети
- Слики на Џејмс Џојс Архивирано на 9 февруари 2014 г., Универзитет во Бафало.
- Слики на Џојс во Париз, Универзитет во Викторија.
Аудио
- Дела од Џејмс Џојс на LibriVox (аудиокниги во јавна сопственост)
- An Audio tour of the history of James Joyce's writings
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 268-269.
- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 269-270.
- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 269.
- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 270-277.
- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 276-277.
- ↑ Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 268.