Јаков
Јаков | |
---|---|
יַעֲקֹב | |
„Јаков се бори со ангелот“, од Рембрант | |
Почивалиште | Махпела, Хеврон 31°31′29″N 35°06′39″E / 31.5247° СГШ; 35.1107° ИГД |
Познат(а) по | Јакововата скала |
Сопружник | |
Деца |
|
Родители | |
Роднини |
Јаков (хебрејски: יַעֲקֹב), познат и како Израил — третиот од библиските патријарси (праотци) во Стариот завет; најмладиот од синовите близнаци на патријархот Исак и Ревека, која се породила по дваесет години бесплоден брак. Татко на 12 сина, предци на Израилевите племиња. Почитуван во сите аврамски религии: во јудаизмот, христијанството и исламот (како Јакуб).[1]
Јаков е познат и како Израил, што го добил според легендата, затоа што „се борел со Бога“, па дури успеал да го победи и да му ги грабне благословите. Се чини дека Јаков го обожавал Јехова, кој е посочен како богот со кој се борел (ова се случило, според Библијата, во близина на реката Јавок — веројатно култниот центар на Јехова во таа епоха).[2]
Име
[уреди | уреди извор]Името Јаков се толкува како дериват на зборот „акев“ (пета, трага), бидејќи Јаков излегол од утробата на мајка си, фаќајќи ја петата на неговиот постар брат, Исав (Бит. 25:26).[3] Покрај соодветната именка, хебрејскиот збор יעקב [Yaaḱb] е машки род, трето лице, глагол за идно време и се преведува како „(тој) ќе следи“.
Животопис
[уреди | уреди извор]Дваесет години откако Исак ја зел Ревека за жена, на Ревека ѝ се родиле два сина близнаци од Исак (синот на Авраам). Постариот син се викал Исав, а помалиот син Јаков (Бит. 25:20, 25:24–26).
Добивање на првороденото право
[уреди | уреди извор]Приказната за Јаков е изнесена во книгата Битие (Бит. 25:27–50). Започнува со приказната за тоа како Бог ѝ открил на бремената Ревека дека ќе роди близнаци, на кои им било судено да станат предци на две нации, а луѓето што ќе потекнуваат од постариот брат ќе бидат подложни на потомците на помладиот. Личностите и занимањата на браќата разнообразувале: Јаков бил „кроток човек што живеел во шатори“, а Исав бил „вешт ловец, човек од нива“ (Бит. 25:27). Бидејќи бил миленик на мајката на Ревека, Јаков, откако заменил црвеникава храна (чорба од леќа) за Исав за првородство, лукаво го измамил таткото на Исак, кој го поткрепувал Исав, така што Авраам го благословил Јаков за првороден син и станал предок на еврејскиот народ. Целиот понатамошен живот на Јаков, принуден да плати за неговата измама, е раскажан во книгата Битие.
Бегство од Ханан до Харан
[уреди | уреди извор]Поради измамата, Исав сакал да го убие Јаков. Да спречи братоубиство, Ревека му рекла на Јаков да побегне кај Лаван, нејзиниот брат, и да живее таму, додека му поминат гневот и лутината на Исав. Лаван живеел во градот Харан (Северна Месопотамија, Арам-Нахараим). Една приквечерина, Јаков застанал да преноќи. Зел еден камен, го ставил под главата и легнал да спие. Во сон видел мистична визија, сега позната како „Јакововата скала“. Сонот одел вака: скала стоела на земјата, а со врвот допирала до небото, а ангели Божји се качувале по неа и слегувале. На врвот Јаков Го видел Господа, Кој му рекол:
Јас сум Господ-Бог на Авраам и Бог на твојот татко Исак. Оваа земја, на која спиеш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое, а потомството твое ќе биде многубројно како песокот на земјата; тоа ќе се распространи по целиот свет и преку него ќе премине благословот на сите народи на земјата. Каде и да појдеш, Јас ќе бидам со тебе, и нема да те оставам.
Се пробудил Јаков исплашен и сфатил дека лично Господ му се јавил на ова место. Тогаш тој го зел каменот на кој спиел и го поставил како спомен, па го прелеал со масло. И ова место, порано познато како Луз, го нарекол Ветил, што значи „Дом Божји“. Пристигнувајќи во Харан, Јаков се распрашувал за здравјето и благосостојбата на семејството на Лаван — братот на неговата мајка. Кога го нашол, Лаван го примил со големо гостопримство, и Јаков почнал да работи кај него. (Бит. 29:18).[4] Тогаш Лаван го прашал:
Зарем бесплатно ќе ми служиш, бидејќи си ми роднина? Кажи ми, каква плата сакаш за работата?
А Лаван имал две ќерки (братучетки во однос на Јаков). На постарата името ѝ било Лија. Нејзе очите ѝ биле болникави и не му се допаднало тоа на Јаков. Помладата, Рахила, имала убава става и слатко лице, и Јаков ја засакал. Тој му рекол:
Ќе ти служам седум години, ако ми ја дадеш за жена Рахила, твојата помала ќерка.
Лаван се согласил, но кога настапил определениот рок — всушност го измамил. Вечерта, по веселбата, Лаван ја довел во шаторот наместо Рахила — Лија, својата постара ќерка завиткана во превез. Разлутен, Јаков пошол кај Лаван и го прашал зошто го измамил. Лаван му рекол дека во нивното место не можело помладата да се омажи пред постарата. Му рекол, исто така, дека по една недела ќе му ја дал за жена и Рахила, но потоа ќе морал да му служи уште седум години. Јаков се согласил и по една недела му ја дал и Рахила. Така, Јаков се здобил со две жени, иако Рахила ја сакал повеќе од Лија (Бит. 29:13–30).
Децата на Јаков
[уреди | уреди извор]Господ видел дека Лија не е сакана и ја наградил со синови. Рувим, Симон (или Симеон), Левиј и Јуда — така се викале нејзините синови. Рахила останала без деца. Тогаш, таа му ја дала на мажот својата слугинка, и таа му родила на Јаков два сина: Дан и Нефталим. Гледајќи го тоа, Лија исто така ја донела својата слугинка кај Јаков и таа му ги родила Гад и Асир. Потоа Лија родила уште три деца — Исахар, Завулон и ќерката Дина. Шест сина и една ќерка родила Лија, уште две деца нејзината слугинка, и две слугинката на Рахила. Дури потоа, Господ си споменал за Рахила, ги слушнал нејзините молитви и ѝ дал син, а таа го нарекла Јосиф. Рахила починала при породување на последното дете — Венијамин. Така, Јаков имал 13 деца од кои само една ќерка (Бит. 29:31–35, 30:24).[5]
Враќање во Ханан, борба со Бога и средба со Исав
[уреди | уреди извор]Минале дваесет години од времето кога Јаков отишол кај Лаван за да го избегне гневот на својот брат. Седум години тој му служел за неговата постара ќерка Лија, и уште седум — за помладата, Рахила. Потоа, уште шест години го заработувал своето богатство. Но иако минале толку години, Јаков уште се плашел од својот брат. Тој не знаел како да го пресретне Исав, на кого со измама му го зел првородството и му го украл татковиот благослов.
Кога се приближил до Ханан, Јаков пратил пред себе гласници за да известат за неговото враќање. Гласниците се вратиле кај Јаков и му рекле дека Исав доаѓал во пресрет со четиристотини души. А Јаков се исплашил уште повеќе. Тој ги разделил во две групи луѓето што биле со него, и сиот добиток. Си помислил ако Исав нападне на едните, можеби другите ќе се спасат. Потоа, тој се обратил со молитва кон Бога:
Господи, Ти ми заповеда да се вратам во мојата земја. Ми вети дека ќе бидеш милослив кон мене, и ќе сториш потомството мое да биде како песокот морски, што не може да се изброи. Спаси ме од рацете на Исав, бидејќи се плашам дека ќе ме убие и мене, и моите жени и деца.
Јаков одбрал од своите стада многуброен добиток и се упатил да го пресретне брата си. На овчарите, кои оделе со тие стада, тој им заповедал да му кажат на Исав:
Тоа ти е подарок од Јаков, а самиот тој доаѓа по вас.
На тој начин Јаков сакал да го смилостиви својот брат. Настапила ноќ, а Јаков останал сам. И, ете, пристапил „Некој“ и почнал со него да се бори. Борбата траела до зори. Соперникот не можел да го победи Јаков. Тогаш му го допрел бедрото и му ја повредил жилата на ногата. И „Некој“ рекол да го пушти бидејќи е зора, а Јаков одговорил дека нема да го пушти сè додека не го благослови. Тогаш, Оној што се борел со него, го запрашал како се вика, на што Јаков одговорил. И слушнал:
Отсега името твое нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е твоето име — тој, што се борел со Бога и бил со Него лице в лице.
Тогаш Јаков го запрашал како е неговото име, но Бог не му одговорил, туку само го благословил. А кога изгреало сонцето и Јаков го продолжил патот, открил дека накривува од болки во колкот, поради ноќната борба (Бит. 32:24–31).[2] Најпосле Јаков видел дека се приближува Исав. Тогаш, обземен од страв, ги разделил сите свои деца, по следниот ред: слугинките на своите жени со нивните деца — напред; по нив била Лија со нејзините деца, а последни биле Рахила и Јосиф, бидејќи Јаков најмногу ги сакал. Самиот тој излегол прв пред нив и седумпати му се поклонил на Исав. Меѓутоа, стравот се покажал непотребен. Исав истрчал пред братот, го прегрнал силно, го бакнал и заплакал заедно со него. Тогаш Јаков му ги претставил своите жени и деца и го замолил да ги прими подароците што биле испратени напред. Сепак, познавајќи го нескротливиот карактер на Исав, Јаков и понатаму се плашел од него. Токму затоа, кога Исав му предложил на братот да одат заедно до градот каде што тој живеел, Јаков одговорил:
Со мали деца и со добитокот, јас не можам да одам толку брзо, како тебе. Оди напред, а јас ќе одам полека.
Исав пошол на пат и наскоро се вратил во својот дом, а Јаков странствувал во хананската земја (Бит. 33:1–16). Тој им заповедал на сите што биле со него да ги исфрлат сите идоли што биле кај нив, па да се исчистат. Потоа отишол во Ветил, „Домот Божји“, каде што го беше видел чудниот сон и каде што добил Божјо откровение. Таму направил камена статуа и ја полеал со масло, исто како што сторил пред многу години. А кога се враќале назад, Рахила, неговата сакана жена, го родила неговиот втор син (од неа втор). Меѓутоа, патувањето било тешко и таа починала. Јаков подигнал споменик над гробот на својата жена и тажно ја оплакал. Синот го нарекле Венијамин. Кога дошол Јаков кај својот татко Исак, тој веќе имал сто и осумдесет години. Наскоро Исак починал.
Смрт
[уреди | уреди извор]Кога дошло време Јаков да умре, тој го повикал кај себе Јосиф. Јосиф дошол кај татко си со синовите, и Јаков ги благословил Манасија и Ефрем. Потоа, тој ги повикал кај себе останатите свои синови и им претскажал што ќе се случи со нив и со нивното потомство во иднина. Тогаш Јаков ги благословил и зел заклетва од нив дека ќе го погребат во хананската земја. Кога Јаков починал, Јосиф им наредил на највештите египетски лекари да го балсамираат неговото тело. Таа работа траела четириесет дена. Уште цели седумдесет дена го оплакувале Израил во Египет. А кога изминал тој рок, Јосиф побарал од фараонот дозвола да го погребе татко си во земјата хананска, како што му ветил.
Јосиф и неговите браќа ги придружувале сите слуги на фараонот и старешините на Египет. Со нив биле и сите потомци на Израил, освен децата. Кога пристигнале кај Јордан, седум дена го оплакувале Израил поради што жителите на таа земја, Хананците, го нарекле тоа место „Плач египетски кај Јордан“. Потоа, телото на Израил го однеле во пештерата Махпела каде што бил погребан и Авраам (Бит. 48:1–50).[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Who Was Jacob in the Bible? Why Did He Wrestle With God?“. Christianity.com (англиски). Посетено на 2021-08-09.
- ↑ 2,0 2,1 Битие 32 | MK2006D Библија | YouVersion.
- ↑ Битие 25 | MK1990 Библија | YouVersion.
- ↑ Битие (1 Moj.) 29 | MKB Библија | YouVersion.
- ↑ Битие 30 | MK2006D Библија | YouVersion.
- ↑ Битие 48 | MK2006D Библија | YouVersion.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Јаков“ на Ризницата ? |
|
|